Македонија
Црн чад ги вознемири жителите на Ново Лисиче

Црн чад попладнево ги вознемири жителите на скопската населба Ново Личисе. До редакцијата на „Макфакс“ испратија фотографии , на кои се гледа густ црн чад во близина на течението на реката Вардар кај зградата на Фудбалската федерација. Жителите се жалат дека мириса на изгорени гуми и дека ова се случува се почесто.
Од општина Аеродром велат дека инспектори излегле на терен и го пријавиле случајот во Град Скопје и во општина Гази Баба, бидејќи констатирале дека е запален од другата страна на Вардар, на територија што спаѓа под општината Гази Баба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Нови линии за улично осветлување на повеќе локации во општина Илинден

Општина Илинден продолжува со реализација на проектот „Илинден-Светла Општина”, кој опфаќа проширување и модернизација на уличното осветлување, со поставување нови линии на улиците во сите населени места, поставување на електрични столбови, зголемување на бројот на електрични светилки и тековно одржување на јавното осветлување, известува Општината.
Во рамките на овој проект поставени се нови линии на улично осветлување во повеќе населени места на територија на општина Илинден со вкупна должина од околу 2120 метри. Поставена е нова линија во населено место Илинден во вкупна должина од 180 метри и тоа на улиците „7“, „9“, „12“, и „30“, во Марино во должина од 150 метри на крак од улица „500“, во Кадино во должина од 200 метри на улица „7“, во населба Јака на дел од улица „6“ и „18“ во должина од 200 метри. Во населено место Ајватовци на краци на улица„1“ во должина од 220 метри, во Миладиновци на улица „2“ во должина од 130 метри, во Дељадровци на краци од улица „2“ во должина од 410 метри, во Бучинци со вкупна должина од 630 метри на улица „4“, детското игралиште и пешачката патека на Бучинско езеро, соопшти Општината.
„Екипите на ЈКП „Илинден“ покрај активностите за поставување на нови линии за улично осветлување, вршат и докомплетирање на постојните линии и се вршат интервенции за отстранување на оштетените сијалични места пришто се вградуваат нови.
Општина Илинден и ЈКП „Илинден” и во наредниот период ќе продолжат со поставувањето на нови линии во сите населени места, со цел посветла Општина Илинден“, се додава во соопштението.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Центарци со позитивни реакции за реновирањето на култната сала „Работнички“

Во рамки на караванот „Се гледаме во маало“, вчера градоначалникот Горан Герасимовски заедно со својот тим од општина Центар беше во Градскиот парк, кадешто разговараше со граѓаните за проектите кои досега беа имплементирани, но и за предизвиците со кои се соочуваат како би се помогнало во подобрување на квалитетот на живот во оваа општина.
Граѓаните изразија позитивни реакции за досегашното работење на општината, за отворањето на новата градинка во населбата Пролет, за поставувањето на СМАРТ осветлување, како и за реконструкцијата на култната сала „Работнички“. Жителите, укажаа на еден од клучните проблеми, а тоа е паркирањето, особено во реонот на Дебар Маало, каде што жителите сè почесто се соочуваат со недостиг од паркинг простор поради возила кои доаѓаат од други делови на градот, соопштува општина Центар.
Герасимовски истакна дека Општината веќе работи на пилот-проект за ограничување на движењето на возила во внатрешноста на Дебар Маало за време на викендите.
Маалските средби продолжуваат и денеска во 18.30 часот, на Водно (Кошот на Тинекс).
Македонија
„Над 150 дивоградби во Чаир, а власта молчи, до кога Мицкоски ќе коленичи пред ‘Влен’“, прашува СДСМ

„Повеќе од 150 дивоградби се пријавени во Чаир, со објавени докази за незаконска градба без дозволи, без основни стандарди за безбедност и со сомнителни приклучоци во мрежата на ЕВН. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски не преземаат ништо, напротив ја штитат урбана мафија“, велат од СДСМ.
„Во исто време, во Македонска Каменица, МВР поднесува кривична пријава против граѓанин кој го реновирал сопствениот покрив. Еден покрив – кривична пријава. 150 дивоградби – ништо.
Тоа е жив доказ за селективната правда и за политичката заштита на урбаната мафија, особено кога е поврзана со коалициските партнери на власта.
Зошто премиерот Христијан Мицкоски молчи? До кога ќе коленичи пред ВЛЕН?
Дали и тој е влезен во криминалната шема?
СДСМ бара итна истрага, одговорност за сите вклучени – без разлика дали се градоначалници, советници или високи партиски функционери.
Не смее да има недопирливи без разлика дали се коалициски партнери на Мицкоски!
СДСМ ќе продолжиме да се бори за правда, за ред и за правна држава во која законот важи за сите“, се наведува во соопштението на СДСМ.