Македонија
Царовска: Заводот „Демир Капија“ е институција чија трансформација е неопходна
Министерството за труд и социјална политика денеска организира средба во Заводот „Демир Капија“, на која присуствуваа министерката Царовска, заменик-министерот за локална самоуправа, Дејан Павлевски, и градоначалници и претставници на општините во кои постои можност за вклучување во првата фаза на деинституционализацијата.
Целта е општините да се подготват за спроведување на деинституционализацијата, која подразбира создавање социјални, здравствени, образовни и други услуги во самите локални заедници. Според Царовска, процесот не е едноставен, но сите вклучени страни треба да излезат во пресрет на потребите на нашите најранливи сограѓани и да ги почитуваат нивните основни човекови права.
Пред претставниците на општините беше презентирана нацрт-стратегијата за деинституционализација во која се дефинирани стратешките столбови на реформата: трансформација и затворање на институциите, преселба на корисниците во мали групни домови во општините, развој на услуги во општините и заедниците и спречување идна институционализација.
Настанот е организиран преку проектот за техничка помош за поддршка на процесот на ДИ во социјалниот сектор, финансиран од Европската Унија. Дебатите за реформата ќе продолжат во наредниот период со одржување серија регионални средби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се зголемува бројот на напуштени кучиња со активен микрочип
Јавното претпријатие „Лајка“ предупредува на континуиран и загрижувачки тренд на кучиња пронајдени на улица со активен микрочип, односно со јасно утврдени сопственици. И покрај тоа, дел од сопствениците одбиваат да ги преземат своите миленици, што создава дополнителен притисок врз капацитетите на прифатилиштето.
Од претпријатието наведуваат дека девет кучиња заловени во последниот период имале сопственици кои свесно ги напуштиле. Секое од овие кучиња, велат од „Лајка“, претставува потенцијален извор на нови легла на улица, што го зголемува бројот на напуштени миленици и проблемите за заедницата.
Во соопштението се посочува дека напуштањето миленик претставува кршење на Законот за заштита и благосостојба на животните, но дека не постојат прекршочни мерки што би ги санкционирале сопствениците кои свесно ги оставаат чипираните кучиња да талкаат. Овој системски недостаток, додаваат од претпријатието, доведува до тоа ваквите животни да завршуваат во „Лајка“.
Од претпријатието истакнуваат дека секој сопственик има етичка обврска да се грижи за миленикот и, доколку повеќе не може, да побара помош, да најде нов дом или да контактира прифатилиште, но не и да го остави кучето на улица.
ЈП „Лајка“ нагласува дека ќе продолжи да постапува во рамките на своите надлежности, но дека ситуацијата со напуштени чипирани миленици покажува колку е потребно подобрување на системските решенија и јакнење на свеста за одговорно сопствеништво.
Македонија
(Видео) Исмаил: Левица предложи амандман за зголемување на породилното отсуство од 9 на 12 месеци, власта го одби
На Комисијата за финансирање и буџет, пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, го образложи амандманот на пратеничката група со кој се бараше зголемување на ставката за трансфери кон Фондот за здравствено осигурување, а со цел да се создадат услови породилното отсуство да се продолжи од сегашните 9 на 12 месеци.
„Ова е и препорака на Светската здравствена организација. Првата година од животот на детето е клучна за неговото здравје и неговиот понатамошен развој,“ истакна пратеникот од Левица.
Тој посочи дека продолжувањето на породилното има силно позитивно влијание и врз здравјето на мајките. „Истражувањата покажуваат дека колку е подолго породилното отсуство, толку се помали случаите и на постпородилни ризици”, истакна тој.
Во своето обраќање тој потсети и на честата реторика на власта за наводна грижа за наталитетот. „Ако навистина сте загрижени за демографијата, очекувам поддршка бидејќи ова е директна стимулација“, порача пратеникот, но амандманот со којшто се предлагаше зголемување на средствата за да се обезбеди подолго породилно отсуство – беше одбиен без контрааргументи и образложение, велат од партијата Левица.
Инаку, Левица и претходно имаше поднесено Предлог-закон за зголемување на породилното отсуство од 9 на 18 месеци, којшто беше одбиен без какво било образложение од страна на владејачкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ, додаваат од партијата.
Македонија
Општина Бутел продолжува со асфалтирање на улиците во Визбегово
Општина Бутел информира дека продолжува со активностите за асфалтирање на улиците во населеното место Визбегово.
„Локалната самоуправа продолжува со силна динамика да ја подобрува патната инфраструктура во сите населени места во општината. Овие активности се реализирани преизборни ветувања на градоначалникот Дарко Костовски“, велат од општината.
Во тек е реконструкција и асфалтирање на вкупно 70 улици, со инвестиција од 150 милиони денари. Проектите имаат за цел унапредување на сообраќајот и зголемување на безбедноста на жителите.

