Македонија
„Чукни во дрво“: Алкалоид со хуманитарен видеоспот по повод 85. јубилеј
Една од најпопуларните и најоптимистични македонски песни, антологиската „Чукни во дрво“, под покровителство на „Алкалоид“ доби нова верзија. Изведувана и преработувана повеќе од 3 децении од сериозни музичари од земјава и од регионот, овој пат довербата за нејзина изведба авторот Влатко Стефановски им ја додели на најмладите.
Безвременските стихови и уникатната преработка и изведба од децата кои се дел од проектот „Дајте музика“ ќе добијат и хуманитарна нота.
![]()
Видеоспотот е во режија на Игор Иванов-Изи, за чија реализацијата се погрижи екипа од продуцентската куќа „Вертиго вижуалс“. Преработката на музиката, која се подготвуваше од јануари годинава, е во реализација на музичкиот продуцент Мите Димовски и студио „Тралала“.
„Чукни во дрво“ е песна за пролетта, надежта, среќата и за еланот во новите почетоци, кои во најновиот проект се заокружени под мотото „Здравјето пред сè“. Бендот кој во видеоспотот ја пренесува пораката на благодарност до најзасегнатите општествени категории, според замислата на режисерот Иванов, е омаж на легендарните „Битлси“ од верзијата на нивниот култен албум „Sgt. Pepper’s Lonely Hearts Club Band“.
![]()
Приказната во видеоспотот поаѓа од изработка на картички, кои најмалите деца ги подготвуваат во училишниот двор, а се наменети за општествените категории граѓани кои, иако беа засегнати со пандемијата, во ниту еден момент не запреа со своите дејности.
Картичките со порака: „Ви благодариме! Здравјето пред сè“ поголемите другари и членовите на бендот ги дистрибуираат до полицијата, фармацевтите, пекарите, градскиот превоз, уметниците, здравствените работници и други. Тие се хероите од времето на новото нормално, кои неуморно се грижеа за навремена достава на храна, лекови и други основни намирници; се бореа за секој човечки живот, се грижеа за јавниот ред и мир, комуналната хигиена, редовниот превоз, доставата и за непречено функционирање на основните потреби на граѓаните за време на пандемијата. „Чукни во дрво“, со музика и текст на гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски, за првпат е објавена во 1989 година, како нумера од последниот студиски албум „Путујемо“ на култната група „Леб и сол“.
![]()
„Алкалоид“ АД упатува посебна благодарност до Влатко Стефановски за пренесените права за користење на песната. Видеоспотот ќе биде поставен на дигиталните канали на „Алкалоид“ АД (YouTube, Facebook и Instagram). Од 10 јуни до 20 септември 2021 година, по повод својот 85-годишен јубилеј, компанијата за секој преглед на видеоспотот ќе ѝ донира по еден денар на Универзитетската клиника за детски болести.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Чаир и Студеничани денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 07.30 до 15.00 часот, дел од улицата Никола Тримпаре 15 и дел од улицата Мирослав Крлежа бр.16-20 и дел од локали и влезови на згради на булеварот Климент Охридски бр,54, општина Центар;
– во периодот од 09.30 до 15.30 дел од улицата Мирослав Крлежа по старо Ѓуро Ѓакович бр.52.54.56.58.60.62, општина Центар;
– во периодот од 08.00 до 14.30 корисниците од Ретаил Поинт Парк во Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците на дел од село Студеничани кај Бурдем, општина Студеничани.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, ќе дува повремено засилен северен ветер
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури. Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од Автокоманда денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека за денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради промена на вентил од 2.5“ на улицата Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

