Македонија
Шекеринска на панел-дискусија со групата „Охрид“: Успеавме да го исполниме она што ѝ треба на Македонија
Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска учествуваше на панел-дискусија заедно со претставници на новоформираната група „Охрид“ во која членуваат поранешни дипломати за поддршка на Македонија на нејзиниот пат кон членство во НАТО и ЕУ.
На панелот учествуваа и поранешниот генерален секретар на НАТО, лорд Џорџ Робертсон, поранешнот претседател на Република Бугарија, Росен Плевнелиев, францускиот дипломат Ален Ле Роа и лордот Кристофер Геијд, поранешен приватен секретар на кралицата на Обединетото Кралство и член на Горниот дом на британскиот Парламент.
Заблагодарувајќи се на сите членови на неформалната група „Охрид“ за нивните напори и понудената помош во исклучителните моменти кога се случуваат многу работи во Македонија, Шекеринска истакна дека со поранешните дипломати соработувала во минатото и дека Македонија уште тогаш се покажа како кредибилен партнер на ЕУ и НАТО.
„Денеска, кога одлучуваме за нашето учество во мисии во Авганистан, Босна и Херцеговина, во Либан, меѓу другото, како држава мислам дека имаме обврска тоа што функционира и ѝ помогна на Македонија да го искористиме и да го понудиме како наша помош на други држави“, рече вицепремиерката Шекеринска.
Таа се осврна на улогата на Европската Унија и НАТО во минатото како сојузник на Македонија за обезбедување на мирот и стабилноста во напорите да се создаде општество без етнички бариери.
Вицепремиерката истакна дека актуелната Влада, следејќи ги европските лекции, го прифати развивањето добрососедски односи и посебно преку договорот со Бугарија покажа дека само така може да се гарантираат напредокот и заедничката безбедност на балканските држави.
„Како Влада, по 10 години успеавме да го исполниме она што ѝ треба на Македонија и мора да сметате на нас и нашите стратешки интереси што ги решаваме како заеднички интереси на сите граѓани и соседи“, им се обрати Шекеринска на пријателите од неформалната група за поддршка на евро-атлантските интеграции на Македонија предводена од поранешниот генерален секретар на НАТО, лорд Џорџ Робертсон.
Во своето обраќање Робертсон оцени дека во минатото Македонија се соочила со разни интереси и била земја на работ на распаѓање, но не се распаднала благодарение на граѓаните што се обединија.
Заедно со поранешниот претседател на Република Бугарија, Росен Плевнелиев, Робертсон се согласи дека просперитетна земја и земја со добра иднина се гради само со надминување на партиските интереси и соработка на преостанатите полиња, како што се економскиот и културниот развој во регионот.
Плевнелиев нагласи дека единствен начин за градење стабилен и безбеден Балкан се заедничката соработка и довербата во економски и културни проекти што ги обединуваат граѓаните. Тој посебно позитивно ги оцени добрососедските односи меѓу Македонија и Бугарија додавајќи дека тие се чин на политичка добра волја и споделување на заедничката историја, а не на поделби.
Францускиот дипломат Ален Ле Роа се осврна на можноста како дел од групата на пријателите на Македонија да им помогне на државата и граѓаните, кои веќе чекорат по патот на европската перспектива. Ле Роа рече дека неформалната група нема политички мандат, но може да помогне со разни стручни експертизи и искуства.
За важноста на членството на Македонија во ЕУ и НАТО говореше и поранешниот портпарол на Северноатлантскиот сојуз, Марк Лејти. Тој истакна дека со членството во ЕУ и НАТО се обезбедува рамка, која Владата и граѓаните треба да ја искористат за креирање на економските и демократските можности, но особено за обезбедување на владеењето на правото, кое е клучно за економскиот раст и просперитет.
„Имав средби со премиерот Заев и тој ме убеди дека приоритет на оваа земја е да ги задржи младите луѓе и тоа е клучно, така ќе се создадат вистински можности за економски инвестиции“, додаде Лејти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

