Македонија
Чулев со благодарност до граѓаните што го почитуваа полицискиот час
Во согласност со одлуките на Владата, викендов на територијата на целата држава се спроведе ограничувањето на движењето, кое заврши денеска во 5 часот, а траеше засега рекорден 61 час.
Во таа насока министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, упати благодарност до оние граѓани што ги почитуваат одлуките за забрана на движењето и препораките за социјално дистанцирање.
Во текот на изминатото деноноќие, според статистиката на МВР, во однос на забраната за движење евидентирано е дека на ниво на целата држава 172 лица не ја почитувале забраната за движење, при што приведени се 134 лица. За другите земени се податоци и ќе следуваат соодветни мерки. Повеќето од нив се на подрачјето на СВР Скопје и се лица на возраст од 18 до 67 години.
Според статистичките податоци, 253 лица потпишале изјави за самоизолација.
Од страна на полициски службеници извршени се контроли кај лица во изолација и самоизолација и не се евидентирани лица што не ја почитувале мерката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Станкоска: Системските пропусти во јавниот превоз Орце ги решава со кампањи за подигање на свеста на граѓаните
Со небулози не можат да се покријат системските пропусти за нефункционирањето на јавниот превоз, констатираше советничката од редовите на партијата Левица во Град Скопје Евгенија Станкоска, коментирајќи ги предлог програмите на градоначалникот Орце Ѓеорѓиевски кои предвидуваат проекти за подигање на свеста за користење на јавниот превоз.
„Искрено, не сметам дека е соодветно да се троши време на банална програма. Сакам да ви прочитам само една точка. ‘Поддршка на проекти за подигање на свеста преку кампањи и друг вид на иницијативи за користење на јавниот превоз, користење на велосипедот како средство за превоз и подигање на свеста за јавната хигиена.’“
Според Станкоска, власта наместо да го лоцира коренот на проблемот, а тое е нефункционалниот јавен превоз, таа го лоцира проблемот во граѓаните.
„Не знам во кој град живееме? – Граѓаните чекаат 5-ка, чекаат 57-ца, чекаат 15-ка и чекаат по 45 минути или час. Граѓаните се многу повеќе од свесни дека треба да користат јавен превоз, но тој не е функционален. И вие, сега ќе решавате системски пропусти, со небулози. Покренувате иницијатива за подигнување на свеста на граѓаните.“
На крајот советничката од партијата Левица истакна дека поради неможност да се направат конкретни реформи и промени, власта го обвинува поединецот, во насока дека граѓаните се криви за состојбата во јавниот превоз или со отпадот.
Македонија
Мицкоски: Очекувам државниот јавен обвинител да се позанимава со кривичните пријави во фиоките на обвинителите
На денешната седница на Собранието посветена на пратенички прашања, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, одговараше на прашање посветено на изборот на в.д. државен јавен обвинител и очекувањата од сферата на обвинителството во идниот период. Мицкоски посочи дека од информациите кои ги има, процедурата за избор на државниот обвинител во Собранието треба да заврши за 2 месеци. Критериумите за избор, според Мицкоски, се донесени согласно Законот за јавно обвинителство усвоен од страна на претходната власт на СДСМ и ДУИ и со нив се забрани можноста професори, адвокати и истакнати правници да бидат бирани за државен јавен обвинител.
„Очекувам во рамките на овој период да се избере јавен обвинител и тој јавен обвинител да се зафати со темелна и напорна работа. Многу го чека. Во неформален разговор со колегите во Владата и институциите во овие година и половина, повеќе или помалку обесхрабрувачки за сите нас, имаше една појава во која институциите поднесуваат кривични пријави, а обвинителството молчи. И ако направите еден разговор со членовите на Владата и институциите, ќе видите дека станува збор за неколку стотици такви случаи. Ние што сме добро воспитани и не правиме естрада или не се обидуваме да правиме упад во домови наутро, пред децата на осомничените, па под превезот на истрага да снимаме со камери, како што беше некогаш, тоа не значи дека не се поднесени тие поднесоци. Логично е што граѓаните често пати и негодуваат“, посочи Мицкоски.
Мицкоски рече дека ги разбира граѓаните, но мора да се знае дека повеќе стотици такви предмети стојат во фиоки во обвинителството. Обвинителот треба да ја врати довербата во институцијата Јавно обвинителство, а потоа преку процесите и довербата во судовите.
„Се надевам дека кој и да биде јавен обвинител во иднина ќе се позанимава многу повеќе и подетално со ова. Ова е суштинската реформа. Не е суштинска реформа повисока плата, повисок буџет. Суштинска реформа е борбата за правда. Народот е жеден и гладен за правда и сака да види вистинска борба. Ние како влада не сме судска власт, не сме обвинители. Ние можеме да доставиме пријава. Од тој момент па натаму обвинителите и судиите се тие коишто обвинуваат и тие што судат“, рече Мицкоски.
Премиерот истакна дека не може да се очекува успех во кое било поле без силна правна држава.
„Ова е многу важно за периодот којшто следи, бидејќи голем дел од законите коишто се дел од реформската агенда, поврзани со интегрирањето во Европската Унија, ќе бидат пред вас. Дел од нив го поминале оној филтер на Венецијанската комисија. Еден таков е Законот за судски совет, којшто е веќе влезен во собраниска процедура и очекувам во една плодна дебата да се донесе. Потоа ќе се најде Законот за Совет на јавни обвинители, па Законот јавнообвинителска служба, за судска служба, отприлика еден сет од закони кои очекувам во јануари месец да се најдат овде во Собранието“, истакна Мицкоски и дополни дека како Влада се сложува со барањето на јавните обвинители и судиите за плановите на вработувања и унапредување да ги одобрува Советот на обвинители и Судскиот совет, а Владата да биде само информирана.
„Дадовме насока да се направи мапирање на потребите на судовите и јавните обвинителства за вработени кои се дел од службата, ИТ експерти, сметководители, технички асистенти итн. и врз основа на тоа мапирање ние како Влада да обезбедиме средства со буџет, да дополниме со ребалансот и тие да бидат пополнети. Сето она кое тие го бараат од нас ние го исполнивме“, кажа премиерот.
Претседателот Мицкоски, потсети на измените на Кривичниот законик кои се направија од страна на минатата влада, за да се обезбеди политичка амнестија за голем дел од поранешните функционери.
„Сега гледаме излегуваат и критикуваат ќе има можности за условни казни, па мали биле казните. Не. Направете компаративна анализа и ќе видите дека сме повторно поригорозни од сите земји од регионот. Не газиме на трула штица“, заклучи Мицкоски.
Македонија
(Видео) Филипче: Што и да прашаме, вие ќе дефокусирате, ќе кажувате, Венко, Заев, влијание, вака, така
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и пратеник, д-р Венко Филипче, на денешната седница за пратенички прашања, укажа дека по речиси две години од владата, премиерот Мицкоски и Владата на ВМРО-ДПМНЕ немаат дадено конкретен одговор на ниту едно суштинско прашање што ги засега граѓаните, туку континуирано користат дезинформации за да ја дефокусираат јавноста од нивната неспособност и криминални зделки.
„Што и да прашаме, вие ќе дефокусирате, ќе кажувате, Венко, Заев, влијание, вака, така, и сето тоа никако не одговара на вистинската ситуација во земјата, ниту пак некој ќе даде вистински одговор на некое од прашањето кое што ги засега сите граѓани“, рече Филипче.
Во обраќањето, Филипче посочи дека и покрај тоа што власта одбегнува да даде одговори на клучните прашања, граѓаните ја гледаат реалната состојба во држвата -нема реални реформи во правосудството, нема реформски закони усогласени со европските препораки, нема напредок во контролата на цените, нема решенија за загадениот воздух, ниту подобрување на стандардот на граѓаните.
„Нема ниту еден реформски закон. Европа знае дека вие повеќе не сте партнери, знае дека не ја кажувате вистината кога зборувате со европските функционери. Само два закони сега, набрзина се во постапка и тоа без апсолутно да се имплементираат препораките од оценската мисија, односно некоја ваша која што на власта одговара модификација на тие препораки, кои што треба да бидат реформски закони“, рече Филипче.
Тој додаде дека критиките и прашањата не доаѓаат од опозицијата, туку директно од граѓаните, кои секојдневно ги чувствуваат последиците од лошото владеење, растот на цените, економската несигурност и институционалниот застој.

