Македонија
ЦУК: 13 пожари на отворено, еден сѐ уште се води активен
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека имало вкупно 2 513 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, во последното деноноќие.
Од нив „реални“ повици биле 53,16%, а 46,84% биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 57,00%, кон Итната медицинска помош 20,50%, a кон пожарникарите 13,25% од реалните повици кон 112 во ЦУК.
Инаку, имало 1 214 повици за итни случаи на 112 за во ЦУК, што се вкупен збир од тие што биле за комбинирано решавање од „реалните“ повици (9,25%) и на тие што се именувани како „неитни повици“ (46,84%). Сите тие биле предмет на примање, на обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање со институции и служби во Системот за управување со кризи (СУК).
ЦУК информира дека имаше 13 пожари на отворено во последното деноноќие, 12 се изгаснати од пожарникарите и од нив активни утрово има само 1, во Општина Велес, помеѓу село Отишино и село Оризари (каде гори ниска вегетација) ТППЕ Велес интервенирале со 3ПП возила и 11 пожарникари и поради темнината се повлечени од теренот. Утрово ќе продолжат да дејствуваат согласно ситуацијата на теренот.
Една третина од вчерашните пожари на отворено биле на повик за гаснење депонии или ѓубришта, а од нив вообичаено се шири огнот и на поголем простор во околината. Вообичаено тие диви депонии се до населби и освен што од нив може да се прошири пожарот, дополнително опожарените диви депонии и ѓубришта го загадуваат амбиенталниот воздух, особено во градовите каде што е веќе загаден воздухот. Такви примери имаме на повеќе места, а вчерашен пример, од сношти, е хроничниот проблем со палење на дивата депонија „Вардариште“ во скопската Општина Гази Баба, за што граѓаните коишто гравитираат во тој скопски реон, со право реагираат дека многу често се пали и освен што опасност за пожари во околината, дополнително го загадува и воздухот во скопската котлина. ЦУК, покрај тоа што редовно ги известува надлежните служби и институции, апелира до граѓаните да не палат отпадоци и ѓубре на ова топло време и сува вегетација во природата, извести ЦУК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар – Стража – Кичево
Забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Стража – Кичево се укинува од 14.30 часот, соопшти ЈП „Македонијапат“. Забраната беше воведена денеска од 9.40 часот во двата правца на патот поради врнежи од снег.
Забрана за сообрачај на камиони и автобуси од 9.20 часот е воведена за камиони и автобуси на патниот правец крак Шипковица – Попова Шапка и од 5.45 часот за тешки товарни возила на патниот правец крак Маврово – Дебар.
Како што информира ЈП „Македонијапат“, врнежи од снег има во Крушево, на Попова Шапка и во Маврово и на планинските превои Стража, Пресека, Буково и Ѓавато.
Македонија
Премиерот се пожали дека ССМ не сакале да потпишат колективен договор со кој платата на администрацијата ќе се зголеми за 40 проценти
ССМ не сакаше да го потпише колективниот договор со кој платата на администрацијата ќе се зголеми за 40 проценти во период од четири години, односно до април 2028 година, под услов во колективниот договор да се избрише делот кај што стојат платите и во тој период да репреговараат. Тоа го повтори денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по настанот на Економскиот факултет при УКИМ организиран од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност „Еразмус+“ истакнувајќи дека ССМ не сакал да се откаже од општиот колективен договор што претходно го потпишал, а чија важност престанала.
Тој појасни дека ако просечната плата е 30.000 денари, сега во април за мартовската плата ќе имало нивелирање за минималната плата, која ќе се зголеми.
– Да претпоставиме дека таа ќе се зголеми за 1.500 денари. Тогаш овие 30.000 денари плус 1.500 денари зголемени за 8 проценти ќе дадат збир X парички. В година, април 2027, тие X парички повторно ќе се зголемат за минималната плата, да претпоставиме дека ќе биде повторно 1.500 денари. Тој збир X плус тие 1.500 денари ќе се зголемат за нови 8 проценти и ќе добиеме У парички. Третата година, 2028, во април овие У парички повторно ќе се зголемат за минималната плата од 1.500 денари и сето тоа ќе се зголеми повторно за 8 проценти и ќе добиеме Z парички. Овие Z парички ќе бидат за минимум 40 проценти повеќе од 30.000 денари – рече Мицкоски.
Го повтори условот за потпишување на овој договор, а тоа, според него, е во колективниот општ договор, делот кај што стојат платите, да се избришат и во периодот од три години да го репреговараат.
– Доволен период имаме од три години да постигнеме договор. А во меѓувреме, имаме колективен договор, имаме 95 отсто од вработените што се дел од одговорностите на Владата, која е работодавач и со тоа Владата со своите вработени си ги регулирала односите до 2028 година. И со тоа ние сме завршиле. Значи, остануваат сега уште овие 7.787 вработени од вкупната државна администрација – истакна Мицкоски.
Тоа, додаде, ССМ не сакал да го потпише.
– Велеа вака, „како сега ние ќе се откажеме од општиот колективен договор во тој дел кога ние сме го подпишеле со Тренчевска“. Јас велам, вие не се откажувате. Важењето на општиот колективен договор е престанато. Во завршните и во преодните одредби стои дека „тој останува во важност до носење друг“. А ние, ако го избришеме делот на платите, кој е дел од општиот колективен договор и е збунувачки, може да се толкува вака и така, ќе се повикаме на овој нов грански договор, што ќе го потпишеме со гранските синдикати за државната администрација – рече Мицкоски.
Според него, периодот од три години е доволен да преговараат за тој дел од општиот колективен договор.
– И во рок од тие три години ќе преговараме дел, што ќе биде повторно дел од општиот колективен договор. И тие тоа не го прифаќаат. Како, велат, ние сега сме го подпишале тој договор, како сега ние самите себе ќе си се бришаме. Тоа не е мој проблем. Јас нудам решение. Ако ние не сме доволно зрели како општество за помалку од три години да не потпишеме, тогаш не сме зрели ни за држава. Ама јас мислам дека сме зрели – истакна премиерот.
ССМ денеска ја повика Владата в понеделник да го потпишат колективниот договор, со кој, како што велат, ги зголемува платите на вработените за 40 проценти и наместо во 2028 година, да почне од февруари 2026 година. За следната недела најавија блокади, а останува и одлуката за генерален штрајк доколку не се зголемат платите.
Македонија
Мицкоски најави дека ќе се чека уште 11 месеци да стигнат нови камиони на Комунална хигиена
Преку Министерството за транспорт и во соработка со Светската банка ќе се набават 40 нови возила за потребите на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Тој истакна дека со оваа набавка ќе се реши еден од најголемите долгогодишни проблеми во работењето на претпријатието – застарената неодржувана и истрошена механизација, која сериозно го отежнувала одржувањето на јавната хигиена во главниот град. Според Мицкоски, состојбата дополнително била усложнета и со превработеност, како и со недоволна ефикасност на дел од вработените.
– Со овие 40 камиони, сигурен сум дека многу ќе се подобри состојбата со хигиената во Скопје. Како што најавивме и во кампањата, и како што најави и самиот градоначалник, хигиената ни е прв приоритет и во таа насока се движи овој процес, рече Мицкоски.
Тој најави дека процесот на набавка се очекува да биде заокружен до доцна пролет, а испораката на возилата да почне до крајот на годината. Според премиерот, новата механизација ќе овозможи поефикасна работа на Комунална хигиена и видливо подобрување на чистотата во градот.
– Сепак 40 камиони за одведување смет се огромна работа. Не така одамна имавме во Битола презентација на еден друг проект кој исто така меѓународни финансиски институции го поддржуваат, има и грант компонента, а тоа е регионалната депонија во Новаци. Дел од тој проект е и набавка на камиони за одведување на смет на општините од Југозападниот и од Пелагонискиот регион. Се што било закочено, не било сработено и не се работело, украдено, уништено, се трудиме да го оживееме и да го вратиме повторно во функција. Не може преку ноќ. Да бидеме трпеливи, рече премиерот Мицкоски.

