Македонија
Хусеин: Како институција ги почитуваме законските рамки и одговараме во согласност со нив
Заменик-министерот за труд и социјална политика, Енвер Хусеин, денеска се сретна со претставникот на коалицијата „Менуваме“, Суаред Алишан. На средбата разговараа за предлозите од коалиција „Менуваме“ во однос на покачувањето на додатокот за попреченост и негово врзување со просечната плата.
„Во изминатиот период донесовме антикризни мерки со кои на лицата со попреченост ќе им бидат доделени 3.000 денари за 4 месеци. Изминатата недела со измените на Законот за детската заштита беше зголемен посебниот додаток за 15 %. Како Влада и Министерство за труд и социјална политика постојано се залагаме за унапредувањето на животот на лицата со попреченост и со нашите постапки докажуваме дека имаме слух за нивните барања“, рече Хусеин.
Во однос на предлозите на Алишан, заменик-министерот Хусеин рече дека сѐ што влегува во законската рамка може да биде разгледано.
„Додатокот за попреченост се покачува во согласност со порастот на трошоците, тоа е законска рамка од која не може да се излегува. Министерството за труд и социјална политика ги креира своите политики и мерки во согласност со донесените закони“, изјави Хусеин.
Заменикот посочи дека како здруженија треба да ги усогласат барањата што ги имаат за лицата со оштетен вид и во согласност со барањата ќе може да се постапува.
На крајот од средбата заменик-министерот рече дека Министерството за труд и социјална политика е отворено за соработка и дека е секогаш тука за граѓаните и нивните потреби. Тој посочи дека најдоброто решение може да се донесе само преку континуиран дијалог, од кој придобивки ќе имаат корисниците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и на Стража
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, извести АМСМ.
Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на планинскиот превој Плетвар, а до 80 метри на планинскиот превој Стража.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.
Македонија
Без струја денеска дел од Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00-15:00 часот дел од улицата Тиквешка, улицата Нов Живот, улицата Индира Гранди, улицата Брсјачка Буна, улицата Овчеполска, улицата Пелагонија, улицата Демирхисарска, улицата Злетовска, улицата Слан Дол, улицата Хаџи Јован Шишков, општина Шуто Оризари.

