Македонија
Хелсиншки: Бараме одговорност за крајната небрежност на институциите во кратовскиот случај
По објавеното сведоштво за непостапување на институциите при спасување човечки живот на непристапен терен, Хелсиншкиот комитет за човекови права се обрати до општината Кратово и до Дирекцијата за спасување и заштита, со барање за информации за тоа кои дејствија ги презеле откако биле известени за несреќниот настан.
Случајот со јавноста го сподели лекарот Павле Зафиров, кој обидувајќи се да спаси човек со здравствен проблем, во завеано планинско место во близина на Кратово, тврди дека не добил помош од ниедна институција до која се обратил. По неуспешните обиди да добијат помош од надлежните општински власти, Зафиров, заедно со медицинскиот техничар и роднините на лицето, биле принудени сами да го пренесат до најблиската здравствена установа, по петчасовно движење низ екстремно стрмен и завеан предел.
Комитетот испрати и барање за вонреден инспекциски надзор до Државниот инспекторат за локална самоуправа, поради тоа што општината не ги преземала сите дејствија за кои е надлежна согласно Законот за заштита и спасување. Доколку контактираните институции навистина немале можност сами да спроведат акција за спасување на лицето, градоначалникот имал обврска да побара ангажирање на републичките сили за заштита и спасување, како што одредува членот 35 од овој закон.
Хелсиншкиот комитет инсистира на брзо расчистување на овој случај и бара одговорност од сите надлежни поединци и институции, кои не реагирале во една ваква животозагрозувачка ситуација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрана за камиони на неколку патни правци поради врнежи од снег
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на повисоките места, во западните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот, извести АМСМ
Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат на Попова Шапка, во Маврово и на планинскиот премин Стража. На планинскиот премин Буково врнежите се од дожд и снег.
Поради врнежи од снег воведена е забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Кичево преку планинскиот премин Стража, како и на патниот правец крак Маврово – Дебар.
На патниот правец Тетово – Попова Шапка е воведена забрана за сообраќај за автобуси, а за останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема.
Македонија
Делови од Илинден, Ѓорче Петров и Кисела Вода денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:30 до 13:00 часот дел од улицата 19 во населба Илинден, oпштина Илинден;
· во периодот од 08:30 до 14:00 часот дел од корисниците во населба Волково, поточно улиците: 95, 100, 101, 102 и 103, општина Ѓорче Петров;
· во периодот од 08:30 до 14:30 часот дел од корисниците на улицата Јустинијан Први во село Драчево, поточно делот од Маркет – Вајота кон село Студеничани, општина Кисела Вода;
· во периодот од 09:00 до 14:00 часот дел од улицата Герника, општина Кисела Вода.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-125мм на улицата Светозар Марковиќ бб, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Светозар Марковиќ и дел од булеварот Кочо Рацин, вклучително и објектот на Веро Џамбо, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

