Македонија
Шилегов: И преку лето работиме на решавање на проблемот со загадувањето
Град Скопје работи на решавање на проблемот со загадувањето и во летниот период кога никој не ги чувствува последиците од загадениот воздух во Скопје, изјави градоначалникот Шилегов во рамки на прес-конференцијата која заедно со директорот на „Комунална хигиена“, Абдусамед Шабани, ја одржа во рециклажниот двор на претпријатието.

Скопскиот градоначалник изјави дека неговиот тим во континуитет работи на отстранување на причинителите за загадување на воздухот.
„Еден по еден ги елиминираме причинителите за загадувањето во градот. На оваа локација повеќе нема дива депонија. Град Скопје преку ‘Комунална хигиена’ ја расчисти дивата депонија која подолг временски период беше една од причините за загадувањето во овој дел од градот“, изјави Шилегов, кој додаде дека на местото на депонијата од денеска ќе се врши селекција за рециклажа на отпадот.

„Ова е местото кое заедно со Момин Поток беше снимано со дрон од граѓаните. Од денеска на оваа локација наместо дива депонија имаме рециклажен двор. Овде отпадот внимателно ќе се селектира и притоа еден дел ќе се носи во Дрисла, а дел ќе се рециклира“, посочи Шилегов и нагласи дека Градот го слуша гласот на граѓаните.

Градоначалникот истакна дека зимава во рамките на кампањата „Пријави оган на отворено“ на телефонскиот број 193, најголем дел од пријавите од граѓаните во Карпош се однесувале токму на депонијата што сега е расчистена.
Тој воедно ги повика скопјани активно да се вклучат во борбата против загадувањето, да се грижат за хигиената во градот и да се вклучат во сите активности што ќе придонесат за почисто Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Отворен почесен конзулат на Австрија во Битола
Денеска во Битола беше отворен конзулатот на Австрија, а функцијата почесен конзул ќе ја врши битолчанецот Игор Божиновски. Конзулатот на Австрија се наоѓа на улицата „Виенска“.
На свеченоста која се одржа се обрати австрискиот амбасадор Мартин Памер, македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, конзулот Игор Божиновски и градоначалникот на Битола Тони Коњановски.
Градоначалникот Коњановски пред присутните ја истакна важноста на отворањето на уште еден конзулат во Битола, а со тоа и интензивирање на соработката со Австрија.
„Битола од денеска е побогата за уште еден конзулат, сега од пријателската држава Австрија, со што го враќаме епитетот Битола конзулски град“, истакна Коњановски пред присутните гости, дипломатскиот кор, пратеници и други гости.
Со ова Битола има седум почесни и два генерални конзулати.
Македонија
Николоски и Мисајловски во посета на Република Унгарија
Владина делегација предводена од вицепремиерот и министер за транспорт и министерот за одбрана, Александар Николоски и Владо Мисајловски, денеска се во работна посета на Унгарија.
За време на посетата министрите Мисајловски и Николоски остварија средби со главниот советник за национална безбедност, Марцел Биро и со Мате Лога, државен советник во Министерството за национална економија, за економски развој и национални финансиски сервиси.
Денешната работна посета е во насока на зајакнување на меѓусебната севкупна соработка меѓу двете земји особено на полето на одбрана и безбедноста и на економските врски.
Во рамки на денешната посета, како дел од македонската делегација, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски оствари средба со својот унгарски колега генерал Габор Боронди, а државниот секретар во министерството за одбрана Елизабета Чуповска Ристова оствари средба со заменик-министерот за одбрана, Тамаш Варга.
Македонија
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа, со што се решава долгогодишниот проблем со водоснабдувањето, изјави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„По даденото ветување за време на изборниот период, денес започнуваат градежните активности за поставување на нова водоводна мрежа во должина од повеќе од 600 метри, во соработка со Општина Бутел и ЈП „Водовод и канализација“, со што ќе се обезбеди сигурно, квалитетно и континуирано снабдување со вода за пиење за домаќинствата во Бел Камен“, вели Ѓорѓиевски.
Според него, овој зафат значи сигурно, квалитетно и континуирано водоснабдување за домаќинствата во Бел Камен, чиста вода за пиење во секој дом.
Ѓорѓиевски најави дека по поставувањето на новата водоводна мрежа, ќе следува и реконструкција на улиците.

