Македонија
Царовска во Анкара: Создаваме образование за културните особености на сите етнички заедници во нашата земја
Наш приоритет е образование за секое дете. Создаваме услови за негување на интересите, потребите и културните особености на сите етнички заедници кои живеат во нашата држава, а посебно сме горди на интегрираноста на турската заедница во образованието, посочи министерката за образование и наука Мила Царовска на средбата со предесдателот на турското собрание, Мустафа Шентоп, во Анкара.
„Настава на турски јазик се реализира во повеќе основни и средни училишта, а турскиот јазик се изучува и во високото образование. Мултиетничката и мултилингвална средина придонесува учениците да се изградат во граѓани кои ќе живеат едни со други, а не едни покрај други“, додала Царовска заблагодарувајќи се за, како што рекла, несебичната поддршка на пријателскиот турски народ во досегашниот период.
Претседателот на турското Собрание, Мустафа Шентоп, истакнал дека Турција ќе продолжи да биде меѓународен партнер кој го поддржува напредокот на државата во сите сфери.
Посочил дека Северна Македонија и Турција имаат формализирано и ратификувано неколку протоколи за соработка во областа на образованието и за научно-техничка соработка, а се осврнал и на турскиот придонес во работата на образовните институции од сите нивоа во нашата земја, како и на поддршката за македонски студенти на универзитетите во Турција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кочани по трагедијата во Швајцарија: „Со вас сме, не како набљудувачи, туку како родители што ја носат истата рана“
Родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани упатија јавно сочувство до семејствата на жртвите во пожарот во швајцарски бар, наведувајќи дека веста за трагедијата повторно ја разбудила болката што никогаш не заминала.
„Веста нè врати таму каде што болката никогаш не замина — во моментот кога животот засекогаш се подели на ‘пред’ и ‘по’. Ние, семејствата на починатите во пожарот во ‘Пулс’ – Кочани, знаеме што значи ненадејно да ти се урне светот“, наведуваат тие.
Во пораката истакнуваат дека ја познаваат болката кога ќе остане столче, тишината што зборува погласно од зборовите и тежината на секој здив.
„Нашите мисли, молитви и срца се со семејствата на загинатите, со повредените и со сите кои ја носат оваа незамислива болка. Од срце сме со вас — не како набљудувачи, туку како луѓе кои ја носат истата рана“, порачуваат тие.
Пораката е објавена на Фејсбук, со апел дека во вакви моменти најважни се човечноста, солидарноста и подадената рака, како потсетник дека никој не треба да биде сам во болката.
Македонија
Во клубот во Швајцарија имало и еден македонски државјанин
Во клубот во Швајцарија во кој на новогодишната ноќ избувна пожар имало и еден македонски државјанин. Портпаролката на Владата, Марија Митевска, ја потврди информацијата и кажа дека засега нема повеќе детали.
„Последните информации кои ги добивме од надлежните институции се дека има една личност со македонско државјанство, меѓутоа во контакт сме со швајацарските власти и полицијата и очекуваме повеќе детали во однос на тоа, по што ќе ја информираме јавноста“, рече Митевска, одговорајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата во Владата.
Таа, исто така, кажа дека Владата преку министерствата стапила во контакт со претставници на Швајцарија и дека им е понудена помош.
Според неофицијални информации, во пожарот досега загинале 47 лица, а над 100 се повредени.
Македонија
Во декември 19.750 сообраќајни прекршоци, уапсени 132 лица
Во месец декември 19.750 сообраќајни прекршоци, лишени од слобода 132 лица за безобзирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик, соопшти МВР.
Во периодот од 01.12.2025-31.12.2025 како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 19.750 издадени платни налози, 4.256 прекршок се однесува на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење.
Лишени од слобода за безобзирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик биле 132 лица, од кои 109 за возење под дејство на алкохол, три за возење во забранет правец, 13 за возење со брзина поголема од дозволената во населено место, седум за возење со брзина поголема од дозволената надвор од населено место.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, во текот на месец декември евидентирани се 5.515 прекршоци за неправилно паркирање, 2.010 мерки се изречени за возачи што управувале возило без возачка дозвола, како и 728 санкции за возење под дејство на алкохол.
Од друга страна пак, а согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата санкционирани биле 19 возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем, а санкционирани се и 441 пешак. Исто така санкционирани се 1.136 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас. Согласно Законот за возила, 356 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а 187 заради техничка неисправност. Санкционирани се и 110 возачи поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата (фолии).
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, велат од МВР.

