Македонија
Шилегов: Децентрализацијата мора да продолжи и покрај проблемите
Градоначалникот Шилегов денеска учествуваше и се обрати на тркалезната маса за „Предизвиците и дилемите во системот на финансирање на надлежностите на општините – редефинирање на начинот и утврдување на критериумите за наменски и блок-дотации за општините“, во организација на Министерството за локална самоуправа. На тркалезната маса беа презентирани и дискутирани наодите од анализата направена во консултација со надлежните министерства и со општините за начинот на финансирање на надлежностите на општините во областа на основното и средното образование, детските градинки, културата и противпожарната заштита, финансирани со блок-дотации од централниот буџет.
,,Фискалната децентрализација и состојбата со финансиските проблеми во општините е проблем што постои од самиот почеток на децентрализацијата и трае до денес. Особено е голем проблемот со децентрализираните надлежности, кои и по тринаесет години, не успеаја да добијат добра завршница. Иста е состојбата со блок и наменските дотации. Ќе почнам од долговите на општините, иако тие не се предмет на истражувањето заради кое сме денеска тука, но нам, на локалните власти, ни тежат и морам да ги спомнам.
ЗЕЛС во 2005 година направи првична анализа на состојбата со долговите и осозна дека пред самиот почеток на децентрализацијата општините имаа долг од 51 милион евра, основен долг. Тоа е показател дека долговите настанале многу пред почетокот на процесот на децентрализацијата, а дел од истите потекнува и од период кога сме биле во состав на друга држава. Како што општините добиваа нови надлежности и обврски, така растеа и долговите. Министерството за финансии неодамна излезе со податок дека вкупниот општински основен долг изнесува околу 100 милиони евра, а предвиде и помош за општините, во износ од приближно 50 милиона евра, кои ќе бидат неповратно дадени на општините и со кои треба да се намали долгот и отпишат каматите. Дел од овие долгови, за кои зборував претходно, се настанати и заради недоволни средства обезбедени за блок и наменските дотации, за кои општините и институциите формирани од нив, мораа да одвојуваат сопствени средства и да влегуваат во дополнителни долгови, заради нереална можност да најдат средства и да ги платат настанатите побарувања”, рече Шилегов.
Тој објасни дека на прво место на оваа листа се наоѓа образованието, и тоа и основното и средното.
,,Самиот факт дека од 2005 година до денеска, кога разговараме за овој проблем, само промената во цената на енергенсите, како нафта, електрична енергија или дрва е огромна и воопшто не е следена со зголемување на блок-дотациите за образование. Истото се случува и со дополнителните предмети, перманентно додавани во наставната програма, без притоа да се земе предвид дека блок-дотацијата треба да ги следи овие новини. Сакам само да споменам дека во 2010 година општините се оставени без дванаесеттата рата од блок-дотацијата, така што цел товар околу подмирувањето на трошоците остана само нивна грижа. Проблемот за кој ЗЕЛС постојано алармираше и алармира е состојбата со нереално високи цени за задолжителниот училиштен превоз, кои се добиваат во тендерските постапки. Мислам дека дел од тој проблем е решен со последните измени, иницирани од ЗЕЛС, а имплементирани од Собранието направени со измена на Законот за патен сообраќај. Тоа е само делумно решение, а сега се обидуваме на општините да им помогнеме успешно да ја имплементираат оваа законска измена. Треба да нè загрижи и процентот, кој од блок-дотациите се исплаќа за плати на училишниот кадар, а кога тој ќе се види ќе ни биде јасно колку финансиски средства остануваат за сите преостанати плаќања и одржување на училишните објекти”, нагласи Шилегов.
Шилегов во своето обраќање, како претседател на ЗЕЛС, на тркалезната маса се осврна и на функционирањето на противпожарните единици, кои се исто така децентрализирани во 2005 година.
,,Голем е проблемот со вработените, за кои под ниеден услов, до скоро, не добивавме согласност за старо вработување, што значи дека ако си замине вработен по кој било основ, немаме можност да добиеме согласност за вработување на истото место. Од друга страна, законот не обврзува да имаме еден пожарникар на 1.500 жители, па решението го баравме во тоа што општината од основниот буџет вработуваше пожарникари. Во последната година, успеавме да се договориме со Владата да се реши дел од овој проблем и поредовно да добиваме согласности за вработувања. Кај противпожарните служби имаме уште еден проблем и тој е врзан со нивната опрема. Страшна е состојбата со опремата, возилата и униформите на пожарникарите. Многу често се случува градоначалниците од основниот буџет да купуваат по некое делче на неопходната опрема, за да овозможат нормално функционирање на овие многу важни служби”, рече Шилегов.
Градинките, објасни понатаму градоначалникот Шилегов, како основна грижа на најмалите и најмилите, се надлежност што е префрлена на локално ниво, без заостанати долгови и со доволно средства за нормално функционирање.
,,Проблемот со градинките настана во моментот кога престанаа да се издаваат согласности за вработување и доведе до ситуација по една негувателка да треба да се грижи за триесет и повеќе дечиња. Во последно време таму имаме проблем и со просторни капацитети, но Министерството за труд и социјална политика имаше повеќе слух и се обиде да обезбеди средства за проширување на старите или градење нови градинки. Културата е исто така темна зона во децентрализираните надлежности. Само дел од културните институции се децентрализирани, а постои и огромен број општини, каде што културните институции останаа во рацете на централната власт, без притоа да се има критериуми и да се знае зошто е така тоа. Во една општина, како пример, е децентрализиран театарот, а во соседната тоа веќе не е случај. Зошто е тоа така, не постои објаснување. Уште е пострашна ситуацијата со децентрализираните културни институции. Голем е бројот на децентрализираните културни домови, на пример, каде што работи само директорот. Градоначалникот обезбедува хигиеничар еднаш или двапати неделно и навистина не ми е јасно што и какви активности можеме да очекуваме од таквите институции”, праша Шилегов.
Градоначалникот нагласи дека можеби е добро да се размислува во насока на големи измени во децентрализацијата и дека треба да се размислува и за продолжување на процесот на децентрализација.
,,Пред извесно време читав една анализа за развој на децентрализацијата во регионот и се изненадив од просечните оценки за Македонија. Велат, децентрализацијата е многу бавна, нема напредок во процесот на децентрализацијата и слично. Воопшто не се чувствував добро кога ги читав наведените квалификации. Можеби таквите квалификации треба да ни бидат поттик да продолжиме со овој процес. Она што ќе го видите во систематизираните ставови на ЗЕЛС, а што треба да ни биде главниот документ во преговорите со Владата, предвидува продолжување на децентрализацијата во неколку насоки, но и подобрување на финансирањето, односно повеќе приливи од ДДВ-то и од персоналниот данок. Или, како заклучок за крај, можеби треба да размислуваме за сосема нов концепт на локалната самоуправа и за сосема нов концепт за финансирање на локалната самоуправа”, заклучи Шилегов.
На денешната тркалезна маса што се одржа во хотелот „Холидеј ин“ присуствуваа и министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, министерот за образование и наука, Арбер Адеми, министерот за култура, Асаф Адеми, државниот секретар во Министерството за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, како и градоначалници на општини, претставници од министерствата, домашни и странски експерти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Кузеска: Кој е Душан Адамовиќ и зошто е избран за почесен Конзул на Македонија?
„Пред околу еден месец, српското МНР соопшти дека му ја предале егзекватурата на почесниот конзул на Република Северна Македонија во Република Србија: Душан Адамовиќ. Седиштето на Конзулатот на Република Северна Македонија е во Панчево. Кој е Душан Адамовиќ и зошто токму тој е избран за почесен конзул?“, кажа денеска на прес-конференција, Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
„На платформата X може да се најдат стари објави на Адамовиќ кој вели дека, цитирам „Српска Македонија“ била окупирана. Ова е скандал сам по себе, но одиме понатаму. Адамовиќ е висок функционер на СНС сестринската партија на ВМРО-ОКГ, и близок со Александар Вучиќ. Бил член на Извршниот одбор на СНС, кородинатор за Срем и координатор за Јужен Банат. Во медиумите во Србија има скандалозни информации за бројни афери кои се поврзуваат со него. Во 2019 години поранешниот министер за внатрешни работи на Србија, Зоран Живковиќ јавно ќе објави дека Душан Адамовиќ е дел од група која се занимавала со трговија со оружје. Вести.рс пренесува дека во 2008 г. на само 24 години бил застрелан во нога затоа што должел пари. Преживеал напад со бомба во 2006 година. Бил уапсен и за други кривични дела. Бројни афери со криминални позадини се поврзуваат. Сега прашањето е како покрај толку угледни бизнисмени, личност со вакво криминално минато, со која се поврзуваат бројни афери во Србија е избран за конзул? Го провериле ли македонските безбедносни служби или Мицкоски лично лобирал за него? Овој скандал отвора сериозен сомнеж. Го повикуваме премиерот Мицкоски да излезе и да одговори: Како од толку угледни бизнисмени во Србија владата го избрала Адамовиќ за почесен конзул на Македонија? Каква е врската на Адамовиќ со Мицкоски?“, истакна Кузеска.
ВМРО-ДПМНЕ испрати реакција на прес-конференцијата.
„Предлогот за конзул на Душан Адамовиќ доаѓа од амбасадорот на Македонија во Белград именуван уште од времето на владата на СДС и ДУИ. Партијата на Башановиќ, СДС треба да разбере дека функцонира во Македонија и е опозиција во Македонија. Не сакаме да се вмрежуваме во дневно политичките настани во соседна Србија иако желбата на СДС е огромна за тоа. Споменатото лице ги исполнува сите критериуми потребни за негово поставување за конзул“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Заев и СДС беа главниот кадија во државата, тие судеа, тие пресудуваа, тие разрешуваа
„Во времето на Зоран Заев и СДС, Македонија беше држава на еден човек. Заев беше и обвинител и судија и главен кадија. Одлучуваше кој ќе биде гонет и кој ќе седи на судиската клупа“, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Судиите и обвинителите не се бираа по закон и интегритет, туку по послушност. Доколку ги следевте насоките на Зоран Заев, останувавте на функција. Доколку покажевте непослушност, веќе следниот ден бевте разрешени. Судските случаи се кроеја по политичка мерка. Наместо правда, имавме политички пресметки, а наместо владеење на право, имавме владеење на страв“, истакна тој.
Членови на ВМРО-ДПМНЕ, вели Манасиевски, беа предмет на политички прогон, а притисокот не застануваше само на нив, се одеше и кон нивните семејства.
„Тоа не беше борба за правда, туку демонстрација на сила. Случајот со Мерцедесот и Гордана Јанкуловска е само еден од симболите на тој систем. Поранешниот врховен судија Катевеновски јавно посочи дека таа немала никакво сторено кривично дело. Кога предметот стигнал до него, на рочиште зад затворени врати јасно кажал дека нема да даде позитивно мислење за притвор и дека одлуката ќе ја координира заедно со неговите колеги. Но, разговорот со колегите никогаш не се случил. Утредента, на седница на Судски совет, која била свикана по насока на тогашната власт, судијата Катевеновски бил разрешен. Разрешен бил поради тоа што не постапил по политичка директива. Тоа е вистинското лице на Зоран Заев и на СДС. Ветуваа вистина и правда, а испорачаа селективност, криминал и корупција. Оние кои зборуваа за независно судство, создадоа зависно правосудство“, рече тој.
Според Манасиевски, денес, клопчето се одмотува.
„Сведоштвата стануваат сè погласни. Индициите и сомнежите за директна поврзаност помеѓу СДС, Заев и одредени одлуки во правосудството не смеат да останат без одговор. ЈО има обврска да постапи. Затоа што вистината, колку и да се прикривала, секогаш излегува на површина“, заклучи Манасиевски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС и ДУИ наложувале, а Судски совет експресно, за само еден ден, разрешувале судии неподобни за тогашната власт, како Катевеновски од Врховен
„Власта на СДС целосно го зароби судството и го стави под своја контрола. Со притисоци и уцени се морало да биде по нејзин терк“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„По насока на СДС и Зоран Заев се бирале подобни и послушни судии и обвинители, и по нивна насока, експресно, за еден ден се реазрешувале непристрасни судии и професионалци кои не беа под нивна контрола.
Таков е и примерот на поранешниот судија во Врховниот суд, Ристо Катевеновски кој тоа отворено, пред целата македонска јавност, го кажува.
Во свое телевизиско гостување, Катевеновски тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашната власт и коалициски партнери СДС и ДУИ.
Станува збор за судско рочиште на кое поранешниот судија истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и дека за тоа ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие.
После само еден ден од оваа негова изјава Судски совет свикал итна седница на која експресно бил разрешен иако, како што вели Катевеновски, изјавата била дадена зад затворени врати.
Тој посочува дека неговото разрешување не било случајно, туку истото дошло од тогашните власти СДС и ДУИ, односно Зоран Заев и Али Ахмети.
Тоа што во изминатите години го зборуваме, дека СДС и ДУИ под своја целосна контрола го ставиле судството и обвинителството и дека судиите и обвинителите ги бирале во партиските седишта во Струмица и Зајас, веќе се потврдува со јавни сведоштва.
СДС и ДУИ, на чело со Заев и Ахмети одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одговорност од одреден случај.
Овој случај уште еднаш покажува дека СДС и ДУИ си ја партизираа државата и ги заробија институциите.
Тоа време веќе заврши и за тоа е потребна одговорност“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

