Македонија
Шекеринска од француските воени гробишта во Битола: Македонија и Франција и во минатото и сега се на иста страна
Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, и државната секретарка во Вооружените сили на Франција, министерката Женевјев Дариесек, денеска ги посетија француските воени гробишта во Битола, каде што положија венци во чест на војниците кои тука ги загубиле животите во Првата светска војна. Посетата на гробиштата е дел од заедничкото одбележување на стогодишнината од крајот на Првата светска војна во чии рамки беше отворен и новиот Меморијален комплекс посветен на француските војници.
Говорејќи пред присутните, министерката Шекеринска рече дека овој настан од заедничката историја на двете држави заслужува почит и дека е потсетник за заедничка должност да се учи од минатото.

„Ние како претставници на нашите влади и министерства за одбрана, имаме најголема одговорност да ги гарантираме и афирмираме вредностите на мирот, заедништвото и соживотот“, нагласи Шекеринска.
Министерката додаде дека Првата светска војна е ненадминлива историска тема и во Македонија и во Франција и дека заедничкото одбележување е потврда дека двете држави и тогаш и сега се на иста страна – правдата и слободата.

Француските гробишта во Битола постојат уште од крајот на Првата светска војна во знак на почит кон војниците кои загинале на македонскиот фронт. Управата за заштита на културното наследство го запиша овој настан во агендата на Европската година на наследство, истакнувајќи дека станува збор за заеднички историски настани што се случиле на европскиот континент.
Шекеринска вечерва на церемонија во Француската резиденција ќе биде одликувана со орден „Командант на Националниот ред за заслуги на Франција“ поради нејзиниот особен придонес кон развојот на односите меѓу Македонија и Франција. Високото одликување во име на претседателот на Република Франција, ќе и биде врачено од министерката Женевјев Дариесек. Орденот „Командант на Националниот ред за заслуги на Франција“ се доделува за истакнати граѓански заслуги, а е воспоставен во 1963 година од генералот Де Гол.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 7 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови ќе дува умерен западен ветер, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -12 до -3, а максималната ќе достигне од 0 до 7 степени.
Во Скопје, променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до -9, а максималната ќе достигне до 3 степени.
До крајот на седмицата ќе се задржи стабилно и суво време. Од среда по котлините ќе има услови за појава на магла, а температурата ќе биде во благ пораст.
Македонија
Средба Хоџа-Ќехаја: Екологија и регионален развој во фокус
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска оствари работна средба со амбасадорот на Република Косово во Република Северна Македонија, Флоријан Ќехаја, на која се разговараше за актуелната состојба и перспективите на билатералната соработка во областа на животната средина и просторното планирање.
За време на средбата, министерот Хоџа и амбасадорот Ќехаја ги оценија пријателските односи и одличната соработка меѓу двете земји, истакнувајќи ја важноста на постојните документи и заеднички иницијативи, вклучувајќи го Меморандумот за разбирање од 2012 година за соработка во областа на животната средина, Договорот за економска соработка, како и регионалната иницијатива „Заедничка визија за Шар Планина“, која има за цел заштита и одржлив развој на прекуграничните заштитени подрачја.
Соговорниците ја истакнаа важноста на соработката во рамки на ИПА Програмата за прекугранична соработка, како и на значајните инфраструктурни и економски проекти кои придонесуваат за зајакнување на врските меѓу двете земји.
На средбата, се изрази заеднички интерес за интензивирање на соработката во наредниот период, вклучувајќи и ревидирање на постојниот Меморандум, меѓу двете држави.
Хоџа и Ќехаја ја реафирмираа посветеноста за зајакнување на билатералната и регионалната соработка во областа на заштитата на животната средина и зачувувањето на природното наследство.
Македонија
На 18-годишнината од хеликоптерската несреќа, положен венец на споменикот кај Катлановско Блаце
Денеска, 12 јануари (понеделник), министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски на обележјето кај Катлановско Блаце положија венец со свежо цвеќе во спомен на единаесетмината припадници на воздухопловниот ВИНГ кои пред 18 години ги загубија своите животи, враќајќи се од мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина.
Министерот Мисајловски по овој повод порача дека нивната мисија била благородна и дека никогаш нема да бидат заборавени бидејќи со своите дела покажале како се сака државата и како се сака татковината.
На спомен-обележјето кај Катлановско Блаце почит на загинатите припадници оддадоа членовите на семејствата, како и делегации од Командата за операции, Првата пешадиска бригада, воздухопловниот ВИНГ и од општината Петровец.
Со едноминутно молчење и положување венци со свежо цвеќе од страна на припадниците на воздухопловниот ВИНГ беше оддадена почит за единаесетмината загинати припадници и пред спомен-обележјето пред командата на ВИНГ-от во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец, како и во меморијалниот парк во кампот Бутмир во Сараево, Босна и Херцеговина, каде нашите припадници беа дел од мисијата АЛТЕА.
Во хеликоптерската несреќа, на денешен ден пред осумнаесет години, враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА трагично загинаа потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ и Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељаноски.

