Македонија
Царовска: Со новиот закон обезбедуваме учебници во аудиоформат и со Брајово писмо
Правото на образование е основно човеково и уставно загарантирано право на секој поединец и тоа мора да му биде овозможено. За актуелната Влада и МОН, оваа цел е врвен приоритет и ние сме максимално насочени кон обезбедување целосно инклузивно образование. Ова го истакна министерката за образование и наука, Мила Царовска, на онлајн-средбата со здруженијата на родители на деца со атипичен развој, која денес беше организирана со цел да се чујат размислувањата во однос на образовниот систем и неговата инклузивност, како и во однос на искуствата, предизвиците, проблемите, но и да се предложат можни решенија од страна на родителите за подобрување на образовниот процес во тој дел.
Осврнувајќи се на новото законско решение за изработка и употреба на учебници, Царовска истакна дека за да бидат учебниците и другите наставни и дидактички материјали достапни за учениците со попреченост, нивната електронска форма треба да ги задоволи стандардите за е-пристапност.
„Во новиот Закон за учебниците обрнуваме особено внимание на пристапноста и на достапноста на наставниот материјал. За учениците во основното образование, учебниците задолжително ќе се поставуваат и во аудиоформат на интернет-платформата, а за учениците со оштетен вид Министерството за образование и наука ќе обезбедува учебници испечатени со Брајово писмо. Исто така, со поддршка на УНДП во тек е подготовка на читач за екрани на македонски и албански јазик, кој треба да биде готов до септември 2021 година“, посочи Царовска.
Советникот во МОН задолжен за следење и унапредување на процесот на инклузија, Душан Томшиќ, истакна дека Министерството првпат системски ја воведува услугата образовна асистенција како еден од предусловите за обезбедување инклузивно образование. Образовната асистенција ќе се испорачува во согласност со Законот за основното образование, ќе се финансира од буџетот на РСМ, односно преку буџетот на МОН за 2021 година, за што се обезбедени финансиски средства во висина од 59 милиони денари.
Информира и дека во соработка со Канцеларијата на УНИЦЕФ во мај почнуваат обуките на кадарот во посебните училишта, односно тренинг за тренери за образовни асистенти, кои понатаму треба да ја спроведат обуката на образовните асистенти што ќе бидат селектирани. Во наредниот период ќе се одржат и обуки за наставниците во чии паралелки ќе бидат вклучени овие ученици.
На состанокот беше посочено и дека во согласност со новиот Закон за основното образование, специјалните училишта, односно училиштата во кои се воспитуваат и образоваат ученици со попреченост, добиваат и дополнителна дејност, односно се трансформираат во ресурсни центри, со што ќе се овозможи мобилност на веќе постојниот искусен кадар да дава поддршка на инклузираните ученици, како и на инклузивните тимови во редовните училишта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

