Македонија
Шабан Салиу – кандидатот за градоначалник на Шуто Оризари официјално е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ
На свечена церемонија во Скопје, претседателот на Демократските сили на Ромите (ДСР), Шабан Салиу го стави својот потпис на документот „Декларација за Македонија на граѓаните и за општини што создаваат иднина“. Со овој чин, ДСР и официјално станува дел од коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Коалицијата обединува 25 партии кои ја рефлектираат мултикултурната и мултиетничка структура на нашето општество. ДСР влегуваат во ова здружување со силна заложба да го засилат политичкиот глас на ромската заедница и да обезбедат рамноправен пристап до јавните ресурси во сите општини, а особено во Шуто Оризари – единствената ромска општина во светот’, велат од партијата.
За нив, како што додаваат, ова е историска можност: речиси сите општини каде живеат Роми ќе добијат директен партнер и во локалната и во централната власт и јасен пат кон одржлив развој.
„Само преку солидарност и обединување ќе ги реализираме проектите што ќе донесат подобра инфраструктура, нови училишта, унапредени здравствени услуги и работни места за нашите семејства“. изјави Салиу.
Со потпишувањето на Декларацијата, коалицијата „Твоја Македонија“ се обврзува на инвестиции во клучни сектори: обновување на улици и водоводна мрежа, изградба на социјални станови, поддршка за локалните претприемачи и зелени технологии.
Во претстојните недели, Демократските сили на Ромите ќе организираат јавни трибини низ Шуто Оризари и другите општини, каде што, како што најавија, ќе презентираат конкретни планови и ќе ги слушнат приоритетите на локалните заедници. Салиу ги повикува и сите жители на општината без разлика на партиската припадност да се приклучат во заедничкото дефинирање на проектите што ќе ги менуваат животните услови во нашите населби.
ДСР и коалицијата „Твоја Македонија“ даваат взаемна поддршка за кандидатите за градоначалници, вклучувајќи го и кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

