Македонија
Шекеринска: Постигнавме брз прогрес, сега е време ЕУ да покаже брза реакција
Само пред малку повеќе од две години мојата земја беше извор на загриженост кај повеќето сојузници во НАТО и ЕУ. Се боревеме со тешка политичка криза, со пад на демократијата, значителен пад во слободата на медиумите, па дури и со агресивна политичка конфронтација. Сепак, потребна беше нова влада, огромна политичка одлучност, храброст и способност за донесување одлуки за да се променат работите и да се очекуваат добри вести на самитот во Лондон, рече министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, на панелот со наслов „Што следува? – поглед на евро-атлантската безбедност, 70 години по вашингтонскиот договор“, на Бледскиот стратегиски форум.
Со решен спор со Грција, добри односи со Бугарија, пробив во зацврстувањето на демократијата и слободата на медиумите, денеска, додаде таа, имаме четирикратно зголемени странски инвестиции и 50.000 нови работни места, имаме успешен пример.
„НАТО го верификува нашиот напредок и ја испрати пораката дека ги поддржува добрососедските односи, решавањето на регионалните прашања и промовирањето на стабилноста преку подобрување на политичките односи меѓу двете земји. Затоа, мислам дека ова беше вин-вин ситуација, и за Северна Македонија, но и за НАТО. И не мислам дека е случајно што толку многу земји бргу го ратификува договорот. Добрата вест е што изгледа дека земјите членки на ЕУ се подготвени да ја следат истата агенда и да ги наградат сигналите за напредок на Балканот“, рече министерката.
Таа рече дека од особена важност е,кога има резултати и напредок, да има и брза реакција.
„Навистина мислам дека дојде време кога може да кажеме дека покажавме многу брзо закрепнување, многу брзо резултати, но исто така дојде и времето ЕУ да покаже дека брзото закрепнување и брзиот напредок резултира со донесување брзи одлуки. Октомври е важен и за нас и за Унијата“, рече Шекеринска.
На панелот што го отвори словенечкиот министер за одбрана, Карл Ерјавец, зборуваше и заменик-генералниот секретар за заедничка безбедносна и одбранбена политика на Унијата, Педро Серано, кој рече дека позицијата на ЕУ е да се посвети на иднина во која Балканот е дел од ЕУ.
„Вашата земја е посветена. Од наш аспект, нема сигурна и стабилна Европа додека овој процес не заврши. Процесот на интеграција на Западен Балкан е во тек“, рече Серано.
Бледскиот стратешки форум секоја година е местото каде што се среќаваат влијателни светски и европски политичари и државници. Форумот претставува една од водечките меѓународни конференции во Централна и Југоисточна Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Сарај, Гази Баба и Чаир денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 д 15.00 часот, дел од корисниците од село Љубин (општина Сарај), како и објектите на компаниите Мајами, Ана Компани, Мак лифт и Прилепска Пивара. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, корисниците од улиците Никола Мартиновски и Азем Хајдари, Албанскиот Тетар и објектите лоцирани околу него (општина Чаир), како и дел од корисниците од село Бојане. (општина Сарај)
Македонија
Продолжува периодот на променливо облачно време со локални врнежи од дожд
Наутро по одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде променливо облачно, претпладне и кон крајот на денот со повремен локален дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 11, а максималната ќе достигне од 15 до 19 степени.
Во Скопје, наутро во делови од котлината ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд со послаб интензитет. Ќе дува умерен југоисточен ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност ќе продолжи периодот на променливо облачно време со локални врнежи од дожд. Во петок и во деновите од викендот повторно се очекуваат пообилни врнежи од дожд (над 30 l/m² за 24 часа), локално во форма на невреме со засилен ветер и услови за појава на грмежи. Од недела утринските и дневните температури значително ќе опаднат, а на повисоките планини врнежите од дожд ќе преминат во врнежи од слаб снег
Македонија
Муцунски се сретна со еврокомесарката за проширување, Марта Кос
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево, во рамки на работната посета во Брисел, оствари средба со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
„На средбата беше потврдена силната посветеност на државата на евроинтегративниот пат, континуитетот во реформските процеси, како и носењето на законите што се составен дел од овој процес. Разговорот беше насочен и кон заедничките безбедносни предизвици и продлабочувањето на соработката во областа на безбедноста и одбраната“, соопшти МНР за средбата.
Еврокомесарката Кос ја изразила поддршката за европскиот пат на Република Северна Македонија и го поздравила континуитетот во реформите и фокусот на Владата по локалните избори.

