Македонија
Шекеринска во Брисел на средби со колегите од земји членки на НАТО
Во пресрет на самитот на НАТО министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, имаше средби со колегите од земјите членки – Германија, Белгија, Холандија и Италија. Министерката разговараше и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и со американскиот секретар за одбрана, Џејмс Матис, на маргините на состанокот на Северноатлантскиот совет на НАТО.

Од своите колеги Шекеринска побара поддршка за членство на Македонија во НАТО посочувајќи дека сегашниот момент не треба да се пропушти бидејќи таква можност нема да се повтори бргу.

На средба со германската министерка за одбрана, Урсула вон дер Лејен, беше заклучено дека соработката меѓу двете земји е на високо ниво и со заемно разбирање. Шекеринска се заблагодари за континуираната поддршка од Германија во реформските процеси во одбраната и за влез во НАТО.

На средбата со министерот за одбрана на Кралството Белгија, Стивен Вандепут, беше потврдена високата соработка и беше заклучено дека таа треба да се продлабочува и унапредува во континуитет.

На средбата со министерката за одбрана на Кралството Холандија, Анк Билјевелд-Шоутен, Шекеринска изрази задоволство од холандската поддршка за членство на Македонија во НАТО и ја истакна подготвеноста за интензивирање на соработката. Попладнево Шекеринска ќе се сретне со италијанската министерка Елизабета Трента.

Македонија беше посочена како добар пример за исполнување на обврските на патот кон евро-атлантските интеграции и како позитивен сигнал за регионот. Заедничката порака на Шекеринска до сите министри беше дека Македонија заслужува да стане 30-та членка на НАТО.
„Внесовме нов дух во односите со соседите. Отворивме дијалог и ги решаваме сите спорни прашања. Потпишавме договор за добрососедство и пријателство со Бугарија и сме на пат да го решиме 27-годишниот спор за името со Грција. Немаме други незатворени билатерални или гранични прашања“, порача Шекеринска во Брисел.
На состанокот на НАТО предводен од Столтенберг, во чиј фокус беше мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, министерката рече дека Македонија од почетокот на 2018 година го зголеми своето учество и дека поддршката ќе продолжи. Шекеринска ги информира министрите и генералниот секретар на НАТО дека новата демократска Влада во Македонија презела сериозни реформи во сите области вклучително и во одбранбениот сектор.
„Македонија изоди долг пат и направи голем скок во интегративните процеси, што го потенцира нашиот кредибилитет како полноправен член на НАТО во блиска иднина. Се надеваме на членство во НАТО, кое ќе биде признание на нашите напори и ќе ја зајакне безбедноста во регионот“, порача министерката за одбрана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши од Вашингтон: Северна Македонија останува лојален сојузник на НАТО и посветен партнер на САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој престојува во работна посета на Вашингтон, САД, денеска се обрати на Форумот за безбедност на тема „Инвестирање од 5% во одбраната и посветеноста кон партнерството со САД“. На настанот учествуваа светски лидери и претставници на Американскиот конгрес, при што се дискутираше за безбедноста и зајакнувањето на трансатлантската соработка.
Гаши кажа дека посветеноста на нашата земја кон НАТО е силна, водена од убедувањето дека ниту една нација не може сама да ја гарантира својата безбедност.

„Северна Македонија придонесува со дисциплина, стои покрај своите сојузници, ги исполнува преземените обврски и го докажува партнерството преку дела. Во време на глобална неизвесност, соработката во рамките на НАТО е поважна од кога било, особено за земји како нашата, во срцето на Балканот. Зајакнувањето на институциите, инвестициите во одбраната и заедничката интероперабилност се од суштинско значење за нашата колективна отпорност“, рече Гаши.
Тој додаде дека Македонија е лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на САД.
„Ние стоиме како лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на Соединетите Американски Држави. Како што има истакнато претседателот Џон Ф. Кенеди: „Им ветуваме лојалност на лојалните пријатели. Бидејќи обединети, има малку нешта што не можеме да ги направиме; поделени, има малку нешта што можеме да ги направиме.“ А децении подоцна, претседателот Џорџ В. Буш го потврди овој двопартиски принцип, потсетувајќи нè дека „за да го обновиме нашето единство, доволно е да се потсетиме на нашите вредности““, рече Гаши.
Во истиот дух, додаде тој, Северна Македонија ја избира одговорноста наместо двоумењето и единството наместо поделбите. „Ова е нашето ветување кон заедничките вредности, заедничката безбедност и силната Трансатлантска алијанса“, рече Гаши.
Македонија
Утре облачно време со температура до 14 степени, од недела заладување
Времето утре ќе биде облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m² , а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.
Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.
Македонија
Град Скопје најавува системско проширување на „Лајка“: 30 милиони денари за хумано решавање на проблемот со бездомните кучиња
Град Скопје почнува, како што соопштува, сериозен, хуман и системски пристап за решавање на проблемот со бездомните кучиња преку значително проширување на капацитетите на ЈП Лајка.
Од Град Скопје информираат дека по преземањето на функцијата градоначалник, ставен е крај на досегашната практика ЈП „Лајка“ да се користи за партиски вработувања, при што фокусот е насочен кон вистинско и одговорно справување со проблемот кој, како што се наведува, со години бил игнориран.
Во програмата на градоначалникот, се посочува во соопштението, предвиден е значаен фокус на ова прашање, а обезбедени се 30 милиони денари за сериозно проширување на капацитетите на ЈП „Лајка“ и за создавање современи и хумани услови за згрижување на бездомните кучиња. Станува збор за, како што се наведува, суштинска промена со цел постигнување конкретни и видливи резултати.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски изјави дека нема да се дозволи Скопје да биде депонија за бездомни кучиња од други градови. Прашањето за нивното несовесно носење во главниот град веќе е отворено со надлежните институции, а со воведувањето на системот „Сејф Сити“ ќе се овозможи идентификација и санкционирање на сите прекршители.
Воедно, градоначалникот упатил апел до граѓаните да бидат активен партнер во овој процес и секоја појава да ја пријавуваат, посочувајќи дека само со заедничка акција може да се воспостави функционален и одржлив систем за справување со проблемот.

