Македонија
Шекеринска: ВМРО-ДПМНЕ покажува дека не сака попис со барањето за терминали за отпечаток од прст
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска барањето на опозцијата за набавка на 10 илјади апарати за отпечаток од прст, го оцени како неодговорно, и со намера да се купи време и да пропадне идејата за пописот. Таа рече дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ се обидува да го проблематизира пописот и затоа нуди идеи кои не се прифатливи и спроведливи. Порача дека е време државата да покаже одговорност кон оваа статистичка операција која е неопходно да се спроведе на пролет.
„Кога една парија неколку месеци пред пописот кој го чекаме со години ќе даде предлог да се купат илјадиници апарати кои не само што чинат пари, туку треба и време тоа да се споведе, ни укажува дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ не сака да има попис. И тоа е истата партија која еднаш тргна во попис, која самата ги рушеше правилата на пописот, потроши 4 или 7 милиони евра не ме фаќајте за збор и рече пу-пу не важи. Оваа држава не може веќе ништо да планира и личи на сериозна држава, ако уште еднаш го одложи пописот.
Овој предлог на ВМРО-ДПМНЕ е уше еден обид да се одложува и проблематизира пописот. Сличен предлог имаше пред неколку години, кога имавме време да планираме изборна реформа да гарантираме дека граѓанинот кој што е на избирачката листа е гласач. ВМРО-ДПМНЕ тогаш целосно го блокираше, иако имаше време тогаш тоа да го направиме. Не само што се лицемери, не само што едно говорат пред неколку години, а сега друго, туку прават да се претставиме како неодговорна држава која треба да увиди какви социјални, економски и демографски проблеми има. Ова е само нов предлог да се купи време и да пропадне идејата за попис“, рече Шекеринска во однос на барањето на опозицијата за набавка на 10.000 терминали за отпечаток од прст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во Брисел на средба со Калас и Руте: можност за размена на ставови за имплементацијата на одлуките од Самитот на НАТО во Хаг
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од денес до среда престојува во работна посета на Брисел. Посетата вклучува средби посветени на евроинтегративниот процес на државата, како и учество на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО.
Во рамки на посетата, Муцунски, заедно со министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, ќе оствари средба со Високата претставничка на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас. Средбата се одржува во контекст на континуираната посветеност на земјата кон европскиот интегративен процес и заедничката заложба за унапредување на партнерството со Унијата, особено во областите на безбедноста и одбраната.
На покана на Генералниот секретар на НАТО, Руте, министерот Муцунски во среда ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, кој ќе се одржи на 3 декември 2025 година во седиштето на Алијансата во Брисел.
Министерскиот состанок ќе биде можност за размена на ставови за имплементацијата на одлуките од Самитот на НАТО во Хаг, со фокус на иднината на Алијансата, јакнењето на индивидуалните и колективните способности, како и обезбедувањето ефективна одбрана и безбедност. Очекувана тема ќе биде и продолжената поддршка за Украина, како и заедничките одговори на актуелните безбедносни предизвици, вклучително и дестабилизирачките активности на малигни актери и стратешки конкуренти кои се закана за постоечката безбедносна архитектура и меѓународниот поредок.
За време на престојот во Брисел, предвидено е министерот Муцунски да оствари и низа билатерални средби.
Македонија
ДПМНЕ да ги гледа своите редови, со новите бомби ќе има што да се чисти, порачуваат од СДСМ
Криминалната ВМРО–ДПМНЕ нека погледне најпрво во своите редови, таму има многу за чистење од криминалци, особено по новите бомби кои допрва ќе бидат објавувани, порачуваат од СДСМ.
„СДСМ еднаш веќе помогна да се исчиститат криминалците од режимското време во ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е подготвена повторно да направи такво чистење.
Главниот криминалец кој украде над 2 милијарди евра, Никола Груевски, побегна во Унгарија а уште десетици други функционери на ДПМНЕ завршија на суд за криминал, корупција, прислушување и бројни злоупотреби.
Такви се нивните „редови“ и денеска. Истите шеми за испумпување на пари од граѓаните, истите местења тендери на фирми блиски до власта“.
Скандалот со една фирма со двајца вработени, која за 6 месеци добила тендери тешки речиси 9 милиони евра е потврда, како што истакнуваат од оваа партија за тоа што го говорат.
СДСМ, порачуваат од таму, ќе продолжи да ја разобличува секоја „коруптивна шема на оваа власт и да ја брани државата од новите бандити“.
Според нив, работата сè уште не е завршена.
Македонија
Во наредните денови претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно со слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на слаба магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 15 степени.
Во Скопје, ќе биде претежно облачно со слаб јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Под влијание на серија од влажни воздушни бранови од утре во вечерните часови следува период на претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во западните и јужните делови. На некои од повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Минималните температури ќе бидат насекаде позивитивни.

