Македонија
Хелсиншки комитет реагира на назначувањето нови директори во затворите
Владата на седница одржана на 15 декември го разреши в.д. директорот на Казнено-поправната установа Скопје, Есад Рахиќ, а за нов директор го назначи Филип Андов, советник на премиерот Заев, кој претходно работел како менаџер на локални барови. Во изминатиот период беше разрешен и директорот на Воспитно – поправниот дом „Волковија“ на негово барање, а за нов директор беше назначен Даниел Антовски, кој претходно работел како наставник.
Директорот на установата и неговиот заменик ги именува и разрешува Владата на предлог на директорот на Управата. Потребните услови кои треба да ги исполнува едно лице за да биде назначено за директор или заменик-директор на казнено-поправна установа се таксативно набројани во Законот за извршување на санкциите, а како еден од дополнителните услови е лицето да има најмалку седум години работно искуство, од кои четири години во областа на извршувањето на санкциите или сродни работи.
„Истражувачката репортерска лабараторија Македонија информира дека Филип Андов, кој е назначен за нов директор на КПУ Скопје, претходно бил советник на премиерот Заев за креирање политики кои се од посебен интерес на граѓаните на Град Скопје, додека паралелно тој професионално работел и како стопанственик во бизнис-секторот.
Оттука, се отвора прашањето дали компетенциите на новоизбраните директори одговараат на висината на задачата, а тоа е раководење со една од најголемите казнено-поправни установи и со единствената воспитно-поправна установа во државата. Лицата кои раководат со овие установи мора да имаат претходно искуство во областа на извршувањето на санкциите. Тие мора добро да ја разбираат проблематиката за да ја застапуваат установата, да се грижат за унапредување на правата на притворените и осудените лица, да одлучуваат за нивните погодности и обврски, за нивниот третман и работен ангажман со цел ресоцијализација и нивна понатамошна социјална интеграција во општествениот живот“, се вели во соопштението на Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници.
Во последниот период е нотиран некаков напредок во поглед на подобрување на условите и состојбите во казнено-поправните установи во Република Северна Македонија. Така, реконструирана беше најголемата казнено-поправна установа во државата – Идризово во чии нови нови објекти беа трансферирани голем број осудени лица. Заврши и реконструкцијата на КПУ Битола, со комплетно опремување на просториите во кои престојуваат осудените лица, а беше отворен и новиот објект на Воспитно-поправниот дом во општина Волковија. Покрај ова, не смее да се занемари фактот дека во некои установи сè уште постојат системски проблеми, кои се провлекуваат во оваа област подолг период. Пенитенцијарниот систем сè уште се соочува со големи тешкотии и предизвици, особено во поглед на материјалните услови, здравството, образованието и ресоцијализацијата на осудените лица.
„Години наназад апелираме на потребата да бидат назначени луѓе на раководните позиции во казнено- поправните установи кои не само што имаат експертиза и искуство во затворскиот систем туку се и сензибилизирани за потребата од унапредување и заштита на основните човекови права на осудените и притворените лица. Поставувањето несоодветни кадри е сосема спротивно на ваквите заложби и може да доведе до уназадување, наместо до унапредување на пенитенцијарниот систем во земјава“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Филипче: Ако Македонија е како Иран, дали Заев е ајатолахот?
ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој Македонија ја спореди со Иран и Венецуела.
По ваквата изјава од владејачката партија велат дека СДСМ е потоната во свој микро свет, во кој сите се лоши, а само тие се добри.
„Кој мисли дека му верува на Филипче кога кажува дека Македонија е како Иран? Ако Филипче вели Македонија е како Иран, дали со оглед на тоа што СДС беше на власт 7 години, а во влада скоро 9 со техничката, ова значи дека Заев е Ајатолахот, а Филипче неговиот прв проповедник?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На новинарско прашање во врска со отворената поддршка на Македонија кон САД за нападите кон Иран, лидерот на опозицијата кажа оти Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер треба да знаат дека во нашата земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат.
Елаборирајќи го својот став, тој ги повтори критиките дека Владата на чело со ВМРО-ДПМНЕ ја турка земјата кон изолација, дека преку вицепремиер во извршната власт има контакти со рускиот претседател Владимир Путин, како и дека целосно го партизира правосудството.
„Имаме власт и премиер којшто ја бутка земјата во изолација, притоа знаејќи дека во стратешки интерес на Соединетите Американски Држави е интергацијата во ЕУ и на нашата земја и на целиот регион“, рече Филипче.
Македонија
Пуштена во употреба реконструираната обиколница во Крива Паланка
Реконструираната обиколница во Крива Паланка е пуштена во употреба.
На настанот присуствуваше премиерот, Христијан Мицкоски, кој нагласи дека Владата продолжува со реализација на капитални инвестиции.

Тој посочи дека ваквите проекти претставуваат додадена вредност за граѓаните и за економијата и најави дека во наредниот период во Крива Паланка и во регионот ќе се реализираат инвестиции во вредност од неколку стотици милиони евра.
„Крива Паланка е влезна точка на делот од Коридорот 8 во Македонија“, рече Мицкоски, додавајќи дека меѓу приоритетите се третата фаза од железничката пруга, забрзување на втората фаза, како и нови патни делници кои ќе го заобиколат влезот во Куманово за сообраќајот кон исток.

Премиерот истакна дека Владата останува фокусирана на капитални инвестиции, при што како клучни ги наведе Коридорите 8 и 10, со приоритет на патничко, железничко и енергетско поврзување.
Мицкоски оцени дека инвестициите ќе придонесат за економски раст и ќе создадат услови за развој на локалните заедници, изразувајќи очекување дека дел од иселените граѓани ќе се вратат и ќе продолжат да живеат и работат во земјата

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој се обрати од настанот, рече дека со изградбата на експресниот пат Страцин–Крива Паланка, реконструкцијата на обиколницата и модернизацијата на граничниот премин Деве Баир целосно се развива источното крило на Коридор 8.
Тој посочи дека реконструкцијата на обиколницата, во должина од 4,5 километри, е инвестиција од 1,2 милиони евра и претставува значајно поврзување со Бугарија како витален дел од Коридор 8. Додаде дека во тек е модернизација и проширување на граничниот премин Деве Баир, при што првата фаза се очекува да заврши до јуни, а потоа ќе следи проширување на капацитетите.

Николоски нагласи дека во соработка со ЕУ се бара решение и за модернизација на делницата Страцин–Романовце, како и дека интензивно се работи на железничкото поврзување кон Исток. Потпишан е договор со Бугарија за прекуграничниот тунел, а се очекува Крива Паланка да биде поврзана со Скопје со дневна железничка линија.
Македонија
Кривични пријави за 10 возачи поради возење без возачка дозвола
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишиле од слобода 10 возачи, од кои пет лица за возење под дејство на алкохол, на територија на Куманово, Кривогаштани, Битола и двајца во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
-Исто така, четири лица се санкционирани затоа што управувале возило без возачка дозвола, на територија на тетовско, Гостивар, Гевгелија и Кавадарци. Еден возач е лишен од слобода поради возење со забрана за управување возило од Б категорија, и тоа во Скопје. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, посочува МВР.
Апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.

