Македонија
Царовска: Семејствата да ги отворат своите домови за бебињата од „Мајчин дом“ – Битола
Забрзана динамика на излегување на децата од големите институции, особено на бебињата од „Мајчин дом“ – Битола, е фокусот за годинава на Министерството за труд и социјална политика во процесот на деинституционализација. Освен „Мајчин дом“, набргу целосно треба да биде трансформирана и установата „Бања Банско“, а корисниците сместени во станбени единици ќе добијат поддршка за самостојно живеење.
Ова беше договорено на денешниот координативен состанок на кој беше презентиран планот за деинституционализација за следниот период. На состанокот присуствуваа министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, в.д. координаторот на агенциите на ОН и претставник на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс, како и претставници од европската делегација.
„Раното учење е најважно за понатамошниот развој на децата. Затоа, ќе направиме сѐ за што повеќе бебиња од институциите да заминат во згрижувачки семејства каде што ќе добијат топол дом, нега и љубов. Затоа, нашата цел како Влада што се грижи за секој во општеството годинава е ‘Мајчин дом’ целосно да се трансформира. Со заедничката кампања со УНИЦЕФ имаме создадено одлична база на над 100 згрижувачки семејства, кои ќе се грижат за децата и верувам дека и други семејства ќе го отворат својот дом“, рече министерката Царовска.
Претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс, истакна дека тие како партнери даваат силна и безрезервна поддршка на целиот процес на деинституционализација.
„Во 2018 беа постигнати одлични резултати во процесот на деинституционализација и ја поздравувам одлуката што оваа година фокусот ќе биде ставен на забрзување на реформите за деца под 3 години. Без разлика колку се посветени, грижливи и професионални, вработените во институциите не може да го дадат она внимание што е потребно за да им се помогне на децата во најкритичните години од нивниот развој. Само опкружување слично на семејното може да му даде на детето чувство на сигурност, идентитет, припадност и љубов, кои му требаат за да напредува“, рече Перкс.
Во изминатиот период бројот на деца до 18-годишна возраст сместени во институции е намален 60 отсто. Во Специјалниот завод „Демир Капија“ повеќе нема деца на возраст до 18 години, а целосно се трансформирани и домовите „11 Октомври“ и „25 Мај“. Децата се сместени во мали групни домови во Скопје, Неготино, Тимјаник и во Штип, а некои се удомени кај згрижувачи.
Целата на Министерството за труд и социјална политика е да ги трансформира големите институции за што Владата усвои Национална стратегија за деинституционализација 2018-2027 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.

