Македонија
Царинската управа: Почнуваме амбициозен проект – нов едношалтерски систем што ќе ја олесни трговијата
„Почнуваме амбициозен проект за модернизација на процесите за издавање лиценци и дозволи што се користат при царинење со цел да се олесни трговијата, да се подобрат контролата и безбедноста на стоките и да се намалат трошоците за компаниите. Единствениот национален едношалтерски систем има цел да ги дигитализира процесите, така што македонското стопанство повеќе нема да поднесува документи до неколку органи, при што сите процеси за издавање дозволи ќе се одвиваат на едно место. Со воспоставување на новиот национален едношалтерски систем македонското стопанство ќе биде поконкурентно на меѓународниот пазар“.
Ова беше истакнато од страна на високи претставници на Царинската управа на третиот управувачки комитет за имплементација на новиот едношалтерски систем, а чиј претседавач е вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.
Досега се работеше на усогласување на функционалностите на системот, при што набргу проектот ќе се презентира пред бизнис-заедницата.
Воедно, беше потенцирано дека потребно е процесот да се одвива на највисоко ниво, со забрзана динамика од страна на сите гранични институции, сè со цел успешно спроведување на проектот што практично е дел од реформите за олеснување на трговијата и поттикнување на растот и вработеноста во државата. Имплементацијата на системот како дел од проектот на Светската банка за забрзување на транспортот и трговијата во Западен Балкан ќе овозможи забрзана интеграција во ЕУ, велат од Царинската управа.
Анастас Маженковски, помошник-директор на Секторот за информациски и комуникациски системи, рече дека новиот национален едношалтерски систем ќе им овозможи на стопанствениците и на трговците сите информации и податоци за увоз, извоз и транзит, наместо на неколку места, да ги поднесуваат на едно место, со што ќе заштедат средства и време.
На овој начин Царината и другите гранични институции ќе може колективно да ги користат податоците од овој систем, со што ќе се подобри меѓусебната соработка и ќе се подигне нивото на услуги кон македонското стопанство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одлуки за учество на припадници на Армијата на вежби во Германија, Бугарија, Косово
Владата на денешната седница донесе и повеќе одлуки на предлог на Министерството за одбрана, меѓу кои и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „BEYOND HORIZON 24“, во Република Бугарија, за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Combined Resolve 24-2“ во Сојузна Република Германија.
Македонија
Личните документи ќе можат да се подигнат и в среда, извести МВР
Во пресрет на претстојните Претседателски и Парламентарни избори што ќе се одржат утре, Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациона единица при МВР на 08.05.2024 ќе работат за издавање на лични документи со работно време од 08.00 до 19.00 часот.
„Исто така ги известуваме граѓаните дека сите барања за лични карти кои се поднесени до 03.05.2024 година, се веќе изготвени и граѓаните можат да ги подигнат“, соопшти МВР.
Македонија
Пронајдени три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми, ОЈО Велес отвори истрага за недозволено држење оружје
Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 на Кривичниот законик.
„При претрес во домот на осомничениот во селото Мелница, општина Чашка, полицијата пронашла поголемо количество оружје и муниција – три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми со различен калибар. За осомничениот поднесен е предлог за определување мерка притвор“, соопшти Обвинителството.
ОЈО Велес продолжува да постапува и да презема дејствија за проверка на сомненијата за изборен поткуп во однос на овој осомничен и на уште едно лице во велешко кај кое во текот на вчерашниот ден беа извршени претреси, се додава во соопштението.