Македонија
ЦУК: Внимавајте поради почеста појава на змии
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека имало вкупно 1.881 повик на единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК во последното деноноќие, од кои реални повици биле 60,39 %, а 39,61 % биле за други потреби на граѓаните, што не биле итни. Кон полицијата биле упатени 62,57 %, кон итната медицинска помош 29,75 %, а кон пожарникарите 4,91 % од реалните повици кон 112 во ЦУК. Инаку, имало 754 повици за итни случаи на 112 во ЦУК, што е вкупен збир од оние што биле за комбинирано решавање од реалните повици (2,77 %) и на тие што се именувани како неитни повици (39 %). Сите тие биле предмет на примање, на обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање со институции и служби во Системот за управување со кризи (СУК).
Шест пожари на отворено се регистрирани во последното деноноќие и сите се изгаснати, а од вчерашните активни пожари нема. Пожарникарите интервенирале за гаснење во: општина Сарај, кај с. Лака (горела дива депонија); општина Карпош, во реонот на средно Нерези (ѓубриште); општина Кичево кај с. Колари (стрниште и ѓубриште); општина Велес, во близина на с. Ногаевци (ниска вегетација); општина Куманово; кај Градските гробишта покрај улицата Перо Чичо (ниска веетација) и во општина Струмица во полето кај с. Баница (гореле дива депонија, трска и ниска вегетација).
ЦУК превентивно потсетува дека при прошетките во природа граѓаните може да имаат можност да се сретнат со змии, па, иако во ретки случаи, може дури и да бидат гризнати од овие влечуги. Во таков случај и по права самопомош, корисно е да се јават на 112 во ЦУК, при што ќе бидат поврзани со итната медицинска помош. Ако змијата е отровна, покрај правилната прва самопомош, мнгоу е важно и за што пократко време да се добие и медицински третман.
Внимателно во природа попладне, најавени се локални изолирани поројни врнежи со громови и молњи. Препорачливо е при такви случаи да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Сите итни случаи се пријавуваат на единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Првиот човек на НАТО доаѓа во посета на Македонија, Сиљановска-Давкова ќе го пречека со највисоки државни и воени почести
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре – 3 март 2026 година, вторник, ќе го пречека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој ќе престојува во официјална посета.
Генералниот секретар ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба и пленарен состанок на македонската и на делегацијата на НАТО.
Во рамки на програмата, предвидена е и заедничка прес-конференција со претседателката Давкова.
Ова е прва посета на Руте на земјата, откако ја извршува функцијата прв човек на Алијансата.
Фото: Depositphotos
Македонија
Ахмети со поддршка на САД: Нападите и дестабилизирачките акти на Иран не служат никому
Во овие времиња на предизвици за меѓународниот поредок и безбедност, нашата позиција е јасна и непоколеблива: целосна солидарност со Соединетите Американски Држави и со секој напор за заштита на глобалниот мир, стабилност и безбедност, вели лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во врска со последните случувања на Блискиот Исток.
„Алијансата со САД не е само дипломатска ориентација. Тоа е стратешка и вредносно заснована определба. Наш избор е да бидеме на страната на демократијата, основните слободи, владеењето на правото и меѓународната одговорност. Нашата земја, а особено албанскиот народ, добро знаат што значи американската поддршка во одлучувачки моменти од нашата историја, поради што дури и денес стоиме покрај нашиот најголем стратешки партнер. Нападите и дестабилизирачките акти на Иран што ја поткопуваат безбедноста на земјите од Заливот и ја загрозуваат кревката архитектура на мирот на Блискиот Исток не служат никому. Тие не служат на развојот, не служат на коегзистенцијата, ниту на легитимните аспирации на народите за просперитет“, вели Ахмети.
Тој додава дека секој режим што избира конфронтација наместо соработка и извезува кризи наместо дијалог се става во спротивност со духот на нашето време.
„Веруваме дека безбедноста во Персискиот Залив и Блискиот Исток е глобален интерес. Слободата на движење, енергетската стабилност, борбата против тероризмот и заштитата на меѓународниот поредок се споделени одговорности. Во овој контекст, улогата на Соединетите Американски Држави останува незаменлива како гарант на рамнотежата и фактор на стабилност. Албанците недвосмислено го избраа западниот пат. Ние сме дел од сојуз на вредности, дел од евроатлантската заедница и активни придонесувачи за колективниот мир и безбедност. Нашата поддршка за Соединетите Американски Држави е поддршка за побезбеден, поправеден и послободен свет“, вели Ахмети.
Македонија
Мицкоски во разговор со претседателот на ОАЕ: Нашите институции се целосно мобилизирани за навремена помош на македонските државјани
Институциите на државата се целосно мобилизирани и внимателно ја следат состојбата, со подготвеност за навремена помош, поддршка и евентуална асистенција доколку тоа биде потребно, рекол премиерот, Христијан Мицкоски, во телефонски разговор со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.
Тој изразил искрена солидарност со народот на ОАЕ и најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите од нападите.
„Нападите врз суверени држави и заканите кон цивилното население претставуваат грубо нарушување на меѓународното право и сериозна закана за регионалната и глобалната стабилност. Македонија, како членка на НАТО и стратешки партнер на САД, останува цврсто посветена на принципите на суверенитет и територијален интегритет. Во време на растечка неизвесност, неопходни се одговорност, координација со сојузниците и јасна определба за спречување на понатамошна ескалација. Во разговорот ја нагласив и потребата од засилена грижа и координација за безбедноста на македонските граѓани кои се наоѓаат во регионот. Информирав дека институциите на државата се целосно мобилизирани и внимателно ја следат состојбата, со подготвеност за навремена помош, поддршка и евентуална асистенција доколку тоа биде потребно“, вели Мицкоски.
Тој додава дека Македонија, во контекст на своите стратешки интереси и сојузништва, ќе продолжи да дејствува принципиелно, внимателно и одговорно, во интерес на стабилноста и безбедноста.

