Македонија
ХТЗ-чизми за вработените во КЈП „Нискоградба“
За сите вработени во КЈП „Нискоградба“, невладината организација „Од рака на рака“ донираше ХТЗ-чизми со највисок квалитет, соопштија оттаму.
Задоволни од соработката што претходно ја оствариле при реализација на дел од проектите со вработените во ова јавно битолско претпријатие, од невладината организација од Шведска одлучиле да им донираат опрема со која вработените уште поквалитетно ќе можат да ги реализираат работните задачи, се наведува во соопштението.
„Голема благодарност до Томас и Марија, кои денес ни донираа ХТЗ-чизми за работниците. Се надеваме дека оваа соработка ќе продолжи и понатаму и во други области кои се важни за КЈП ‘Нискоградба’. Ние вршиме редовна набавка на ХТЗ-чизми за работниците и за останатите вработени, но со оваа донација ќе се направи одредена заштеда во нашето претпријатие и тие средства ќе ги пренамениме за други основни потреби за работниците и за нивната заштита при изведба на градежните работи на терен“, рече директорот на КЈП „Нискоградба“, Методи Силјановски.
Марија Русенгрен од невладината организација „Од рака на рака“ со задоволство ја промовираше денешната донација за вработените лица, во кои препознале искрена и вистинска помош при реализација на нивните проектни активности.
„Оваа донација ја изведуваме затоа што во 2017 година имавме потреба од помош во проектите коишто ги изведувавме во Заводот за деца со оштетен слух и говор ‘Кочо Рацин’ и наидовме на голем проблем, а вработените во ‘Нискоградба’ многу ни помогнаа. Тогаш јас ветив дека ќе се потрудам да најдам соодветни чевли кои ќе одговараат за нивната работа. Денес со гордост сакам да им ги предадеме чизмите на вработените, чизмите се специфични, од Шведска, со највисок квалитет и се наменски за овој тип работа. Им се заблагодаруваме на сите работници и на директорот од ‘Нискоградба’ за помошта, како и за поддршката од Општина Битола што ја добиваме за да можеме да ги реализираме проектите и да одиме понатаму со нашата работа“, истакна Русенгрен.
Денешната донација се состоеше од 32 пара ХТЗ-чизми, а во натамошната соработка се предвидуваат донации и за друг вид опрема, соопштија од битолското јавно претпријатие.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

