Македонија
За плочникот пред ГТЦ потрошени над половина милион евра
Градоначалникот Петре Шилегов, градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, денеска го промовираа новиот плочник кој се наоѓа помеѓу влезот на ГТЦ и градскиот плоштад. За реализацијата на овој проект од градскиот буџет се потрошени речиси 33 милиони денари

„Воведуваме нови стандарди во уредувањето на јавниот простор во Скопје. Овој простор пред само неколку месеци го препознававме како место каде што на првиот посилен дожд се собираше вода на пропаднатиот асфалт, што ни го ограничуваше движењето. Овој простор заедно со зелениот покрив на ГТЦ го претставуваат, всушност, новиот стандард за изгледот на јавниот простор во нашиот град и се вклопуваат еден во друг со цел нам и на граѓаните од целата држава да им биде простор на кој може да поминат убави моменти. За реализацијата на овој проект од градскиот буџет се потрошени речиси 33 милиони денари со вклучен ДДВ“, рече Шилегов.

Тој додаде дека тука е и местото каде што е родена Мајка Тереза, која при посетата на Скопје во почетокот на 80-тите години, заедно со тогашниот скопско-призренски бискуп Јоаким Хербут и тогашниот градоначалник Методи Антов, засадила 3 дрвца во малото паркче, а кои сè уште се таму.

„Овој тревник зад мене, за жал, во 2012 година од претходната власт бил продаден и на овој простор треба да никне 20-метарска, можеби и повисока зграда, и на аголот на стоковната куќа улицата да биде широка помалку од три метри. Овој простор е приватен и на него Градот не може да инвестира и да го уреди, меѓутоа додека сум јас градоначалник, заедно со градоначалникот на општина Центар и со советниците на Град Скопје, ќе се грижиме овој простор да остане јавен простор и нема да дозволиме да се изгради зграда. Ве повикувам и вас граѓаните, да застанете во одбрана на овој простор и да не дозволиме ова место, каде што беа тепани студенти, да никне зграда. Исто така, ги повикувам и надлежните институции, односно Јавното обвинителство и Јавното правобранителство, конечно, да бидат на ниво на своите функции што ги извршуваат и да ја поништат продажбата и да ја вратиме сопственоста каде што припаѓа. Овој простор е на Град Скопје, а не е простор на кој ќе се прават луди барокни експерименти“, нагласи Шилегов.

Плочникот е со површина од речиси 5. 000 квадратни метри, а е изграден од 3 вида плочки, на кои е изведена патека за лицата со инвалидитет. Поставена е и соодветна урбана опрема, која подразбира оптимален број клупи, канти за отпадоци, осветление, атмосферска канализација и заштитни столпчиња што ќе го спречат непрописното паркирање и движењето на возилата. Исто така, формирани се и дрвореди од 22 повеќегодишни дрвја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

