Македонија
ЦУК: Апел до граѓаните да не палат стрништата и пасиштата и оган при престојот во природа, а пожарите да ги пријавуваат веднаш на 112
Во текот на вчерашниот ден, според извештаите во Секторот за операции и координација во ЦУК, добиени од институциите на Системот за управување со кризи (СУК), противпожарните тимови интервенирале на вкупно 22 пожара, а активен е уште е еден: во општина Македонски Брод, над селото Белица, кај месноста Аргулица, каде што гори ретка борова шума на тешко пристапен терен. За време на викенд има најмногу пожари на отворено, според податоците од изминатите неколку викенди, велат од ЦУК.
„Апелираме до сите земјоделци и сточарите да не ги палат стрништата и пасиштата, а до граѓаните да се воздржат од палење оган при престојот во природа, како што и директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, посочува при неговите апели во јавноста бидејќи сериозни врнежи нема подолго време и истовремено не се очекуваат барем до понеделник, вегетацијата е исклучително сува, дневните температури сè уште се високи, а пожарникарите и пилотите се исцрпени и на крајот на силите.
Пожари, како и другите итни случаи што претставуваат опасност за граѓаните, материјалните и природните добра, се пријавуваат на 112 во ЦУК. Неодминливо е да се посочи дека медиумите, според нивното информирање и тематско елаборирање во поглед на поголема безбедност на граѓаните од природни и други катастрофи, покажуваат голема општествена одговорност за подигање на општествената свест за индивидуалната и колективна безбедност“, соопшти ЦУК.
Вчерашните изгаснати 21 пожар на отворено, при што гореле стрништа, сува трева, ниска вегетација, мешана и борова шума, отпадоци, а и овошни насади, биле на територијата на целата држава.
По еден пожар имало во 13 општини: Шуто Оризари, Чучер-Сандево, Студеничани, Прилеп, Крушево, Чашка, Росоман, Штип, Чешиново-Облешево, Зрновци, Свети Николе, Сарај и во Општина Ѓорче Петров.
По два пожара имало во две општини: Долнени и во Старо Нагоричане.
Четири пожари на отворено имало во општина Куманово, конкретно во населбата Карпош, кај село Черкезе, село Речица и кај Никуљски Пат, каде што горела ниска вегетација и стрниште.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одлуки за учество на припадници на Армијата на вежби во Германија, Бугарија, Косово
Владата на денешната седница донесе и повеќе одлуки на предлог на Министерството за одбрана, меѓу кои и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „BEYOND HORIZON 24“, во Република Бугарија, за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Combined Resolve 24-2“ во Сојузна Република Германија.
Македонија
Личните документи ќе можат да се подигнат и в среда, извести МВР
Во пресрет на претстојните Претседателски и Парламентарни избори што ќе се одржат утре, Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациона единица при МВР на 08.05.2024 ќе работат за издавање на лични документи со работно време од 08.00 до 19.00 часот.
„Исто така ги известуваме граѓаните дека сите барања за лични карти кои се поднесени до 03.05.2024 година, се веќе изготвени и граѓаните можат да ги подигнат“, соопшти МВР.
Македонија
Пронајдени три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми, ОЈО Велес отвори истрага за недозволено држење оружје
Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 на Кривичниот законик.
„При претрес во домот на осомничениот во селото Мелница, општина Чашка, полицијата пронашла поголемо количество оружје и муниција – три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми со различен калибар. За осомничениот поднесен е предлог за определување мерка притвор“, соопшти Обвинителството.
ОЈО Велес продолжува да постапува и да презема дејствија за проверка на сомненијата за изборен поткуп во однос на овој осомничен и на уште едно лице во велешко кај кое во текот на вчерашниот ден беа извршени претреси, се додава во соопштението.