Македонија
Честитка по повод почетокот на рамазанските пости

Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, по повод почетокот на рамазанските пости упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија, Реис ул Улема Хаџи Сулејман еф Реџепи, до членовите на Ријасетот и до сите припадници на исламската вероисповед во Република Македонија.
„Дозволете ми Вам лично, на членовите на Ријасетот, муфтиите и имамите, како и на сите граѓани од исламска вероисповед во Република Македонија, да ви го честитам почетокот на најголемиот месец кај муслиманите – Рамазан – месецот на постот, молитвата, солидарноста и милосрдието. Рамазан кај муслиманите е познат како месец во кој се негуваат највисоките човечки особини, добрината, хуманоста и милоста, особено кон оние на кои тие им се најпотребни. Деновите на Рамазан се поттик за човекот, преку пост и молитви, и преку добродетел да го облагороди својот и животот на другите луѓе, давајќи им храна на гладните, лек на болните, сочувство и мир на онеправданите. Простувањето и милосрдието во месецот на објавата на чесниот Куран нека бидат патоказ во вашиот живот, во односот со вашите пријатели, соседи, роднини, и со сите луѓе.
Со верба дека месецот Рамазан ќе ги зацврсти овие вредности во вашиот живот, од сесрце ви посакувам претстојните рамазански пости да ги поминете во мир, добро здравје и меѓусебно почитување“, се вели во честитката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Со порака дека хероите живеат вечно откриена беше спомен бистата на полицаецот кој загина во дискотеката „Пулс“

Хероите никогаш не умираат, тие живеат вечно и имаат само датум на раѓање, порачаа колегите на полицискиот службеник,Тоше Тодоровски кој загина во пожарот во кочанската дискотеката „Пулс“ на 16 март. Во дворот на Полициската станица во Пробиштип во присуство на семејството на загинатиот полицаец Тодоровски, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев началници од СВР-Штип беше откриен спомен бистата на полицаецото Тоше Тодоровски кој на 16 март беше на службена должност и загина во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Министерот за внатрешни работи, Тошковски истакна дека споменот ќе остане за полицаецот Тоше Тодоровски од Пробиштип, којшто трагично загина.
-Тоше беше човек, којшто лично немав чест да го запознаам, но од она коешто го говорите сето она, од она што го говорат сите коишто лично го познаваат Тоше е голем човек и бил многу голем човек додека бил меѓу нас, а на жалост Господ-Бог најдобрите ги зема најрано, колку што може, рече Тошковски.
Мартин Ефремов претседателот на Независниот синдикат на полицијата истакна дека со денешниот настан одаваат почит на загинатиот Тоше Тодоровски, а на неговиот татко Винко му порача дека пред шест месеци изгуби син, но какошто рече доби илијадници синови, ќерки, браќа и сестри во униформа, кои секојпат ќе бидат со него и семејството на Тоше.
-Нека оваа биста не потсети дека секој еден од нас можеше да биде на местото на Тоше, исто како и секој еден од нас можеше да биде на местото на било кој еден од осомничените преживеани колеги на трагедијата, коишто денеска по насоки на Јавното обвинителството се без плати, без придонеси и на работ на егзистенција. Колеги на којшто очајно им треба нашата помош, вели Ефремов.
На спомен бистата букети цвеќе положија семејството на Тоше Тодоровски, министерот за внатрешни работи, Тошковски директорот на БЈБ, Јанев, полициски службеници и началници од СВР-Штип.
Македонија
Општина Аеродром од 29 септември почнува голема есенска акција за бесплатно собирање кабаст отпад

Општина Аеродром од 29 септември почнува голема есенска акција за бесплатно собирање кабаст отпад на целата територија на општината што ќе трае до средината на ноември.
Како што наведуваат од Општината, во соработка со ЈП за комунални дејности на Општина Аеродром, на повеќе локации ќе бидат поставени големи контејнери во кои граѓаните ќе можат да го оставаат својот стар и дотраен мебел.
Акцијата ќе почне од населба Мичурин каде што в понеделник и во вторник, 29 и 30 септември, садовите ќе бидат поставени на улица „Анастас Митрев“ зад паркот до трансформаторот и на улица „Венјамин Мачуковски“ до трансформаторот кај Железничка станица. Потоа, в среда и во четврток, 1 и 2 октомври, жителите на Острово, својот кабаст отпад ќе можат да го оставаат на улица „Владимир Комаров“ бр. 9, како и на „Владимир Комаров“ број 16 зад ТЦ „Скопјанка“.
Кабастиот отпад е планирано да се собира речиси до средината на ноември, а жителите за сите локации и датуми можат да се информираат на страницата на општината aerodrom.gov.mk, каде што е објавен планот со точните датуми и локации.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.