Македонија
Четворица вработени од Зоолошка одат под здравствен надзор, едно лице ќе биде тестирано за птичји грип оти појавило симптоми
Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, даде изјава за медиумите откако беше потврден птичји грип кај гуска во Зоолошката градина во Скопје.
„Во текот на вчерашниот ден извршена е брза и навремена реакција од страна на надлежните институции, согласно законските прописи и протоколи. Имено, веднаш по дојавата од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство до Институтот за јавно здравје дека постои веќе потврден лабораториски испитан случај на живина од зоолошката градина во Скопје, за постоење на птичји грип, веднаш е организиран итен состанок помеѓу претставници од АХВ, епидемиолози од ЦЈЗ, како и епидемиолози од ИЈЗ. На тој состанок, добиена е листа од 16 лица кои се вработени во зоолошката градина и веднаш е започната епидемиолошка анкета. Од податоците кои ги добив од страна на епидемиолозите кои ја извршуваа анкетата, од 16 луѓе од листата, исконтактирано е со 15 лица од истата. Во текот на денешниот ден ќе се направат напори да биде исконтактирано и последното лице. Во однос на веќе исконтактираните 15 лица, епидемиолозите во текот на утрешниот ден ќе издадат решение за 4 од овие лица да одат под здравствен надзор. Ќе се следат и останатите, но официјално под надзор ќе бидат ставени овие 4“, кажа Андоновска.
Таа објаснува дека „здравствен надзор не подразбира карантин и изолација, туку во следните две недели овие 4 лица ќе бидат следени дали ќе пројават било каков симптом којшто понатаму би се испитувал дали се работи за птичји грип. Секојдневно ќе бидат контактирани од епидемиолози од ИЈЗ и ќе се следи нивната здравствена состојба“.
„Едно од овие лица на 18-ти имало некакви симптоми кои траеле еден ден, а тоа е: температура и дијареа што не значи дека тоа лице има птичји грип. Тоа лице ќе биде тестирано оти препораките од страна на епидемиолозите и микробиолозите е по појавата на првите симптоми во рок од 5 дена да се направи тестирање“, вели директорката на институтот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.
Македонија
Делови од Центар и Зелениково денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на затварач од ф – 100 мм на ул. 5 бр. 47 во село Моране, во периодот од 08.30 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат дел од корисниците од село Моране, општина Зелениково.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така информираат дека поради уличен дефект на ул. Васил Ѓорѓов б.б – пред ОУ Киро Глигоров, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улиците Васил Ѓорѓов, Адам Мицкиевиќ, дел од корисниците од улиците Киро Глигоров и Козара, како и објектот на заводот за физикална медицина и рехабилитација, општина Центар.

