Македонија
Отворен новиот дел од градинката во Јурумлери
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски, денеска го отворија проширениот дел од градинката „Морковче“ во Јурумлери.
„Како Влада посветено работиме на зголемување на опфатот на деца во предучилишно образование за 50 отсто за што забрзано се зголемуваат капацитетите во детската заштита. На овој начин преку инвестициите во градинките инвестираме во раниот детски развој, а со тоа и во иднината на нашата држава. За идната година во буџетот издвоивме 105 милиони денари за реконстрикција, опремување и изградба на детски градини, а изминатите две и пол години инвестиравме над 180 милиони денари и обезбедени се дополнителни 15 милиони евра од Светската банка за изградба на градинки“, рече Царовска.
Министерката истакна дека освен што се зголемуваат капацитетите, се работи на подобрување на воспитните програми и на јакнење на кадарот што се грижи и ги воспитува децата.
Градоначалникот на Гази Баба истакна дека градинката „Морковче“ во Јурумлери, конечно, го доби потребниот капацитет за децата.
„Доградбата на новата занимална од 74 квадратни метри овозможува сместување за 24 деца, а канцеларискиот простор што не се користеше го пренаменивме во јасли, со капацитет за нови 22 деца, а со тоа се доби уште една дополнителна занимална. Оваа градинка сега располага со капацитет за 120 деца, кои ќе бидат поделени во групи, соодветни на секоја возраст, можност што досега ја немаа“, рече Георгиевски.
Општина Гази Баба за оваа намена издвои 2,5 милиона денари, а со 500 илјади денари од Министерството за труд и социјална политика е опремена градинката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Албанската опозиција денес наликува на стар шатор што се кине штом ќе задува ветер“, велат од „Влен“
„Албанската опозиција денес наликува на стар шатор што се кине штом ќе задува ветер. Она за што ВЛЕН предупредуваше долго време, денес стана реалност. Селотејп коалицијата наречена НАИ е најголемата политичка измама во последните години. Последователните заминувања и внатрешниот хаос јасно покажуваат дека овој проект не е изграден за Албанците, туку за лични амбиции спакувани со ПР трикот на „референдумот“ за фрлање пепел во очите на Албанците“, велат од „Влен“.
„НАИ не функционираше ниту еден ден како сериозна опозиција. Денес се распаѓа во очите на јавноста, камен по камен, бројка по бројка. Заминувањето на Мендух Тачи, заминувањето на Арјанит Хоџа, Кренар Љога и напуштањето на Зијадин Села се само симптоми на структура изградена врз интересите на поединците, а не врз интересите на граѓаните.
ВЛЕН не се радува кога другите се уништуваат, но е јасно дека опозицијата што се распаѓа на парчиња му штети на политичкиот систем и ги остава граѓаните без алтернатива. Албанците заслужуваат сериозност, а не неуспешни експерименти со селотејп“, соопштуваат од „Влен“.
Македонија
Дел од Кисела Вода денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 10.00 до 13.00 часот, корисниците од улиците Михаил и Ефтихиј и Георги Димитров. (општина Кисела Вода)
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), со услови за невреме со појава на грмежи и силен ветер. Во текот на денот ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 12, а максималната ќе достигне од 13 до 19 степени.
Во Скопје, променливо облачно, во делови од котлината со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Во деновите од викендот ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Во сабота наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), локално со услови за невреме со силен ветер и појава на грмежи. Во недела поради продор на постудена воздушна маса на повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Во понеделник и вторник ќе има стабилизирање на времето, а утринската температура значително ќе опадне.

