Македонија
ЦУК: Поплавени дворови и земјоделски површини, одрони на повеќе патни правци
Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти најнови информации за последиците од обилните врнежи на територијата на Македонија – состојба заклучно со 09:00 часот.
Кочани и Штип
Кај Оризарска река во село Грдовци има излевање. Водостопанство Брегалница интервенира со багер гасеничар. Механизацијата е сѐ уште на терен. Од понеделник ќе започне чистење на речното корито на Оризарска река од Грдовци кон Оризари со цел да се спречат идни несакани последици.
Сообраќајот на патниот правец Кочани Грдовци е нормализиран.
На повеќе патни правци во источниот дел се појавуваат одрони и Македонијапат интервенира за нивно расчистување.
Битола
Во населбата Стрчин КЈП Нискоградба интервенира со механизација за расчистување на нанос од чакал и земја.
Во селото Кравари има заезерени земјоделски површини без опасност по објектите.
Во селата Жабени и Породин има поплавени земјоделски површини и ЈП Водостопанство интервенира на Жабјанска река.
Елешка река е излеана и има поплавени земјоделски површини.
Нивото на водата во реките е во опаѓање.
Ресен
Поплавени се земјоделско земјиште, дворови, куќи, помошни објекти и магацини за складирање на јаболка.
Нивото на Голема река е намалено од 2,20 метри на 1,40 метри.
Ангажирани се екипи од ЕЛС Ресен, Македонијапат и ЈКП Пролетер Ресен кои вршат обиколка и проценка на состојбата на терен. Состојбата е нормализирана.
Крушево
Поради поројните врнежи водата за пиење е заматена и се препорачува да се преврива најмалку 10 минути.
Нивото на Црна река кај село Бучин е покачено но водата на местата каде што беше излеана е повлечена.
Екипи од ЈП Комуна, ТППЕ Крушево, ЕЛС Крушево и надлежни служби интервенираат на зајакнување на насипите кај критичните точки.
Демир Хисар
Локалниот пат кон село Мренога е затворен за сообраќај поради оштетување на мост на Боишка река. Надлежните служби ја обезбедуваат локацијата.
Прилеп
Во селото Лажани пријавена е штета кај еден жител поради поплавен двор и приземни простории и оштетување на тутунот.
Во селото Пешталево исто така имало поплавувања поради неисчистени канали.
Во двете села интервенираше градежна механизација за расчистување на каналите.
Тетово
Патот кон Бање Тетово е исчистен но СВР Тетово го има забрането сообраќајот од безбедносни причини.
Патот кон село Жерма и кон село Бродец е прооден.
Состојбата во село Стримница Општина Желино се следи континуирано од надлежните служби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 12 затворени улици во Скопје, ќе се протестира против Усје
Во централното подрачје на Скопје денеска ќе биде воведен посебен режим на сообраќај поради протестниот марш „Стоп за Цементара“, закажан во 12 часот.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, маршот почнува пред Владата на булевар „Илинден“, десно по булевар „ВМРО“, во продолжение по улицата „Васил Главинов“, лево по улицата „Димитрие Чуповски“, во продолжение по улица „11 Октомври“ до пред Собрание и лево по улица „Филип Втори Македонски“ до пред Министерство за животна средина во Скопје.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на град Скопје.
– Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници, се наведува во соопштението.
Македонија
Прoменливо облачно со слаб повремен локален дожд
Времето денеска ќе биде прoменливо облачно со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места ќе има слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до шест, а максималната ќе достигне од седум до 11 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до пет, а максималната ќе достигне до 10 степени.
УХМР информира дека ќе продолжи периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има утре кога ќе преминуваат во снег и во некои од пониските места.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.

