Македонија
ЦУК со детали за трагедијата во Илинден: Малолетничката била качена на вагонот

Регионалниот ЦУК Скопје, извести дека во 21.05 часот од страна на дежурниот во Македонски железници добиле телефонски повик и пријава дека на железничка станица „Илинден“ има пожар на една цистерна и за истиот биле информирани и БППЗ на Град Скопје.
„Од страна на РЦУК Скопје била контактирана БППЗ од кои беше потврден настанот и дека две нивни екипи се на терен. За истиот настан беа информирани и дежурните во Полициските станици Автокоманда и Петровец, од каде што беше потврден настанот. Од страна на Секторот за операции и координација на ЦУК беа известени дежурните оперативни центри на МВР и Дирекцијата за заштиа и спасување (ДЗС)“, посочува ЦУК.
Оттаму додаваат: „По интервенцијата на БППЗ на Град Скопје пожарот е изгаснат и како последица на истиот има починато едно лице. На местото на настанот се присутни претставници на Итна медицинска помош, Полицијата и Јавното обвинителство кои постапувале согласно нивните процедури.
Инаку, според информации од граѓани, кои биле во близина на настанот, починатото лице било горе на вагонот и се запалило од силен струен удар, од електричните жици над вагоните, но се чека официјална потврда на тие информации“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Левица: Владата троши 450.000 евра за луксуз, додека гласа против минимална плата од 500 евра

Додека граѓаните се соочуваат со секојдневни ценовни шокови, Владата предводена од ДПМНЕ троши стотици илјади евра за морски плодови и хотелско сместување, обвини денеска политичката партија Левица. Од партијата велат дека ова се случува паралелно со одбивањето на нивниот предлог за зголемување на минималната плата на 500 евра.
„Очигледно, за расипничката власт на ДПМНЕ има пари само за нивните луксузни апетити, но не и за работниците кои едвај врзуваат крај со крај“, соопштува Левица.
Според податоците кои ги објавија од партијата, владината Служба за општи и заеднички работи во мај склучила два тендери со вкупна вредност од 450.000 евра. Првиот договор, вреден 11,8 милиони денари, се однесува на набавка на риба, месо и сувомеснати производи, додека вториот – во износ од 16,5 милиони денари – се однесува на хотелско сместување за владините функционери.
„Се работи за јасен пример на лицемерие и двојни стандарди. Власта гласаше против предлогот за минимална плата, кој го поднесовме по барање на синдикатите, а во исто време склучува договори за луксузни вечери и хотели“, изјавуваат од Левица.
Од партијата додаваат дека власта не служи на граѓаните, туку на „крупниот капитал и блиски бизнис-центри“, додека реалната економска состојба е далеку од она што, според нив, „скапата ПР-машина“ на Владата се обидува да го прикаже.
„Македонија не е економска сила, туку земја во која работниците гладуваат, младите се иселуваат, а функционерите се гоштеваат со морски плодови за сметка на народот“, порачуваат од Левица.
Македонија
СДСМ тврди дека Јанев и Тошковски знаеле сè, а се сомневаат и во уништување на докази

Приведените полициски службеници за трагедијата во Кочани се истите за кои СДСМ со месеци наназад алармираше, објавуваше факти и аргументи во серијалот „Вистината за Кочани“, соопшти денеска партијата, предупредувајќи на сериозни пропусти во истрагата и можноста дека во меѓувреме биле уништени важни докази.
„Јавноста мора да знае колку докази исчезнаа додека Тошковски и Јанев ги штитеа своите полициски кадри. Месеци наназад негираа вина, манипулираа со родителите и создадоа услови истрагата да биде компромитирана. Тоа е недозволиво“, соопшти СДСМ.
Од партијата велат дека уште од првиот ден предупредувале дека полициски службеници имаат директна одговорност за пожарот во кој животот го загубија 62 деца, а над 200 беа повредени, но надлежните институции молчеле сè до јавниот и медиумскиот притисок.
„Да не беше нашата упорност, гласот на родителите и дел од медиумите, ништо од ова немаше да се случи. Затоа бараме итна институционална, политичка и кривична одговорност“, порача СДСМ.
Партијата директно го посочува Александар Јанев, директорот на Бирото за јавна безбедност, како лице кое „ги поставил, штител и им давал наредби“ на приведените полициски службеници.
„Јанев мора веднаш да си поднесе оставка, за да не влијае врз истрагата и расчистувањето на случајот“, наведуваат од СДСМ.
Истото, според нив, важи и за министерот Панче Тошковски кој, како што велат, „тврдеше дека нема вина кај полицијата, додека ги штитеше своите кадри“.
„Христијан Мицкоски пак ја злоупотреби трагедијата за политички напади, свесно лажеше и ги манипулираше родителите, додека вистинските виновници од неговата власт беа заштитени“, обвинуваат од СДСМ.
Партијата завршува со ставот дека „без одговорност за Јанев, Тошковски и Мицкоски – нема да има правда за Кочани. А без правда, нема мир за родителите, граѓаните и државата“.
Македонија
Денеска топол ден низ цела Македонија

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информира дека денеска нѐ очекува претежно сончево и топло време, со слаб до умерен ветер, а долж Повардарието повремено ќе дува и засилен северен ветер.
Минималните утрински температури се движат од 8 до 18 степени, додека максималните ќе достигнат од 26 до 33 степени Целзиусови. Метеоролозите најавуваат стабилни услови во текот на целиот ден.
Во Скопје, времето исто така ќе биде сончево и топло. Ќе дува умерен, а во одредени делови од котлината и повремено засилен северен ветер. Температурата во главниот град ќе се движи од 14 до 31 степен.
„Очекуваме стабилно време и во следните денови, со претежно сончеви периоди и температури кои ќе останат високи за овој период од годината“, велат од УХМР.