Македонија
ЦУК: Вчера пожарникарите и пилотите гаснеа 39 пожари, еден сè уште е активен
Во текот на вчерашниот ден противпожарните тимови интервенирале на 39 пожари вкупно на отворен простор и 38 изгаснале, некаде заеднички – здружени од повеќе општини, а и со помош од месните жители, како и со воздухопловна поддршка од ДЗС и МВР, според извештаите во Секторот за операции и координација во Центарот за управување со кризи (ЦУК), добиени од институциите на Системот за управување со кризи (СУК).
Како што извести ЦУК, утрово активен сè уште е еден пожар, во општина Македонски Брод, во пределот над селото Белица, каде што гори ретка борова шума на тешко пристапен терен.
При вчерашните 39 пожари на територијата на целата држава гореле сува трева, ниска вегетација, деградирана, а и мешана и квалитетна борова шума, лозја, овоштарници, капини, депонии, отпадоци и слично.
„Еден од посериозните пожари на отворено беше меѓу Лозово, Велес и Свети Николе, поради што, уште вчера рано утрото, директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, ангажира и авиони при координацијата на барање на градоначалникот на Лозово. На теренот дуваше силен ветер поради што храбрите пожарникарските тимови од три страни – општини со пожарот се бореа со воздухопловна поддршка од еден хеликоптер на МВР и два авиона на ДЗС, што Ангелов ги упати да гаснат запалена квалитетна борова шума. Дежурните противпожарни тимови, поради метеоролошките ветровити услови и природата на вегетацијата, дури и по локализирањето на пожарот, во текот на ноќта до утрото, догаснувале на местата каде што ќе се појавело жариште“, соопшти ЦУК.
Најголема бројка пожари имало во општина Куманово: 13 вкупно и сите се изгаснати.
Изгаснатите 38 пожари од 39-те вчерашни во државата биле во:
– Општина Арачиново, кај село Арачиново (каде што гореле отпадоци и сува трева);
– Општина Бутел, кај хотелот „Њу Стар“, село Визбегово (депонија);
– Општина Гази Баба, три пожари, село Трубарево (сува трева), ппокрај автопат Скопје – Велес (сува трева) и Депонија Вардариште (ѓубре);
– Општина Сарај, два кај село Кондово (мешана шума, грмушки и трева) и повторно кај село Кондово (шума);
– Општина Илинден, два, село Ајватовци (сува трева) и село Бучинци (стрниште);
– Општина Ѓорче Петров, кај Обиколница Волково (сува трева);
– Општина Студеничани, село Драчевица (мешана шума);
– Општина Струмица, село Баница (ѓубре);
– Општина Босилово, меѓу село Петралинци и село Ѓечерлија (лозје и необработливо земјоделско земјиште);
– Општина Василево, село Добрашинци (капини);
– Општина Радовиш, село Воиславци (ореви, капини и сува трева);
– Општина Охрид, село Косел (ѓубре);
– Општина Велес и Лозово, на просторот меѓу село Иванковци, село Мамутчево и село Милино (сува трева, трње, стрниште и борова шума);
– Општина Лозово, село Каратманово – село Милино (борова шума);
– Општина Свети Николе, село Немањици (стрниште и сува трева);
– Општина Кавадарци: село Сирково (сува трева);
– Општина Кочани, три, кај село Чифлик, село Теранци и кај село Борилчево (сите стрништа и сува трева);
– Општина Куманово, 13 пожари, кај село Шупли Камен (сува трева) населба „Карпош“ (сува трева), село Тромеѓа (сува трева), село Пчиња (стрниште и сува трева), село Љубодраг – село Романовце (стрниште и сува трева), село Шупли Камен – село Клечовце (сува трева), Амбар Маало (стрниште и сува трева), село Агино Село (сува трева), село Романовце (стрниште), кај Спомен Костурница (стрниште и сува трева), Авто сервис „Висто“ (сува трева); покрај улица „Јоско Илиевски“ (сува трева) и кај село Пчиња (стрниште).
– Општина Липково, село Никуштак (стрниште и сува трева) и во
– Општина Старо Нагоричане, село Старо Нагоричане (нискостеблеста шума, стрниште и сува трева).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Првиот човек на НАТО доаѓа во посета на Македонија, Сиљановска-Давкова ќе го пречека со највисоки државни и воени почести
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре – 3 март 2026 година, вторник, ќе го пречека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој ќе престојува во официјална посета.
Генералниот секретар ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба и пленарен состанок на македонската и на делегацијата на НАТО.
Во рамки на програмата, предвидена е и заедничка прес-конференција со претседателката Давкова.
Ова е прва посета на Руте на земјата, откако ја извршува функцијата прв човек на Алијансата.
Фото: Depositphotos
Македонија
Ахмети со поддршка на САД: Нападите и дестабилизирачките акти на Иран не служат никому
Во овие времиња на предизвици за меѓународниот поредок и безбедност, нашата позиција е јасна и непоколеблива: целосна солидарност со Соединетите Американски Држави и со секој напор за заштита на глобалниот мир, стабилност и безбедност, вели лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во врска со последните случувања на Блискиот Исток.
„Алијансата со САД не е само дипломатска ориентација. Тоа е стратешка и вредносно заснована определба. Наш избор е да бидеме на страната на демократијата, основните слободи, владеењето на правото и меѓународната одговорност. Нашата земја, а особено албанскиот народ, добро знаат што значи американската поддршка во одлучувачки моменти од нашата историја, поради што дури и денес стоиме покрај нашиот најголем стратешки партнер. Нападите и дестабилизирачките акти на Иран што ја поткопуваат безбедноста на земјите од Заливот и ја загрозуваат кревката архитектура на мирот на Блискиот Исток не служат никому. Тие не служат на развојот, не служат на коегзистенцијата, ниту на легитимните аспирации на народите за просперитет“, вели Ахмети.
Тој додава дека секој режим што избира конфронтација наместо соработка и извезува кризи наместо дијалог се става во спротивност со духот на нашето време.
„Веруваме дека безбедноста во Персискиот Залив и Блискиот Исток е глобален интерес. Слободата на движење, енергетската стабилност, борбата против тероризмот и заштитата на меѓународниот поредок се споделени одговорности. Во овој контекст, улогата на Соединетите Американски Држави останува незаменлива како гарант на рамнотежата и фактор на стабилност. Албанците недвосмислено го избраа западниот пат. Ние сме дел од сојуз на вредности, дел од евроатлантската заедница и активни придонесувачи за колективниот мир и безбедност. Нашата поддршка за Соединетите Американски Држави е поддршка за побезбеден, поправеден и послободен свет“, вели Ахмети.
Македонија
Мицкоски во разговор со претседателот на ОАЕ: Нашите институции се целосно мобилизирани за навремена помош на македонските државјани
Институциите на државата се целосно мобилизирани и внимателно ја следат состојбата, со подготвеност за навремена помош, поддршка и евентуална асистенција доколку тоа биде потребно, рекол премиерот, Христијан Мицкоски, во телефонски разговор со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.
Тој изразил искрена солидарност со народот на ОАЕ и најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите од нападите.
„Нападите врз суверени држави и заканите кон цивилното население претставуваат грубо нарушување на меѓународното право и сериозна закана за регионалната и глобалната стабилност. Македонија, како членка на НАТО и стратешки партнер на САД, останува цврсто посветена на принципите на суверенитет и територијален интегритет. Во време на растечка неизвесност, неопходни се одговорност, координација со сојузниците и јасна определба за спречување на понатамошна ескалација. Во разговорот ја нагласив и потребата од засилена грижа и координација за безбедноста на македонските граѓани кои се наоѓаат во регионот. Информирав дека институциите на државата се целосно мобилизирани и внимателно ја следат состојбата, со подготвеност за навремена помош, поддршка и евентуална асистенција доколку тоа биде потребно“, вели Мицкоски.
Тој додава дека Македонија, во контекст на своите стратешки интереси и сојузништва, ќе продолжи да дејствува принципиелно, внимателно и одговорно, во интерес на стабилноста и безбедноста.

