Македонија
Истражување на Центарот за граѓански комуникации: „Клучни играчи и конкуренција во јавните набавки во здравството“
Центарот за граѓански комуникации денес го објави истражувањето „Клучни играчи и конкуренција во јавните набавки во здравството“ во периодот од 2015 до 2024 година.
Според нивното истражување:
» Во последната деценија вредноста на јавните набавки во здравството е повеќе од двојно зголемена, а бројот на фирми што добиле тендер пораснал само 12 %, што укажува на концентрација на средствата кај ограничен број доставувачи;
» Со растот на вредноста на тендерите уделот на десетте најголеми носители на договорите за јавни набавки се намалил од 62 % во 2015 на 49 % во 2024 година, што укажува на умерено намалување на концентрацијата;
» Две компании – „Алкалоид конс“ и „Д-р Пановски“ – во последната деценија ја зацврстиле својата доминација во јавните набавки во здравството и сега контролираат една четвртина од вкупната вредност на тендерите во овој сектор. Нивниот удел се зголемува на третина ако се анализираат само набавките на лекови, медицински потрошен материјал и опрема;
» Повеќе од половина од набавките во здравството во изминатата деценија им припаднала само на 10 фирми што добиле тендери во вкупна вредност од над 1 милијарда евра;
» Во текот на годините расте вредноста на тендерите што најголемите десет доставувачи во здравството ги добиваат во постапки во кои биле единствени понудувачи и немале конкуренција. Просечно гледано, ако пред 5 години најголемите фармацевтски компании немале конкуренција во третина од вредност на договорите (33 %), сега ја немаат во повеќе од половина од склучените договори (55 %);
» Отсуството на конкуренција ги концентрира богатството и влијанието меѓу мала група доминантни играчи и доведува до зголемени цени, намален квалитет на здравствените услуги за пациентите и намалена разновидност на лекови;
» Гледано по програми, во набавката на лекови и на потрошен материјал за третирање дијабетес доминира компанијата „Феникс фарма“, во програмата за имунизација на населението „Алкалоид конс“, а во програмата за ретки болести „Алкалоид конс“ и „Д-р Пановски“. Во тендерите за набавка на реагенси и тестови, пак, доминираат „Авицена“ и „Биотек“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Изминатата седмица санкционирани 𝟣𝟤𝟥 непрописно паркирани возила на територија на општина Центар
ЈП Паркинзи на Општина Центар во периодот од 15.12. до 21.12.2025 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 123 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, известува ПОЦ.
„За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ во наредниот период ќе продолжи со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот“, соопшти ПОЦ.
Македонија
Општина Аеродром со нова алатка за директна оцена на нејзината работа од граѓаните
Општина Аеродром воведува нов, транспарентен и целосно анонимен начин преку кој граѓаните ќе можат да дадат оцена и мислење за квалитетот на работењето на Општината, како и за работата на секој вработен поединечно.
„Целта на оваа иницијатива е директно вклучување на граѓаните во процесот на унапредување на локалната самоуправа, преку идентификување на позитивните практики, како и на областите во кои постои простор за подобрување. На тој начин, Општина Аеродром се стреми кон поефикасно, поодговорно и поотворено институционално работење.
Анкетата е кратка, трае помалку од една минута, целосно е анонимна и при нејзиното пополнување не се прибираат лични податоци. Граѓаните можат да учествуваат со скенирање на QR-кодот поставен на официјалните информативни банери, по што се отвора кратка анкета што се пополнува со неколку клика“, велат од општина Аеродром.
„Секоја оцена, мислење и искуство од граѓаните ќе послужи како значајна основа за унапредување на услугите и за подобрување на вкупниот квалитет на работењето на општина Аеродром.
Општина Аеродром изразува благодарност до граѓаните за укажаната доверба и за активното учество во процесите што придонесуваат кон развој на поодговорна и сервисно ориентирана локална самоуправа“, се додава во соопштението на општина Аеродром.
Македонија
Прекинат прагот на алармирање, престануваат да важат мерките и препораките за загадувањето
Прекинат прагот на алармирање, престануваат да важат мерките и препораките за загадувањето, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Во согласност со податоците од Државниот автоматски мониторинг-систем на 22.12.2025, среднодневните концентрации на ПМ 10 се под дефинираниот праг на алармирање од 150 mg/m3 и епизодата со надминување на прагот на алармирање за ПМ 10-честички е прекината во Скопје и Струмица“, се наведува во соопштението.
Од Министерството велат дека мерките и препораките за надминат праг на алармирање се прекинуваат.

