Македонија
Шабан Салиу објави кандидатура за градоначалник на Шуто Оризари

Претседателот на Демократските сили на Ромите (ДСР), Шабан Салиу, синоќа ја промовира својата кандидатура за градоначалник на општина Шуто Оризари.
„Стојам тука пред вас исполнет со гордост и благодарност. Шуто Оризари е единствената општина во светот водена од ромската заедница, место каде што секој камен шепоти приказни за нашата историја, култура и непокорен дух. Денес заеднички носиме одлука за нашата иднина, за чесно и одговорно управување со нашата општина“, порача Салиу во својот говор пред жителите на општина Шуто Оризари.
Салиу најави дека приоритет ќе биде изградба на инфраструктура, која ќе донесе квалитетен живот за сите жители, како што се асфалтирани улици до секој дом, проширен водовод и канализација, ЛЕД-осветление и безбедни пешачки патеки, како и нови социјални станови за семејствата што долго чекаат покрив над главата.
„Посебно внимание ќе биде посветено на образованието и на културата преку изградба на модерно основно училиште, поддршка на културните институции и создавање услови младите да ја носат ромската традиција во срцето, а знаењето да го градат според најсовремените методи“, истакна Салиу.
Салиу наајави и формирање мобилен здравствен тим, целосна обнова на амбулантата, изградба на дом за повозрасни и формирање фонд за поддршка на ранливите семејства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Сe бориме за држава што не е ничија приватна сопственост

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на граѓанската трибина во Кичево посочи дека СДСМ е продолжение на идеалите врз кои е изградена современата македонска држава.
„СДСМ е продолжение на најсветлата традиција на Македонија борбата за слобода, рамноправност и достоинство. Нашите корени се во АСНОМ, во генерациите што ја поставија темелната вредност, државата да биде дом за сите,“ истакна Филипче.
Тој нагласи дека токму сега е време за повторно обединување и консолидација, додавајќи дека борбата на СДСМ е за држава која е заеднички дом, а не, како што рече, приватна сопственост.
„Се бориме за држава што не е ничија приватна сопственост, туку заеднички дом со правила што важат за сите.“
Филипче ја нагласи и суштинската разлика во однос на ВМРО-ДПМНЕ и порача дека „Македонија не се брани со навреди и кавги, со лажни повици за национално обединување, подземни игри за поделба и дека патриотизмот и достоинството не се злоупотребуваат за политички рејтинг.“
„Достоинството почитувани присутни се брани со силни институции, со сериозен план и со луѓе што искрено мислат добро и на државата и на идните генерации. Се брани со паметна, цврста позиција и со резултати дома: со држава што функционира, со реформирани институции што градат доверба и со економски политики што на прво место ги ставаат граѓанине и нивните проблеми,“ рече лидерот на СДСМ, Филипче, на граѓанската трибина во Кичево.
Македонија
Мицкоски до Филипче: Изборите ќе завршат и вашите лакеи ќе бидат сменети, ќе дојдат вистински судии и обвинители и ќе одговарате

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во Демир Капија кој е во рамки на кампањата за локалните избори која се води под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“ се осврна на постапките на претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче.
„Mорам да прокоментирам една изјава на претседателот на СДСМ. Тој кажа дека немам право да го обвинувам СДСМ и ДУИ за судството и обвинителството, затоа што 15 месеци сме биле Влада и немало некои големи кривични случаи. Затоа чувствувам потреба да му одговорам, нема големи кривични случаи само поради една причина, а тоа се малкумина ваши лакеи кои ги има во обвинителството и судството кои не дозволуваат вака големи кривични пријави иако истражните органи како МВР и останатите надлежни сработија десетици случаи на висока корупција кога влада беа СДС и ДУИ“, кажа Мицкоски.
Мицкоски објасни дека сега грчевито нивните лакеи заедно со нив се борат да се опструираат истрагите поткрепени со докази за да можат оние поранешни функционери од СДС и ДУИ кои, како што рече, ја крчмеа, распродаваа, разнебитуваа Македонија, ќе одговараат.
„Но, имам лоша вест, локалните избори ќе завршат и вашите лакеи ќе бидат сменети и ќе дојдат вистински судии и обвинители и ќе одговарате. Обрачот се стега и нема бегање од одговорност. А сите ваши лакеи добро што се малкумина ќе бидат разрешени и ќе одговараат за попречување на правдата“, вели Мицкоски.
Македонија
Гаши-Дукај: Интеграцијата во ЕУ е клуч за развојот на земјите на Западен Балкан

На денешната средба со министерот за јавна администрација на Црна Гора, Мараш Дукај, претседателот на Собранието Африм Гаши ги истакна добрите односи помеѓу двете земји и изрази подготвеност за зајакнување на соработката во сите области, во полза на исполнување на заедничката цел на двете земји, а тоа е интеграцијата во Европската Унија.
Интеграцијата во ЕУ е клуч за развојот на земјите на Западен Балкан и можност за сите народи во Регионот да се обезбеди перспектива за идните генерации, затоа што иселувањето на младите е актуелна грижа за Регионот.
Министерот Дукај рече дека регионалната соработка помеѓу двете земји е важна заради тоа што како мали земји заедно можеме повеќе да постигнеме во напорите за европска интеграција. Реформите на јавната администрација, а посебно дигитализацијата и правичното застапување на етничките заедници, се области во кои двете земји можат да соработуваат преку размена на мислења и добри практики.
На крајот на средбата, соговорниците изразија надеж дека Северна Македонија и Црна Гора ќе ги совладаат престојните предизвици и успешно ќе го продолжат патот кон Европската Унија. Тие, исто така, оставија отворена врата за понатамошни контакти и унапредување на односите помеѓу двете земји.