Македонија
Шахпаска – Чупи: Проектите за поголема вклученост на децата Роми во предучилишниот образовен процес имаат големо значење
Министерската за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска се сретна со Реџепали Чупи, директор на Ромскиот едукативен фонд со седиште во Белград, со кого разговараше за досегашните и тековни проекти на кои работи фондот, со цел поголема инклузија на Ромите во општествениот живот преку помош и поддршка во образовниот и предучилишниот процес.
Од страна на директорот на РЕФ, Чупи, беше посочено дека Ромскиот едукативен фонд има претставништа во 16 држави од Југоисточна Европа, а во нашата држава работи на два главни и многу значајни проекти. Тоа се стипендирање на деца средношколци Роми и проектот за бесплатно вклучување на деца Роми во предучилишно образование, проект реализиран од страна на МТСП во соработка со 18 единици на локална самоуправа.
Овие проекти се имплементираат од 2006 година и секоја година се вклучуваат 350-400 деца Роми на возраст од 3 до 6 години, во предучилишно образование, каде се вработени и 19 негователки ромки како дел од проектот.
Од Министерството наведуваат дека со цел поголема инклузија на децата роми во предучилишно образование од јануари 2019 година, МТСП вклучувањето на децата Роми во детските градинки по насока на Владата го реши на системски начин, со предлог до советите на општините да ги ослободат од партиципација родителите на овие деца.
Во текот на средбата се дискутираше и за можноста на вклучување на децата Роми во онлајн следење на наставна програма за предучилишно образование во време на Ковид-19. За овозможување на таа цел РЕФ нуди поддршка со обезбедување таблети на оние деца Роми кои нема да престојуваат физички во градинките.
Двете страни се согласија дека соработката помеѓу Министерството за труд и социјална политика и Ромскиот едукативен фонд продолжува и понатаму, со цел поголема вклученост на Ромите во сите сегменти на општественото живеење, со посебен акцент на предучилишниот образовен процес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на Ѓавато и во Крушево
Намалена видливост поради магла од 50 до 100 метри утрово има на планинскиот премин Ѓавато и Крушево, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Министерот Стоилковиќ објави видео од канцеларија со импровизирани кревети во кои работеле службеници од ДУИ
Министерот за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, објави снимка на социјалните мрежи на која, според него, е прикажана канцеларија во неговото Министерството, а во која биле службеници од ДУИ кои биле отпуштени на 24 декември.
„Ова е канцеларијата во Министерството за односи меѓу заедниците, инаку претворена во ова што го гледате, во која „работеа“ вчера отпуштените службеници кои, по некоја случајност се од ДУИ. По документирањето на состојбата истите се испратени да си спијат дома. Толку!“, напиша Стоилковиќ.
ДУИ претходно обвини за дискриминација поради тоа што од Министерството биле отпуштени седуммина Албанци.
Македонија
Променливо облачно време со сончеви периоди, температура до 10 степени
Утрото ќе биде облачно, во крајните југозападни делови ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Во текот на денот ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 5, а максималната ќе достигне од 4 до 10 степени.
Во Скопје, променливо облачно, во текот на денот со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 6 степени.
Следува период на стабилно и студено време со утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни. Во деновите од викендот ќе дува засилен до силен северен ветер (локално над 60 km/h).

