Македонија
Црква изградена во 1874 година настрада од минирањата на „Бехтел и Енка“, велат од партијата Левица

Во селото Ореовец (Прилепско) се наоѓа црквата „Св. Димитрија“, која е гробиштен храм изграден во 1874 година. Црквата претрпе огромни штети по вршењето на минирањето од страна на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, велат од партијата Левица.
„Штетата е настаната по минирањето во непосредна близина од страна на преплатениот од народни пари конзорциум, што предизвикало земјотреси чија последица се одразила и на овој објект. Во Црквата има фрески постари од 150 години – дел од нив изработени на дрво и кожа, кои освен што се од огромно значење за месното население, туку тие претставуваат и богато културно наследство за овој крај.
Од потресите, оштетени и испукани се ѕидовите на Црквата и ако се продолжи со минирање, голема е веројатноста да настанат штети од поголеми размери, што не ја исклучува можноста да се случи и нејзино целосно рушење.
Покрај штетата на Црквата, од минирањето: загрозени се извори на вода од кои и денес се снабдува Прилеп со вода; оштетени се куќи во селото Ореовец; се крева прашина која поради струењето на воздухот и релјефот на теренот целосно паѓа во Прилеп и прилепските села и се уништуваат ендемични видови на животни.
Прилепчани десетина дена прават протесна блокада на патот кон село Ореовец и не дозволуваат машини и работници да продолжат со минирање и ископување. Пратеникот од редовите на Левица – Сашко Јанчев, присуствуваше на протестите и даде поддршка на блокадата.
Левица претходно го блокираше спроведувањето на договорот со „Бехтел и Енка” со илјадници амандмани. Сега најавуваме дека нашите активисти се спремни веќе и физички на терен да ја поддржат борбата на граѓаните“, соопшти партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Без струја утре неколку улици во Центар и Чаир

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН известува дека: поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, утре, без електрична енергија ќе останат:
· од 06.00 до 11.00 часот, корисниците на улица 6 и дел од улица 4 во Сарај. (Општина Сарај )
· од 08.00 до 14.00 часот, корисниците од дел од ул. Даме Груев и дел од ул. Свети Кирил и Методиј. (Општина Центар
Македонија
Нормализиран сообраќајот кон Граничниот премин Јажинце

Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека нормализиран е сообраќајот на патниот правец Тетово – ГП Јажинце кај село Рогачево, во двата правци и граничниот премин Јажинце.
Патот беше затворен поради пожар.
Македонија
Мисајловски и генералот Лафчиски со вработените во Министерството и припадниците на Генералштабот по повод 18. Август – Денот на Армијата

Денеска (15 август) пред платото на Министерството за одбрана и Генералштабот, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски по повод Денот на Армијата се обратија пред вработените при што ја истакнаа нивната професионалност и посветеност на службата.
Министерот Мисајловски изрази почит и благодарност до сите жени и мажи во Министерството за одбрана и Армијата кои, како што рече, посветено работат за државата, нејзината безбедност и сигурност.
„Пожртвуваноста на припадниците на Армијата при справувањето со секојдневните предизвици за заштита на македонските граѓани е јасна и препознаена од македонските граѓани. Тие имаат силна доверба во вас и ви оддаваат почит и признание – за вашата храброст и посветеност. Вредностите кои секој припадник на Армијата ги покажува секојдневно, се вредности кои ги негувате и вие – офицерите и подофицерите во Генералштабот и вработените во Министерството за одбрана кои со посветеноста, професионалноста и интегритетот кој го имате го градите имиџот и на Министерството и на Армијата“, рече тој.
Министерот истакна дека „изминатиов период се започнати многу проекти, голем број проекти завршивме, како инфраструктурни, така и проекти за опремување и модернизација на македонската Армија“ и додаде дека следниот период особено внимание ќе се посвети на подобрување на условите на работа за секој вработен, затоа што „одбраната на државата зависи од секој еден од вас.“
Генералот Лафчиски порача дека „18. Август е денот кој ги обединува сите денови на командите и единиците кои ги славиме во Армијата, тоа е празникот кој го празнуваат сите сегашни и сите поранешни припадници кои што во изминатите 33 години придонесоа во изградбата на модерната Македонска Армија.“
За време на свеченоста, делегација од Министерството и Генералштабот предводена од министерот Мисајловски и делегација од семејствата на загинатите бранители, положија свежо цвеќе пред спомен-обележјето на загинатите бранители пред зградата на Министерството, оддавајќи им почит и благодарност за нивната пожртвуваност и храброст.
Претходно, делегации од Министерството за одбрана и Генералштабот, како и претставници од кабинетот на Претседателката, Собранието, Владата и Организацијата на резервни воени старешини положија венци со свежо цвеќе на Партизанските гробишта, на гробот на загинатиот претседател Борис Трајковски, на гробот на поранешниот претседател Киро Глигоров и на гробот на генерал Михаило Апостолски.
На свечениот собир на вработените Министерството за одбрана и Генералштабот присуствуваа и заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, државниот секретар Елизабета Чуповска Ристова, директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев, вработени во Министерството и Генералштабот и останати гости.
Централната свеченост по повод Денот на Армијата ќе се реализира на 18 август во касарната „Јане Сандански“ во Штип.