Македонија
Цветановска: Стевчо Јакимовски ги уништи Карпош 3 и Карпош 4, ќе повика ли Маја Мојсова во вториот круг да се гласа за него?
Кандидатката за советник во Советот на Општина Карпош од ВМРО-ДПМНЕ, Благица Цветановска, изјави дека актуелниот градоначалник Стевчо Јакимовски ги уништил Карпош 3 и Карпош 4.
„Стевчо Јакимовски ги уништи Карпош 3 и Карпош 4, нема нови зелени површини, нема нови паркинг места, нема нови содржини,“ изјави Цветановска.
Таа потсети дека „во Карпош 3, во Лептокарија, вети подземен паркинг со фонтана и шеталиште над паркингот – инвестиција која ја најавуваше како најголема и најважна во неговиот мандат. Од тоа има само едно големо ништо“.
„И во Карпош 3 и во Карпош 4 зелените површини ги уништи, а нови не направи. Стевчо Јакимовски го бетонизираше Карпош 3 и Карпош 4, а вети нов парк, детско игралиште, нов скејт-парк и центар за старт-ап фирми,“ додаде таа.
Во изјавата Цветановска ја спомена и кандидатката на СДСМ, Маја Мојсова, за која рече:
„Маја Мојсова, која од СДС е поставена како статист на овие избори, треба да служи само како мост за префрлање на гласовите на карпошани во вториот круг на контото на Стевчо Јакимовски. Истиот оној Стевчо Јакимовски кој го уништи Карпош 3 и Карпош 4.“
„Маја Мојсова игра улога која на овие избори и ја даде Венко Филипче и Зоран Заев,“ додаде Цветановска, прашувајќи „дали ќе биде послушник на мафијата и ќе повика да се гласа за Стевчо Јакимовски, а со тоа и за нова и продолжена бетонизација на Карпош.“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бензините поскапуваат, дизелот поевтинува
Од ноќеска на полниќ, цената на бензините ќе се намали за половина денар, додека дизелот ќе поевтини за половина денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 25.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 75,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 77,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 73,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,865 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,756 ден/кг и сега ќе изнесува 34,865 ден/кг.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ поднесоа иницијатива за формирање анкетна комисија за пожарите во Кочани и Тетово и за несреќите на „Дурмо турс“ и „Беса транс“
Пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ поднесоа Иницијатива за формирање анкетна комисија за утврдување на околностите во постапувањето на институциите за трагедиите и несреќите во Република Македонија, изјави пратеникот Бојан Стојаноски.
Тој појасни дека анкетната комисија ќе има за цел утврдување на одговорност на функционери, носители на јавни функции и други поврзани лица, како и да ги утврди околностите за постапувањето на институциите за следните трагедии и несреќи: пожарот во „Пулс“ во Кочани, пожарот во модуларната болница во Тетово, сообраќајната несреќа на „Дурмо Турс“ во Ласкарци и сообраќајната несреќа на „Беса Транс“ во Бугарија.
„77 – те потписи се доказ дека ние не сакаме да ги политизираме овие трагични настани туку сакаме да помогнеме засегнатите да добијат правда. Сите прашања мораат да бидат одговорени, а сите случаи треба да го добијат неопходниот епилог. Анкетната комисија ќе се формира врз основа на член 124, став 5 од Деловникот на Собранието. Ќе ја сочинуваат 15 членови и нивни заменици, од кои: седум членови ќе бидат предложени од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, два од пратеничката група СДСМ, два члена од пратеничката група ЕВРОПСКИ ФРОНТ, два члена од пратеничката група на ВРЕДИ, еден член од пратеничката група на ЗНАМ и еден член од пратеничката група на ЛЕВИЦА. Со неа ќе претседава пратеник од редовите на опозициските партии“, рече тој.
Стојаноски појасни дека форматот, односно составот е клучната разлика што ја прави оваа комисија деловничка и легитимна, за разлика од некои други обиди во минатото.
„Комисијата ќе изготви наоди кои ќе бидат основ за поведување на постапка за утврдување на одговорност на сите инволвирани кои придонеле кон случување, односно не придонеле кон спречување на овие трагични настани. Секоја пратеничка група има право да предложи листа од сведоци и експерти. Секој сведок или експерт поканет да даде изјава пред Анкетната комисија има обврска да се појави пред пратениците. Притоа, комисијата ќе изготвува извештаи кои ќе се доставуваат до Владата на Република Македонија и Јавното обвинителство“, рече тој.
Стојаноски ги повика пратениците и од другите политички партии да се приклучат кон оваа иницијатива.
Македонија
Промовиран Ресурсниот центар за развој на општините
Министерството за локална самоуправа денеска беше домаќин на настанот за промоција на Ресурсниот центар за развој на општините. На настанот свои воведни обраќања имаа ресорниот министер, Златко Перински, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, генералниот секретар на Владата Игор Јанушев, Амбасадорот на Швајцарија Кристоф Зомер и постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации –УНДП, Армен Григорјан.
„Владата има програма, а Министерството за локална самоуправа работи на реализација на конкретни мерки. Градиме концепт за синергија на сите расположливи ресурси во државата кои ќе бидат ставени во функција на општините. Ресурсниот центар е местото кое што ги адресира потребите на општините, начините за нивно решавање, местото кое што ќе понуди експертиза за секој нов предизвик“, нагласи Перински.
На настанот, покрај градоначалниците, присуствуваа и ректорката на УКИМ, главниот државен ревизор, експерти од различни области, претставници на донаторски организации и други државни институции.
„Овој центар не е само нова институционална структура. Тој е јасен доказ дека Македонија ја гради својата иднина врз темели на современо управување, транспарентност и ефикасност. Проектот има за цел да ги адресира длабоките системски предизвици, преку подобрено управување, унапредени институционални капацитети и развој на одржлива инфраструктура. Тоа не се технички реформи, тоа е визијата на држава што сака да биде модерна, функционална и ориентирана кон резултати“ , истакна Мицкоски.
Швајцарија е партнер во поддршката на процесите на децентрализацијата и регионалниот развој во Македонија, со цел секој граѓанин каде и да живее и без разлика на неговите околности да има пристап до можности, услуги и подобар квалитет на живот. „Додадената вредност од нашата соработка не произлегува само од финансиската поддршка, туку и од принципите и нормите врз кои се темелиме: инклузивност, транспарентност, отчетност и одржливост. Заедно настојуваме да обезбедиме реформите да не бидат привремени решенија, туку трајни трансформации кои ги зајакнуваат институциите и луѓето. Овој Ресурсен центар е јасен пример за тие вредности.“, истакна амбасадорот Зомер.

