Македонија
Хелсиншкиот комитет повика на јавна осуда за ширењето меѓуетничка омраза

Хелсиншкиот комитет за човекови права со загриженост констатира дека државната прослава на годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор во организација на Владата, наместо да има обединувачки карактер, беше уште еден повод за ширење омраза и меѓуетничка нетрпеливост.
Од Хелсиншкиот велат дека најавата на водителката на македонски јазик, која беше исвиркана од страна на присутните, директно се коси со идејата за мултикултурен фестивал и предизвикува омраза меѓу етничките заедници во државата. Уште повеќе, како што додаваат, загрижува отсуството на осуда од страна на Владата, кое дополнително влијае на поларизацијата во општеството.
Хелсиншкиот комитет во континуитет го следи и реагира на говорот на омраза, кој е еден од главните фактори кои водат до злосторства од омраза. Притоа, етничката припадност години наназад доминира како најчест основ за говорот и делата од омраза, а најбројни извршители и жртви се младите луѓе. Токму затоа. Хелсиншкиот комитет смета дека јавната осуда е најмалку што може да го сторат политичките структури, особено во ситуација кога другите механизми за справување со овој феномен се практично нефункционални.
Се додава дека без јасна и недвосмислена осуда на лицата кои што ги разгоруваат меѓуетничките односи, несомнено се обесмислува и прославата за Охридскиот договор, во чиј дух е содржан соживотот, мирот и инклузивноста во општеството.
„Политичарите не смеат да го нормализираат говорот на омраза, затоа што така и самите придонесуваат во потхранување на атмосферата на поделби, тензии и дестабилизација. Хелсиншкиот комитет уште еднаш ја повикува Владата да ги осуди изливите на омраза и суштински да се посвети на социјалната кохезија во државата“, се наведува во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од денес пуштен во употреба магистралниот пат Охрид-Св.Наум, најави Владата

Македонија се гради. Денес официјално ќе биде пуштен во употреба магистралниот пат Охрид-Св.Наум во должина од 24,3 километри, најавуваат од Владата.
Вредноста на проектот за реконструкција на овој патен правец, како што е појаснето во официјалното соопштение изнесуваше 11,7 милиони евра.
„Ова значи дека по речиси 4 децении, не само охриѓани, туку голем број на граѓани ширум државата, но и туристи ќе можат да патуваат од Охрид до манастирскиот комплекс Св. Наум, но и до соседна Република Албанија, по нов патен правец.
Овие капитални проекти го подобруваат не само туристичкиот, туку и економскиот напредок и развој во Македонија.
Владата работи и создава дела за просперитет на Македонија“.
Македонија
Без вода дел од Кисела Вода

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, информира дека денеска поради изведување на водоводен приклучок на водоводна мрежа со пречник од Ф-150 мм на улицата Христо Татарчев бр. 47, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица и кулите – Расдник, oпштина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.
Македонија
Сончево и топло, максималната температура ќе достигне до 34 степени

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 19, а максималната ќе достигне од 27 до 34 степени.
Во Скопје, сончево и топло. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови времето ќе биде стабилно, претежно сончево и топло. Ќе дува умерен, во сабота наместа долж Повардарието повремено засилен северен ветер.