Македонија
Четиринаесет тони бои и лакови изгореа во пожарот во Тетово, се испитува колку се загадени почвата и водата
Во пожарот во магацин во тетовското село Фалише изгореа 14 тони бои и лакови и други хемиски средства.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, вели дека поголем дел од магацинот бил железарија, а мал дел за бои, лакови и други хемиски препарати.
„Од вчера до денес врне слаб дожд, а во текот на ноќта дувал и слаб северен ветер, кои помогнале ПМ-честиците во воздухот да дојдат во нормални граници поради што немаме загадување на воздухот“, вели Ангелов и додава дека мерките што беа превентивно упатени вчера сега веќе не важат. Граѓаните може да бидат спокојни од аспект на загаденост на воздухот, рече тој.
Во текот на денот ќе бидат земени примероци од почвата и водата заради дополнително испитување.
Претходно денес, министерка за животна средина, Каја Шукова, рече дека ќе има загадување и на почвите и на водите, а спротивно на тврдењата на Ангелов таа изјави и дека евидентно е оти ќе има и загадување на воздухот. Затоа уште вчера, вели Шукова, беше издадена препорака до граѓаните да не излегуваат без потреба, вратите и прозорците на домовите да бидат затворени. Препораката до граѓаните е да внимаваат и во следните неколку дена, рече таа.
Шукова истакна дека доколку во тој крај има земјоделски култури, тие не треба да бидат во употреба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одлуки за учество на припадници на Армијата на вежби во Германија, Бугарија, Косово
Владата на денешната седница донесе и повеќе одлуки на предлог на Министерството за одбрана, меѓу кои и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „BEYOND HORIZON 24“, во Република Бугарија, за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Combined Resolve 24-2“ во Сојузна Република Германија.
Македонија
Личните документи ќе можат да се подигнат и в среда, извести МВР
Во пресрет на претстојните Претседателски и Парламентарни избори што ќе се одржат утре, Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациона единица при МВР на 08.05.2024 ќе работат за издавање на лични документи со работно време од 08.00 до 19.00 часот.
„Исто така ги известуваме граѓаните дека сите барања за лични карти кои се поднесени до 03.05.2024 година, се веќе изготвени и граѓаните можат да ги подигнат“, соопшти МВР.
Македонија
Пронајдени три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми, ОЈО Велес отвори истрага за недозволено држење оружје
Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 на Кривичниот законик.
„При претрес во домот на осомничениот во селото Мелница, општина Чашка, полицијата пронашла поголемо количество оружје и муниција – три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми со различен калибар. За осомничениот поднесен е предлог за определување мерка притвор“, соопшти Обвинителството.
ОЈО Велес продолжува да постапува и да презема дејствија за проверка на сомненијата за изборен поткуп во однос на овој осомничен и на уште едно лице во велешко кај кое во текот на вчерашниот ден беа извршени претреси, се додава во соопштението.