Македонија
Чулев: Со поништувањето на решенијата за распоредување, Спасовски се меша во МВР
Со одлуката за поништување на решенијата за распоредување, техничкиот премиер Оливер Спасовски и Владата се мешаат во работата на Министерството за внатрешни работи, смета техничкиот министер Наќе Чулев.
Вчера на седницата на Владата беше донесена, а утрово рано во „Службен весник“ беше објавена одлуката на Владата за поништување на сите решенија за распоредување на работно место, а кои беа потпишани од страна на Чулев како министер во МВР. Одлуката е потпишана од техничкиот премиер Оливер Спасовски.
„Дозволете ми во неколку точки да ја образложам аспурдноста на носењето на оваа одлука и мерките и чекорите кои ќе ги преземам со цел да овозможам нормално и непречено функционирање на Министерството за внатрешни работи.
Прво, со оваа одлука Оливер Спасовски и Владата се мешаат во работата на Министерството за внатрешни работи, што претставува грубо кршење на правниот поредок на државата и мешање во независноста на министерството и истовремено со оваа одлука Владата и формално се постави над правниот поредок, преземајќи надлежности кои законски се регулирани.
Второ, вчерашната одлука донесена и потпишана од страна на Оливер Спасовски претставува кршење и непочитување на Законот за организација на државните органи. Имено, Законот за организација и работа на органите на државната управа во член 47, став 1 јасно и недвосмислено вели дека „со работата на министерството раководи министер”.
Трето, согласно член 30 од Законот за Владата на Република Македонија, Владата има право и должност да укине или поништи прописи или друг акт на министерството, органите на државната управа и управните организации кои не се во согласност со уставот, а во конкретниот случај не станува збор за такви акти, туку станува збор за решенија за распоредување – кои се конкретни поединечни акти за права од работен однос.
Четврто, согласно позитивните законски прописи, одлуките на Владата кои се однесуваат на поништување на поединечни акти – решенија за распоредување не се во нејзина функционална надлежност, односно не можат да бидат предмет на постапување на Владата, од причина што за истите согласно со законот е предвидена соодветна постапка од работен однос.
Петто, Оливер Спасовски беше избран за претседател на Владата која треба да овозможи спроведување на парламентарните избори, а ваквото мешање од негова страна и од страна Владата во моите ингеренции како министер за внатрешни работи се прави со цел да се создаде хаос и комплетна дисфункционалност во работењето на министерството за внатрешни. Шесто, ваквата одлука на Оливер Спасовски и Владата директно претставува уште еден аттак врз вработените на Министерството за внатрешни работи, а со тоа ги доведува во прашање нивната професионалност и нивниот интегритет“, напиша Чулев на „Фејсбук“.
Тој додава: „Со цел разрешување на дилемите и избегнување на дополнителен хаос во работењето на институцијата со која јас раководам, ги информирам граѓаните на Република Македонија дека со телеграма што ја издадов утрово ги задолжувам сите организациски единици да постапуваат единствено и исклучиво во согласност со законските прописи“.
„Истовремено во неа укажувам дека секое постапување спротивно на законските прописи повлекува кривична одговорност, односно злоупотреба на службената положба и овластување што е казнив согласно одредбите на Кривичниот законик. Со цел непречено функционирање и остварување на надлежностите на МВР, неопходно е од страна на сите вработени да се почитуваат исклучиво законските одредби, како и хиерархиската поставеност и одговорност.
Вчерашната одлука овој пат потпишана од страна на Оливер Спасовски е уште еден еклатантен пример на практицирање на самовластие и непочитување на Уставот и законите од страна на техничкиот премиер и луѓето кои од негова страна се поставени и раководат со Министерството за внатрешни работи. На крајот, го прашувам Оливер Спасовски дали тој ќе понесе политичка одговорност доколку вчерашната одлука за укинувањето на решенијата потпишана од негова страна предизвика безбедносни импликации со кои ќе биде доведена во прашање безбедноста и сигурноста на граѓаните на Република Македонија“, додава тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

