Македонија
Хрватска го поддржува писмото за Северна Македонија, но нема да го потпише
Хрватска го поддржува писмото кое во врска со Северна Македонија и Албанија на Европската комисија ѝ го испратија министрите за надворешни работи на шест земји членки на Европската Унија, но не го потпиша, изјави државната секретарка во хрватското Министерство за надворешни и европски работи, Андреја Метелко-Згомбиќ.
Таа објаснила дека Хрватска не го потпишала писмото затоа што не е примерно како земја што набргу ќе претседава со ЕУ формално да се сместува во тие предлози.
„Нашите ставови остануваат исти, тие се доследни. Ја поддржуваме содржината на писмото, но како држава што набргу ќе го преземе претседавањето не е вообичаено формално да застанеме зад некој предлог“, рекла Згомбиќ, пренесува „Танјуг“.
Агенцијата „Хина“ пренесува дека таа навела оти Хрватска во текот на своето претседавање ќе се залага за да се донесе соодветна одлука во врска со отворањето преговори со Албанија и Северна Македонија.
„Сакаме да создадеме услови со цел во текот на нашето претседавање навистина да можеме да направиме позитивни чекори во таа насока. Секако дека постојат одредени забелешки за неефикасноста на самиот процес на проширување. Многу земји констатираа дека нема соодветен напредок во процесот на проширување“, рекла таа.
Австрија, Италија, Словенија, Словачка, Чешка и Полска до ЕК доставија писмо во кое изразуваат подготвеност да се ангажираат за подобрување на процесот за пристапување на земјите од Западен Балкан.
„Ќе работиме на тоа доколку се обезбеди ефикасна работа и доколку се обезбеди консензус внатре во ЕУ за отворање пристапни преговори за Албанија и Северна Македонија во март 2020 година“, се наведува во писмото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Бутел утре без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
(Видео) Се уриваат дискотеките во Градски парк, ќе се гради нов Луна парк
Старите дискотеки во Градскиот парк во Скопје ќе бидат урнати, а на нивно место ќе се изгради нов Луна парк, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Уривањето на дискотеките и расчистувањето на просторот веќе е започнато, а нема најава кога ќе почне изградбата на новиот Луна Парк.
Ѓорѓиевски објави видео на кое, како што вели, се отстрануваат старите бесправно изградени дискотеки, со што локацијата се подготвува за реализација на проектот – изградба на Луна паркот во Скопје.
„Ред мора да има! Се расчистува просторот за изградба на луна паркот. Старите бесправно изградени дискотеки во Градскиот парк заминуваат во историјата. Како што ветив, најдоброто за Скопје“, напиша тој.
Македонија
АХВ нема да постапува по анонимно поднесени претставки
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги информира физичките и правните лица дека согласно член 62 став 3 од новиот Закон за инспекциски надзор, кој е во сила од 01.01.2026 година, инспекциските служби на АХВ нема да постапуваат по анонимно поднесени иницијативи за спроведување на инспекциски надзор за прашања од делокруг на работењето на институцијата.
Постапувањето по иницијативите кои се уредно поднесени ќе се реализира согласно Процедурата за постапување по иницијативи за инспекциски надзор на АХВ.
Иницијативата може да се поднесе директно до АХВ преку контакт формата Поднесете претставка објавена на интернет страната на Агенцијата, електронски на [email protected], [email protected], како и лично во секоја подрачна единица на АХВ, на соодветен образец за поднесување иницијативи.
„Иницијативата задолжително треба да содржи назив на инспекцијата до која се поднесува, име, презиме и адреса на подносителот, односно, назив и седиште на правното лице, законски застапник или полномошник доколку го има, краток опис на повредата и назначување на субјектот кај кој се бара вршење на инспекциски надзор.
Доколку поднесената иницијатива е нецелосна или нејасна, таа ќе се врати до подносителот кој треба да ја прецизира/дополни во рок кој не подолг од 7 дена. Доколку подносителот не ја дополни иницијативата во определениот рок ќе се смета дека истата е повлечена“, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

