Македонија
Царовска: Со дигитализацијата ќе изградиме современ и конкурентен образовен систем
Министерката за образование и наука, Мила Царовска, денес учествуваше на онлајн-дебата за дигитализацијата на образовниот процес, која е неопходна во време на пандемијата на Ковид 19. На дебатата учествуваше и претседателот на државата, Стево Пендаровски.
„Можеби процесот на дигитализација кај нас е почнат, но треба да се интензивира. Затоа што времето бргу истекува и доколку не го фатиме чекорот со овој глобален процес, тогаш многу ќе заостанеме во трката по квалитетно образование за нашите сегашни и идни генерации ученици“, рече Царовска.
Министерката истакна дека основната нејзина цел, но и на Владата, е да изгради современ и конкурентен образовен систем на среден рок, кој ќе биде флексибилен и лесно приспособлив на секоја нова промена со која се соочува општество или воопшто светот.
„Во таа насока сакам да информирам дека покрај низата реформи што ги предвидува новата 4-годишна програма за работа на Владата која, пак, веќе се детализира од страна на секоја институција, вклучително и од страна на институцијата за која добив мандат да ја раководам во делот на образованието и науката, еден од приоритетите е и дигитализацијата на образованието за што ќе се изготви и национална стратегија за дигитализација на образовниот систем“, рече Царовска.
Царовска рече дека креираат единствена национална платформа за далечинско учење. И со задоволство може да кажам дека веќе ја имаме првичната нацрт-верзија на оваа платформа, која можеби со мали дополнувања и минимални корекции врз база на сугестии од крајните корисници, ќе стане конечна и применлива до почетокот на учебната година. Јас веќе ја разгледав, лично ми се допаѓа и сметам дека ќе биде лесна за употреба и ќе ги задоволи очекувањата и потребите на сите што ќе треба да бидат поврзани со неа, првенствено на учениците и наставниците.
„Многу важно во овој процес е и обезбедувањето дигитални учебници. Во заеднички дијалог со издавачките куќи и авторите на учебниците ќе работиме на што поголема застапеност на учебниците во електронска форма“, рече Царовска.
Трибината на тема „Дигитализација и образование“ ја организира Здружението за едукација, комуникации и консалтинг ОХО од Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

