Македонија
Царинската спречи шверц на дрон, штеки со цигари, детски електрични автомобили
Во текот на минатата недела, царинските службеници открија неколку обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани цигари, фалсификувана стока, дрон, регистарска табличка и документи за камп-приколка.
Во два одделни случаи на граничните премини Богородица и Дојран запленети се 22 штеки цигари без акцизни маркички.
Во првиот случај, како што соопшти Царинската управа, запленети се 12 штеки цигари при контрола на камион-цистерна кој се пријавил за влез во државава на граничниот премин Богородица. Цигарите биле пронајдени во две ќеси сместени на горниот дел од цистерната во просторот околу отворот за полнење. Вредноста на цигарите изнесува 16.200 денари, а избегнати се давачки во износ од 27.195 денари.
Во вториот случај, на граничниот премин Дојран на влез во државава запленети се 10 штеки цигари при контрола на камион. Цигарите се пронајдени при преглед во кабината на камионот во најлонска ќеса. Вредноста на цигарите изнесува 6.480 денари, а избегнати се давачки во износ од 15.896 денари.
Мобилни тимови на влез во држвава на граничниот премин Блаце спречија обид за шверц на дрон марка MAVIC 2 ENTERPRICE со батерии, полнач и контролер со проценета вредност од 159.660 денари.
Во два случаи од страна на мобилните тимови запленети се разни прозиводи со ознаки на заштитени трговски марки.
Во првиот случај запленети се 15 детски електрични автомобили со ознаки на заштитени трговски марки кои се задржани поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост.
Во вториот случај запленети се 1.190 тетратки, 70 детски шатори и 1.390 играчки со ознаки на заштитени трговски марки, исто така задржани поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост.
При контрола на автомобил на граничниот премин Табановце на влез во држвава од страна на мобилните тимови, пронајдена е британска регистарска табличка и сообраќајна дозвола за камп приколка. Непријавените предмети биле пронајдени под патосницата зад совозачкото седиште и во задниот џеб на совозачкото седиште.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Безбеден град денес регистрираше 500 казни
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва преку објава на социјалната мрежа Фејсбук им порача на граѓаните дека треба да бидат горди на себе.
-Први февруари 2026 година, околу 20 часот. Има драстично намалување на бројката на сообраќајни прекршоци споредено со пред 2 месеци кога почнавме со тест периодот. Имаме околу 500 сообраќајни прекршоци констатирани од страна на паметните камери и сакам да укажам огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во рамки на сообраќајот зашто вие сте тие кои овозможивте драстично да се намали бројката за период од околу 2 месеци од 120 илјади прекршоци на 500, порача министерот.
Македонија
Сообраќајниот хаос во центарот ќе се намали за најмалку 30 отсто
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска официјално го означи почетокот на градежните активности на булеварот Македонија, проект за кој, како што рече, со години се зборувало, но без конкретна реализација.
Ѓорѓиевски истакна дека стартува првата фаза, која треба значително да придонесе за растоварување на сообраќајот во централното градско подрачје, со проекција за намалување на сообраќајниот метеж за најмалку 30 проценти. Првата фаза, според најавите, ќе се реализира во рок од 90 дена.
Тој најави дека веќе наредната недела ќе започне тендерската постапка за втората фаза, која ќе опфати изградба на два нови кружни текови и влез во подземна сообраќајница. Целта, како што рече, е да не се губи време и втората фаза да започне веднаш по завршувањето на првата.
Во рамки на првата фаза се предвидува проширување на дел од постојните сообраќајници, уредување на просторот, изградба на нова атмосферска канализација и поставување на 60 нови шахти, со што ќе се решава и проблемот со атмосферските води во овој дел од градот. Проектот вклучува и проширување на улицата „Пролет“, нов приклучок и крак кон булеварот „Борис Трајковски“, како и проширување и нов крак кон улицата „11 Октомври“.
Ѓорѓиевски изрази уверување дека по истекот на 90 дена ќе биде пресечена лентата за завршување на првата фаза и нагласи дека до крајот на неговиот мандат ќе вложи максимални напори, заедно со својот тим, целата сообраќајница со должина од околу два километри целосно да биде завршена. Проектот, според него, претставува еден од најзначајните за главниот град и дел од ветувањата дадени пред граѓаните.
На крајот, градоначалникот со симболична забелешка посочи дека речиси секој значаен проект што го започнуваат заедно со претседателот на Владата е проследен со дожд, што, како што рече, го доживува како добар знак и бериќет за брза и успешна реализација на градежните активности.
Македонија
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се скараа за дрогата која била набавена во Македонија
Опозициската СДСМ денеска со остро соопштение реагираше по заплената на околу пет тони дрога во Србија, наведувајќи дека наркотиците пристигнале преку Македонија и дека станува збор за, како што велат, „картелски скандал од огромни размери“.
Од СДСМ посочуваат дека меѓу уапсените лица има и косопственик на македонска фирма, што, според нив, отвора сериозни прашања за одговорноста на институциите и можната вмешаност на државни структури.
„Како е можно пет тони дрога да поминат преку македонската граница, а Владата да молчи? Без поддршка или затворање очи од структури во власта и институциите, ваков шверц е невозможен“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија:
СДСM прашуваат како поминала дрогата? Одговорите на овие прашања нека ги постават кај познатиот сопственик на фабрика за марихуана Зоран Заев, независно дали се наоѓа во Струмица или на трошење на пари во сигурниот Дубаи. Директен линк со него има Венко Филипче.

