Македонија
Централниот одбор на ДУИ усвои политичка платформа за поддршка на референдумот
Членовите на Централниот Одбор на Демократската унија за интеграција на седницата одржана вчера во Скопје едногласно донесоа политичка платформа со која го поддржуваат референдумот со цел интеграција во НАТО и ЕУ.Тие изразуваат благодарност за помошта и поддршката што НАТО и ЕУ и ја дадоа на нашата земја во сите фази од процесот за членство.
,,Свесни за важноста на овој заеднички предизвик и определени да ги исполниме сите обврски во овој процес, членовите на Централниот Одбор на Демократската унија за интеграција на седницата одржана на 31 август во Скопје, потврдувајќи дека нашето општество се наоѓа пред клучни моменти кога е потребна храброст и одлучност, ги потврдуваме политичките определби и истакнатите демократски вредности во политичката декларацијата за основањето на ДУИ, констатираат дека евроатлантскиот курс на Македонија и на регионот е единствена алтернатива за заедничката иднина на Македонија и регионот”, се вели во усвоениот документ.

Партијата исто така цени дека евроатланската интеграција е целосно во духот на Охридскиот договор и придонесува во здравите меѓуетнички односи, добрите односи со соседите, одржлив мир, стабилност и безбдност, еднаквост, општествена благосостојба и економски развој. Од ДУИ истакнуваат дека референдумот од 30 септември е референдум за интеграција на Македонија во НАТО и Европската Унија и ја подвлекуваат гео-политичката важност на процесот за проширување на НАТО и ЕУ како за земјите кандидати или аспиранти, така и за НАТО и ЕУ.
Партијата исто така цени дека референдумот од 30 септември е определба за подобро демократско општество, со целосно владеење на редот и законот како и со беспоштедна борба против корупцијата и организираниот криминал.

,,Нашето општество е пред заокружување на нашите дводецениски напори за целосна интеграција на земјата таму каде што припаѓаме како исполнување на напорите на многу генерации низ годините. На 30 септември, постојат само две опции, едната е за европска Македонија додека другата е против. Без двоумења и со неспоредлива посветеност, Демократската Унија за Интеграција со сите свои капацитети, ќе се ангажира за успехот на референдумот и победа на прогресивните сили во земјава”, се додава во документот.
Партијата го упатува Централниот штаб на ДУИ, заедно со лидерот на партијата, да дејствува во согласност со огромното мнозинство на Албанците и другите граѓани во кампањата „ЗА” и да соработува со политичките партии, организациите на цивилното општество, академската заедница, создавачите на јавното мислење, интересните групи и медиумите во кампањата за Европа и за НАТО.
Исто така ги обврзуваат сите органи на ДУИ да дејстуваат во согласност со определените обврски во основачките документи на партијата и во политичката програма подржувана од граѓаните на слободни и демократски избори како и во согласност со инструкциите на Централниот штаб на партијата.
Тие ја повикуваат и албанската и македонската опозиција да им се приклучи на заедничкиот успех, бидејќи од постројувањето на нашата земја во Брисел придобивка има државата и граѓаните, придобивка има и опозицијата. Исто така, ги повикуваат тие што се уште се двоумат и ги калкулираат нивните позиции за дневно политички потреби, да се надминат себеси и да застанат заедно со прогресивните сили во земјата.
Истровремено, ја констатираат и неопходноста од реформите, владеењето на правото и еднаквоста на законот како и потребата за транспарентност и апсолутно независно судство како предуслов за евроатланската интеграција. Партијата смета дека заедничкото дејстување за интеграцијата на земјата во НАТО и ЕУ е пример за консенсуалната демократија, во согласност со духот на Охридскиот договор и Уставот, што претставува системско решение и единствена форма за функционално и ефективно практикување на власта во нашата земја.
ДУИ апелира до дијаспората како носител на процесите за промени во земјата да дојде во Македонија на 30 септември и да го поддржи референдумот за интеграција на земјата во НАТО и ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Роџер – терапевтскиот лабрадор кој им носи смиреност и поддршка на пациентите на Клиниката за психијатрија
ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија – Скопје доби нов член во својот тим – Роџер, 2,5-годишен „чоколаден“ лабрадор, вдомен неодамна и вклучен во активности со асистенција на животни (Animal Assisted Activities).
Како што соопшти Клиниката, Роџер за кратко време се прилагодил на персоналот и пациентите и веќе е прифатен како четириножен „колега“. Според директорката, Славица Арсова, вдомувањето е дел од имплементацијата на Animal Assisted Activities – структурирани, но неформализирани активности во кои учествуваат одбрани животни со цел да обезбедат емоционална поддршка, чувство на смиреност, социјална интеракција и подобрување на психосоцијалната благосостојба на пациентите.
„Присуството на куче во терапевтскиот процес создава чувство на сигурност, прифаќање и доверба, што овозможува полесно воспоставување контакт, подобра емоционална регулација и поголема мотивација за вклучување во терапијата“, вели Арсова. Активностите на Роџер вклучуваат средби со пациенти – индивидуално или во групи – секогаш под надзор на стручен тим и со согласност на пациентите.
За Роџер е обезбеден бокс и куќичка пред влезот на Клиниката, тој е под редовна ветеринарна контрола со уреден здравствен и вакцинален статус, а за него се грижат членовите на персоналот. Под надзор и мониторинг, постепено во грижата се вклучуваат и пациенти – со нивна согласност.
Активностите започнуваат во 8 часот наутро во дневната болница. Роџер нема контакт во просториите каде што има храна или лекови, а неколку пати дневно има подолги прошетки со вработените или со пациенти-доброволци од дневната болница.
Од Клиниката посочуваат дека лабрадорите се меѓу најчесто користените раси во активности со асистенција на животни поради смиреноста, трпеливоста, предвидливото однесување, високата емпатија и социјална интелигенција.
„Тие интуитивно реагираат на човечки емоции и природно нудат утеха преку присуство, без наметнување“, додава Арсова.
Клиниката наведува дека сите овие карактеристики ги поседува и Роџер, кој веќе донел многу позитивна енергија во установата.
Македонија
Поддршка за новиот закон, пасивното пушење е докажана причина за сериозни болести, велат од Институтот за медицина на трудот
Институтот за медицина на трудот на РСМ, СЗО Колаборативен центар, како водечка јавно-здравствена установа во оваа област, изразува целосна и недвосмислена поддршка за Предлог-законот за заштита од пушење.
Според Институтот, предложениот закон, кој предвидува целосна забрана за пушење во сите затворени јавни и работни простории, не е рестриктивна мерка, туку основен здравствен стандард и човеково право. Од таму велат дека секој работник има неприкосновено право на чист воздух и работно место кое не го загрозува неговото долгорочно здравје.
„Нагласуваме дека работниците во угостителскиот сектор, се меѓу најранливите групи. Овие вработени често се изложени на високи концентрации на тутунски чад во текот на целото работно време, кое често надминува 8 часа дневно. За овие работници, „пасивното пушење“ не е избор, туку претставува сериозен здравствен ризик кој потекнува од нивното работно место. Научните докази се јасни: не постои „безбедно“ ниво на изложеност на чад или аеросоли од тутунски и никотински производи. Пасивното пушење е докажана причина за сериозни респираторни и кардиоваскуларни заболувања, вклучувајќи го и ракот на белите дробови, дури и кај непушачите. Наша должност како јавно-здравствена установа е да обезбедиме ниту едно лице да не биде „колатерална штета“ на туѓа навика додека ги извршува своите професионални обврски“, се наведува во соопштението.
Затоа, Институтот ги повикува работодавачите, особено во угостителството, да ја поддржат примената на законот како мерка за безбедност при работа, а не како „казна“; работниците да го препознаат правото на чист воздух како дел од правото на безбедно работно место; инспекциските и надлежните органи да обезбедат доследна примена, затоа што само така законот ќе ја исполни својата цел.
„Со спроведувањето на овие мерки, не само што ги штитиме поединците, туку и ја зајакнуваме нашата економија преку намалување на боледувањата и продолжување на животниот век на нашата работна сила. Институтот за медицина на трудот на РСМ цврсто стои зад овој закон. Јавното здравје и безбедноста на нашите работници мора секогаш да имаат предност пред комерцијалните интереси. Повикуваме на поддршка од сите чинители за оваа транзиција кон почиста, поздрава и попродуктивна работна средина за сите работници во нашата земја“, се наведува во соопштението.
фото/Depositphotos
Македонија
Срушена дивоградба во Јурумлери, инспекции во Општина Гази Баба
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, информира дека во Јурумлери на ул. 9 е отстранета дивоградба по постапување на општинската инспекција и донесено решение за рушење.
Сопственикот постапил по решението и сам ја отстранил дивоградбата.
Градоначалникот најави дека инспекциите се на терен и вели дека нема да дозволи диво градење и непочитување на прописите.
„Ставаме ред и почитување на Законот за градење. Инспекциските служби континуирано се на терен и постапуваат таму каде што има неправилности. Нема да дозволиме диво градење и непочитување на прописите“, вели Стефковски.
Тој упати апел до сите граѓани да го почитуваат Законот за градење.

