Македонија
Чулев: Пендаровски шири лажни вести, манипулирајќи ја јавноста се обидува да се спаси од катастрофалниот пораз
Пендаровски продолжува да шири лажни вести, лично имам потпишано десетици решенија за колеги Албанци во Агенцијата за разузнавање, истакна Наќе Чулев од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот Стево Пендаровски во негов стил продолжува да шири лажни вести, манипулирајќи ја јавноста во очајнички обид да се спаси од катастрофалниот пораз, изјавувајќи дека додека не дошол тој “пред десет или 15 години Албанците во Агенцијата за разузнавање само го уредувале дворот”, рече Чулев.
„На овој начин претседателот директно ги омаловажува и навредува сите колеги Албанци, кои имале многу одговорни и сензитивни работни позиции, а со кои заеднички сме работеле за безбедноста на граѓаните на Македонија. Такви во Агенцијата за разузнавање имало многу.
Токму, еден од доајените на македонското разузнавање, Шејнаси Мемети, кој уште од самото основање на Агенцијата за разузнавање беше на раководна позиција, пред точно 21 година, во 2003 година, беше именуван за заменик директор за разузнавање, а со тоа не бил градинар во Агенцијата пред да се појави Стево. Исто така, и почитуваниот колега Мухамед Исмаили кој во периодот 2003-2015 успешно ја објавуваше функцијата заменик директор, а потоа беше и на друга раководна функција во Агенцијата немал во описот на работното место уредување на дворот на Агенцијата.
Исто така, сегашниот директор на АР, Еролд Муслиу, речиси цел работен век во Агенцијата го поминал на високи раководни функции, а во време на претседателот Иванов, беше назначен за помошник на директорот за координација на оперативните работи.
Јас лично имам потпишано решенија за десетици колеги Албанци на раководни позиции и за претставници на Агенцијата во странство. По којзнае кој пат, Стево со лажни вести ја манипулира јавноста или пак неговиот директор, како по обичај лажно го информирал. Во секој случај ова е големо омаловажување на трудот и придонесот на колегите Албанци кои по цена на безбедносен ризик по животот биле на браникот на државата.
За оваа лажна теза, ќе мора Пендаровски да се демантира сам или да престане да верува на лагите на директорот на АР. Воедно, тој треба јавно да се извини за искажаните невистини на сите припадници на АР од албанска националност кои се грижеа за безбедноста на државата и унапредуваа во кариерата пред да се појави Стево како претседател. По 8- ми мај Пендаровски ќе има можност да уредува градини како пензиониран претседател.
Нека го праша Еролд Муслиу дали како градинар бил на средбава со тогашниот претседател Иванов на состанок во АР или како помошник на генералниот директор пред повеќе од 10 години“, посочи Чулев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

