Македонија
ЦУК: Над десетина пожари на отворено
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во последното деноноќие имало вкупно 1.894 повици на Единствениот број за итни случаи 112, од коишто „реални“ повици биле 27,88%, а 72,12% биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 50,99%, кон Итната медицинска помош 36,76%, а кон пожарникарите 6,72% од реалните повици кон 112 во ЦУК. Збирот повици што биле за комбинирано решавање од „реалните“ повици во ЦУК, 5,53% со другите 72,12% што се именувани како „неитни повици“, биле вкупно 1.380 на број и биле предмет на примање, селективна обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање со други институции од Системот за управување со кризи, согласно природата на пријавените итни случаи.
Пожари на шуми и вегетација на отворено, според извештаите на Регионалните центри за управување со кризи во државата се уште има, така што и во последното деноноќие имало над десетина пријавени за запалена нискостеблеста шума и друга вегетација, а пожарникарите гаснеле и отпадоци, ѓубришта и запалени контејнери на отворено на територијата на државата.
„Конкретно, противпожарни интервенции на отворено, паралелно гасејќи и пожари во населени средини, имале пожарникарите од: БППЗ на Град Скопје во предел на с. Трубарево во с. Рашче изгорена и во с. Бразда; ТППЕ Прилеп кај с. Мажучиште и кај патот за Манастир Прилепец; ТППЕ Свети Николе кај с. Мустафино и во атарот на с. Немањици; ТППЕ Македонска Каменица кај с. Цера; ТППЕ Куманово во близина на депонијата „Краста“ и во атарот на с. Режановце; ТППЕ С. Нагоричане во атарот на с. Макреш; ТППЕ Ранковце во атарот на с. Псача, а ТППЕ Тетово дека во изминатото деноноќие имале две помали интервенции.
Инаку, пожарникарите од ТППЕ Велес, по пријавата на 112 и координацијата од Секторот за операции и координација во ЦУК, за појава на густ и темен чад во близина на бензиската пумпа „Макпетрол“ во Општина Градско, заедно со ангажираните ресурси од Општина Градско, загаснеле депонија, на којашто најмногу гореле запалени гуми. Интервенирано е конбинирано, со ПП средства, а потоа комуналното претпријатие ЈКП „Клепа Градско“ интервенирало со затрупување на опожареното место, по што пожарот е локализиран, а дежурни останале за да се следи состојбата до крајот на денот“, известува ЦУК.
Од таму апелираат да не се палат стрништа, шума и друга вегетација, а и отпадоци, ѓубришта и контејнери на отворено, бидејќи тоа го намалува квалитетот на амбиенталниот воздух и граѓаните да ги почитуваат препораките на пожарникарите преку медиумите за превенција од пожари.
ЦУК потсетува и за внимателност при прошетките во нашата прекрасна природа, на повисоките места и планините во нашата држава, бидејќи при зимски услови на места со снег и мраз е лизгаво, особено на осоите на почетокот и на крајот од денот.
Итните случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број 112 во ЦУК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Првиот човек на НАТО доаѓа во посета на Македонија, Сиљановска-Давкова ќе го пречека со највисоки државни и воени почести
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре – 3 март 2026 година, вторник, ќе го пречека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој ќе престојува во официјална посета.
Генералниот секретар ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба и пленарен состанок на македонската и на делегацијата на НАТО.
Во рамки на програмата, предвидена е и заедничка прес-конференција со претседателката Давкова.
Ова е прва посета на Руте на земјата, откако ја извршува функцијата прв човек на Алијансата.
Фото: Depositphotos
Македонија
Ахмети со поддршка на САД: Нападите и дестабилизирачките акти на Иран не служат никому
Во овие времиња на предизвици за меѓународниот поредок и безбедност, нашата позиција е јасна и непоколеблива: целосна солидарност со Соединетите Американски Држави и со секој напор за заштита на глобалниот мир, стабилност и безбедност, вели лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во врска со последните случувања на Блискиот Исток.
„Алијансата со САД не е само дипломатска ориентација. Тоа е стратешка и вредносно заснована определба. Наш избор е да бидеме на страната на демократијата, основните слободи, владеењето на правото и меѓународната одговорност. Нашата земја, а особено албанскиот народ, добро знаат што значи американската поддршка во одлучувачки моменти од нашата историја, поради што дури и денес стоиме покрај нашиот најголем стратешки партнер. Нападите и дестабилизирачките акти на Иран што ја поткопуваат безбедноста на земјите од Заливот и ја загрозуваат кревката архитектура на мирот на Блискиот Исток не служат никому. Тие не служат на развојот, не служат на коегзистенцијата, ниту на легитимните аспирации на народите за просперитет“, вели Ахмети.
Тој додава дека секој режим што избира конфронтација наместо соработка и извезува кризи наместо дијалог се става во спротивност со духот на нашето време.
„Веруваме дека безбедноста во Персискиот Залив и Блискиот Исток е глобален интерес. Слободата на движење, енергетската стабилност, борбата против тероризмот и заштитата на меѓународниот поредок се споделени одговорности. Во овој контекст, улогата на Соединетите Американски Држави останува незаменлива како гарант на рамнотежата и фактор на стабилност. Албанците недвосмислено го избраа западниот пат. Ние сме дел од сојуз на вредности, дел од евроатлантската заедница и активни придонесувачи за колективниот мир и безбедност. Нашата поддршка за Соединетите Американски Држави е поддршка за побезбеден, поправеден и послободен свет“, вели Ахмети.
Македонија
Мицкоски во разговор со претседателот на ОАЕ: Нашите институции се целосно мобилизирани за навремена помош на македонските државјани
Институциите на државата се целосно мобилизирани и внимателно ја следат состојбата, со подготвеност за навремена помош, поддршка и евентуална асистенција доколку тоа биде потребно, рекол премиерот, Христијан Мицкоски, во телефонски разговор со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.
Тој изразил искрена солидарност со народот на ОАЕ и најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите од нападите.
„Нападите врз суверени држави и заканите кон цивилното население претставуваат грубо нарушување на меѓународното право и сериозна закана за регионалната и глобалната стабилност. Македонија, како членка на НАТО и стратешки партнер на САД, останува цврсто посветена на принципите на суверенитет и територијален интегритет. Во време на растечка неизвесност, неопходни се одговорност, координација со сојузниците и јасна определба за спречување на понатамошна ескалација. Во разговорот ја нагласив и потребата од засилена грижа и координација за безбедноста на македонските граѓани кои се наоѓаат во регионот. Информирав дека институциите на државата се целосно мобилизирани и внимателно ја следат состојбата, со подготвеност за навремена помош, поддршка и евентуална асистенција доколку тоа биде потребно“, вели Мицкоски.
Тој додава дека Македонија, во контекст на своите стратешки интереси и сојузништва, ќе продолжи да дејствува принципиелно, внимателно и одговорно, во интерес на стабилноста и безбедноста.

