Македонија
ЦУК: Седум активни пожари низ Македонија
Центарот за управување со кризи информира дека денеска се регистрирани вкупно 15 пожари на отворен простор, од кои 7 се активни, 2 се под контрола, а 6 се целосно изгаснати.
Активни пожари:
1. Општина Василево – с. Нивичино (нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација)
2. Општина Македонски Брод 1 – с. Грешница (мешана шума и сува трева)
3. Општина Македонски Брод 2 (реактивиран) – помеѓу с. Црешнево, с. Локвица, с. Крапа (деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација)
4. Општина Прилеп – помеѓу селата Царевиќ и Смолани (мешана шума и нискостеблеста вегетација)
5. Општина Струга – помеѓу селата Октиси и Белица (сува трева)
6. Општина Ресен – с. Покрвеник (трски и сува трева)
7. Општина Маврово-Ростуше – с. Дуф (ливада)
Под контрола:
1. Општина Желино – с. Желино према Еребино – планина Жеден (нискостеблеста шума, грмушки и ниска вегетација)
2. Општина Велес – кај селата Џидимирци – Крушје – Иванковци (мешана нискостеблеста деградирана шума)
Изгаснати се пожарите во: Студеничани, Крушево, Македонски Брод, Куманово, Липково и Ранковце.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова во Дубаи се обрати на Глобалниот форум за владини регулативи и правда
Регулативата не е само за контрола, туку станува збор за создавање предвидлив простор каде што општествената доверба може да расте, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Глобалниот форум за владини регулативи и правда, во рамки на Светскиот самит на владите во Дубаи.
Во обраќањето на тема „Законодавството како овозможувач на владеењето на правото“ таа посочи дека наместо да се потпираме на институционален илузионизам и да веруваме дека совршен закон на хартија е крајот на патот, треба да се фокусираме на напорна работа во годините пред нас – да изградиме институции што дишат, што се адаптираат и што им припаѓаат на луѓето.

Го претстави македонскиот случај и посочи дека државата веќе 25 години по потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација со Европската Унија, формално и правно се усогласува со Европската Унија, со нејзините институции, правила и регулативи, но и покрај тоа сме меѓу најдолгогодишните кандидати за полноправно членство во Европската Унија.
Но, усогласувањето, според претседателката, не го правиме само заради Брисел, туку и поради фактот што процедурите се гаранција за еднаквост. Кога ги усогласуваме нашите закони со европските стандарди, градиме систем во којшто правилата ја надживуваат власта, рече претседателката, истакнувајќи дека ова е разликата меѓу владеењето на човекот и владеењето на правото.

Посочи дека македонските институции остануваат инклузивни и посочи дека Националната стратегија за развој 2024 ‒ 2044 помага да ги калибрираме политиките и законите.
Македонија
Пушењето најголем ризик фактор за рак на бели дробови, значајно придонесува и кај други видови рак
По повод Светскиот ден за борба против ракот, Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје потсетуваат дека пушењето претставува ризик фактор за малигни заболувања, а посебно за рак на бели дробови.
Според податоците на Институтот за јавно здравје водечка причина за смрт во државава во 2023 и 2024 година се малигните неоплазми на бронхиите и белите дробови.
- Употребата на тутун е водечка причина за рак кој може да се спречи. Статистичките податоци покажуваат дека вкупниот број на починати лица од малигни неоплазми на бронхии и бели дробови во 2024 година изнесува 860, од кои бројот на мажи е поголем, во однос на бројот на жени. Откажувањето од пушење значително го продолжува животниот век и квалитетот на животот, и токму на Светскиот ден за борба против ракот, уште еднаш апелираме на важноста од донесување на новиот предлог-закон за заштита од пушењето, со цел заштита на здравјето на сите граѓани, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
Покрај употребата на тутун, други ризик фактори за малигни заболувања се и прекумерна дебелина, употреба на алкохол, недоволна физичка активност, неправилна исхрана.
Според податоците од Институтот за јавно здравје, вкупниот број починати лица од малигни неоплазми во 2024 година изнесува 3.958, од кои 2.325 се мажи, а 1.633 се жени. Во истата година, бројот на починати од неоплазми на возраст над 65 години е речиси двојно поголем од бројот на починати до 64-годишна возраст.
Македонија
По заканите кон новинарот Видиновски, Обвинителството оформи предмет
Во насока на заложбите за заштита на безбедноста на новинарите и итно постапување за секое загрозување на медиумските слободи, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, оформи предмет по допрен глас за утврдување на идентитетот и испитување на кривична одговорност кај повеќе лица кои преку коментари на социјалната мрежа Фејсбук упатиле сериозни закани кон новинарот и уредник во Канал 5 Телевизија – Александар Видиновски.
Коментарите биле објавени под видео прилог на новинарот кој се однесува на непрописно паркирани возила пред објектот на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје и во себе содржеле сериозни закани, говор на омраза, ксенофобични пораки и пораки што поттикнуваат национална нетрпеливост.
Имајќи во вид дека во конкретниов случај станува збор за новинар и уредник кој врши дејност од јавен интерес и професионални задачи, предметот е доставен на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство Скопје со цел да преземе дејствија за испитување на индициите за евентуално постоење на елементи на кривично дело за кое се гони по службена должност.

