Македонија
Шахпаска: Приоритет е брза и ефикасна постапка за заштита на жртвите од семејно насилство
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска учествуваше на завршната конференција во рамките на проектот „Евалуација на стандардите за фер судење и пристап до правдата во судски предмети за семејно насилство и криминал од омраза“, во организација на коалицијата „Сите за правично судење“ .
Министерката во своето обраќање до присутните учесници се осврна на заложбите што се прават од страна на Министерството за труд и социјална политика во поглед на сузбивање, превенција и заштита од семејното насилство.
„Регулирањето на семејното насилство во позитивното законодавство ја вбројува Северна Македонија во редот на држави што, покрај задолжителното давање соодветна заштита на жртвата на семејно насилство, воведоа и комплементарна правна заштита на жртвите во овие случаи“, посочи министерката Шахпаска. Таа истакна дека во нашата држава семејното насилство е регулирано и со граѓанското и во казненото законодавство.
„Првпат семејното насилство во нашето законодавство е воведено во 2004 година, а во изминатиот период направени се повеќе измени на законите, кои придонесоа за промени и во релациите на полето на историската прифатеност на семејното насилство; општествената улога на мажите и жените; приватноста и семејството; прашањата на моќта, авторитетот и легитимноста; законодавството и правниот систем; премолчeните културни обичаи и правила за доминантното машко/женско однесување, чувства и реакција и влијанието на медиумите во справувањето со овој вид насилство“, посочи Шахпаска. Но, во 2014 година, појасни министерката, е донесен првиот системски Закон за превенција, спречување и заштита од семејното насилство, кој имаше цел да се создаде сеопфатна правна рамка, со која системски ќе се унапредат состојбите против семејното насилство во нашата земја преку креирање координиран и интегриран систем во сите подрачја на дејствување.
„Владата во 2018 година одлучи и го почна процесот за изготвување нов закон за насилство врз жени и семејно насилство. Ова законско решение во моментот е во финална фаза на донесување во Собранието на РСМ. Со овој нов закон се уредува: постапувањето на институциите со должно внимание при заштитата на жените од сите форми на родово базирано насилство и жртвите на семејно насилство; меѓусебната координација на институциите и организациите; мерките за превенција од родово базираното насилство врз жените и семејното насилство; собирањето податоци за родово базираното насилство врз жените и семејното насилство; брзо и ефикасно постапување на институциите, особено судот во постапувањето и изрекувањето итни и привремени мерки за заштита; ослободување на жртвите од судски трошоци во текот на судската постапка и жртвата има право да поднесе тужба пред граѓански суд за утврдување одговорност за непостапување со должно внимание од страна на надлежните институци.
Министерката истакна дека особено значајно е што со новиот предлог-закон ќе се донесе и програмата за реинтеграција на жртвите на насилство, со која ќе се фокусира на препознавање на жртвите како посебна ранлива категорија и развивање мерки за помош и поддршка врз основа на нивните потреби преку модели за привремено домување, психичко советување со менторство, разни видови финансиска помош специфично наменети за жени жртви на насилство, можности за образование и обуки во разни области, како и мерки за вработување утврдени со закон.
За Министерството за труд и социјална политика и за Владата приоритет е брза и ефикасна постапка за заштита на жртвите, нивна реинтеграција во системот и обезбедување превенција во насока на намалување на насилството, истакна министерката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

