Македонија
Швајцарија ќе поддржи образовен проект за зголемување на вработеноста во земјава
Швајцарската Конфедерација ќе обезбеди финансиска и логистичка поддршка за реализација на 10 годишен проект „Образование за вработување во Македонија“ кој треба да започне годинава и има за цел да го подигне степенот на вработливост во земјата. Имплементацијата на проектот беше една од клучните теми на разговор за време на денешната средба помеѓу министерот за образование и наука Арбер Адеми и заменикот амбасадор на Швајцарија во земјава, Стефан Томаџан. Двајцата соговорници подетално се осврнаа на спроведувањето и очекуваните ефекти од проектот, кој ќе се спроведува етапно, а првата фаза ќе трае заклучно со 2022 година.
Проектот ќе биде имплементиран од страна на Helvetas Swiss Intercooperation, Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) и Стопанската комора на Македонија и со истиот ќе бидат опфатени млади невработени и несоодветно вработени лица на возраст до 29 години, ученици од стручното образование и обука, со грижа за вклучувањето на жени, Роми, како и лица со попреченост.
Целите на проектот се насочени кон унапредување на неформалното и формалното стручно образование, како и кон хармонизирање на соодветната законска регулатива во земјата.
Министерот за образование и наука, Адеми се заблагодари за досегашната поддршка од страна на Швајцарија кон земјата, изразувајќи и големо задоволство што истата продолжува во периодот што следи, но и се надградува токму преку имплементацијата на проекти од ваков тип. За време на средбата, двајцата соговорници се осврнаа и на повеќе други теми поврзани со заеднички тековни активности и проекти во областа на образованието и науката. Заменик амбасадорот Томаџан, упати честитки до министерот, по повод неодамнешното именување на функцијата и ги потврди искрените намери на Швајцарија да и помогне на земјата во заложбите за градење на што подобар и поквалитетен образовен систем, како и во заложбите за намалување на невработеноста, особено кај младата популација, соопшти Министерство за образование и наука.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

