Македонија
Хелсиншкиот комитет: Оправдано е граѓаните со закон да се обврзат на вакцинација
Хелсиншкиот комитет за човекови права смета дека е оправдано граѓаните со закон да се обврзат на вакцинација против болести чие спречување е во интерес на општеството.
Од таму велат дека задолжителната вакцинација, која е предвидена со член 33, став 2 од Законот за заштита на населението од заразни болести, во ниту еден момент не може да се доведе под сомнение дека е во спротивност со Уставот и основните човекови слободи и права.
„Ова особено се однесува на член 39, став 2 и член 40, став 3 од Уставот, каде што се предвидува дека граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите, како и тоа дека родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата. Од духот на уставните одредби јасно и недвосмислено произлегува дека во случај на одбивање на вакцинацијата од страна на родителите, тие не само што го загрозуваат здравјето на сопствените деца туку и здравјето на другите лица што поради медицински контраиндикации не се вакцинирани и на тој начин им го скратуваат правото на здрав живот. Заради обезбедување на наведеното право, Хелсиншкиот комитет за човекови права сметка дека е оправдано со закон да се обврзат граѓаните на вакцинација против болести чие спречување е во интерес на општеството“, се вели во правното мислење на Хелсиншкиот комитет во врска со забраната за упис на невакцинирани деца во училиштата.
Како што беше наведено во решението на Уставниот суд во врска со задолжителната вакцинација, редовната вакцинација е една од специфичните мерки на заштита од заразните болести.
„Нејзината задолжителност се утврдува само за одредени заразни болести и на определена возраст утврдена со календарот за имунизација за што има медицинско оправдување. Со редовната вакцинација не се штити само лицето што се вакцинира, туку се создава и колективен имунитет помеѓу населението што ја спречува циркулацијата на инфективните агенси. Последователно, заради заштита на здравјето на детето и правото на детето на здравје, судот во 2014 година оцени дека е оправдано на родителите да им се скрати правото на избор за невакцинација од причина што правото на здравје на детето е посилно од правото на избор на родителите“, велат од Хелсиншкиот комитет.
Според Комитетот, имунизацијата е една од најуспешните и најефикасни здравствени интервенции за заштита на здравјето на децата и со обврската за задолжителна вакцинација само за одредени болести, како што се сипаници, детска парализа, дифтерија, тетанус и пертусис, се спречуваат вистински и непотребни здравствени ризици.
Според Хелсиншкиот комитет за човекови права, обврската за задолжителна вакцинација претставува дозволено ограничување на фундаменталните човекови права на засегнатото лице со оглед на тоа што е неопходна мерка во демократската држава заради заштита на јавната сигурност, здравјето, правата и слободите на други лица.
„Во согласност со член 24 од Конвенцијата за правата на детето, која со закон е ратификувана од Република Северна Македонија, државите членки му го признаваат на детето правото на највисоко ниво на здравствена и медицинска заштита и рехабилитација. Државите членки настојуваат ниту едно дете да не биде лишено од правото на таква здравствена заштита и истовремено се залагаат за целосно остварување на ова право. Република Македонија како држава што ја ратификувала оваа Конвенција, исто така има обврска да ги применува одредбите од Конвенцијата. Оттука, условувањето упис на детето во основно училиште со приложување доказ за извршена вакцинација не претставува дискриминација од причини што ова претставува само еден вид механизам за заштита и осигурување на правото на детето на здравје. Родителите што би запишале дете во училиште што не ги примило потребните вакцини би ги повредиле правото на здравје на своето и на другите деца што одат во истото училиште, што значи дека задолжителната вакцинација определена со законот не претставува прекумерна мерка“, се вели во правното мислење на Хелсиншкиот комитет во врска со забраната за упис на невакцинирани деца во училиште.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Македонија
Андоновски учесник на најголемиот светски конгрес за мобилни оператори – MWC26 во Барселона: во фокусот проектот „Роаминг како дома“
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска е во работна посета на Барселона, Шпанија каде учествува на MWC26 (Mobile World Congress) – најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди и дигитални решенија во светот.
Во рамки на својата посета, министерот се задржа на лобирање за принципот „роаминг како дома“, со цел понатамошно унапредување на условите за граѓаните и бизнисите преку намалување на трошоците за роаминг и приближување кон европските стандарди.
Министерот Андоновски беше дел од GSMA Ministerial Programme, каде се дискутираше за клучни политики и приоритети поврзани со поврзливоста, дигиталната инфраструктура, безбедноста и идните мрежни технологии.
„Ова е најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди во светот. Заедно со претставници на Влади и претставници на приватниот сектор, разговараме за прашањата кои најмногу ги засегаат нашите граѓани и корисниците, а тоа за нас секако е проектот „Роаминг како дома“ – што значи цени како дома за користење на мобилни услуги, СМС пораки и интернет било каде во Европската Унија. Можам да кажам дека од владите и од нашите меѓународни партнери добиваме голема поддршка за овој проект, но и разбирање од големите телеком оператори“, истакна Андоновски.
Министерот додаде: „Во текот на денот имав можност да се сретнам со мобилни оператори кои се присутни во Македонија, но и со бројни светски производители на опрема, даватели на облак (cloud) услуги, каде што разговаравме за најважните прашања кои во моментов го засегаат секторот на дигитализација: изградба на дата центри, вештачка интелигенција, сајбер безбедност и целосна дигитална трансформација на општеството.“
Македонија
Сиљановска-Давкова со претставници на Фондацијата Роми за Европа и Ромскиот образовен фонд: образованието е клучен фактор на социјалната мобилност
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со Лолита Хасани Грасман, советник за институционална соработка и комуникација во Фондацијата Роми за Европа со седиште во Брисел и Реџепали Чупи, директор на Ромскиот образовен фонд за нашата држава и Србија, со седиште во Букурешт.
На средбата, соговорниците ја информираа претседателката за тековните активности насочени кон развој на вештини, образовни програми, зголемување на можностите за вработување и одржливо економско учество на Ромите.
Гостите изразија желба и надеж за соработка со Владата заради унапредување на економската инклузија на ромската заедница како и нејзино економско зајакнување. Исто така, беше најавено дека Ромскиот образовен фонд планира да отвори ХАБ центар во Шуто Оризари којшто ќе работи со деца, родители и наставници на дигитализација, нови методологии на учење и развој на вештини за идно вработување и лидерство.
Претседателката нагласи дека образованието е клучен фактор на социјалната мобилност, оти помага во градењето самодоверба и лидерство. Според неа, младите образовани Роми стануваат инспиративни модели во заедницата и носители и двигатели на позитивни промени. За неа, инклузијата во предучилишното и основно образование директно влијае врз понатамошниот успех на ромските ученици, бидејќи без квалитетно образование, можностите за пристојно и достоинствено вработување се ограничени.
Таа смета дека пристапот до образованието на децата Роми е приоритет, оти само преку рана и континуирана образовна вклученост, можеме да обезбедиме социјална интеграција, заштита од ризици и еднакви можности за иднината. Според претседателката, економската и образовната интеграција на Ромите е важна за општествениот развој, оценувајќи дека партнерството со меѓународните организации може да придонесе за зајакнување на нивните можности и шанси за долгорочна интеграција. Заедничките иницијативи се клучни за унапредување на положбата на ромската заедница и напредок, смета таа.

