Македонија
Шилегов: Скопје е град за сите, во Шуто Оризари се инвестира интензивно првпат по подолго време

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов заедно со кандидатот за градоначалник на Општина Шуто Оризари Ферат Асан вечерва одржаа маалски средби со граѓаните од оваа општина. Тие беа придружувани од носителите на кандидатските советнички листи за Скопје, Софија Пејкова и за Шуто Оризари, Нежиме Саитова.
Осврнувајќи се на досегашниот период, Шилегов додаде дека во Шуто Оризари се инвестира интензивно за прв пат по подолго време.
– Ја реконструиравме улицата Индира Ганди во должина од 1900 метри од крстосницата со булеварите Босна и Херцеговина и Словенија до раскрсницата со ул. Нов Живот, а во моментов се реконструира и третата фаза од истата улица во должина од 800 метри, истакна Шилегов.
– Во рамките на програмата за одржување на сообраќајници на ЈП Улици и патишта преку меѓуопштинска соработка реконструирани се и делови од улиците Рељо, Кипарска, Брегалничка, Демирхисарска, Вашингтонска, Карабуница, Злетовска и други, додаде Шилегов.
– Инвестиравме во подобрување на водоводната и канализациска мрежа во висина од 13,5 милиони денари. Реализиравме партерно уредување, зазеленување и поставување на урбана опрема во дворот на училиштето Шаип Јусуф и асфалтирање на спортското игралиште во висина од 6,5 милиони денари, нагласи Шилегов.
Во делот на градското зеленило, Шилегов потенцираше дека во Шуто Оризари засадени се околу 500 садници и озеленети се 210 жардињери.
– Заради буџетските рестрикции во услови на пандемија проектот за Културен центар во Шуто Оризари беше одложен, но ќе биде повторно вратен во програмите за проектирање и изведба на објекти на Град Скопје. Шуто Оризари е општината со најбогата и најшаренолика автентична култура во целиот град и нејзините уметници, особено музичките, заслужуваат шанса да творат во институција со сите услови. Овој културен центар е од непроценливо значење и за кандидатурата за Европска Престолнина на Културата 2028, најавува Шилегов.
– Работиме и ќе продолжи да работиме заедно со граѓаните на секоја општина, на секое населено место, граѓаните од секоја етничка заедница. За нас секој човек е важен, секоја општина е важна, посочи Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити изврши увид на градежните активности за изградба на примарната водоводна мрежа во Мерово, Желино

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина, Изет Меџити, придружуван од градоначалникот на општина Желино, Блерим Сејдиу и пратеници од регионот, денеска изврши увид на градежните активности за реализација на проектот за изградба на примарната водоводна мрежа во селото Мерово, општина Желино.
Проектот предвидува изградба на дистрибутивната мрежа за водоснабдување во рамките на селото, изградба на поврзувачки цевковод од резервоарот до главната мрежа, отворање на нов бунар покрај постојниот, како и рехабилитација и проширување на веќе изграден резервоар.
Досега е извршено отворање на еден бунар и изградба на еден резервоар, кои во рамките на овој проект ќе бидат финализирани и модернизирани.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 15.847.359 денари, обезбедени од буџетот на надлежното министерство, а градежните активности се очекува да завршат до крајот на 2025 година.
„Одржливото снабдување со вода е еден од најважните приоритети на нашата Влада, бидејќи е директно поврзано со квалитетот на животот на граѓаните и развојот на нашите населени места. Со овој проект ставаме крај на децениските проблеми со недостиг на водовод во Мерово и им обезбедуваме на жителите подобри услови за живот“, истакна првиот заменик-претседател на Владата, Изет Меџити.
Оваа инвестиција претставува дел од стратешките проекти кои имаат за цел унапредување на основната инфраструктура и задоволување на елементарните потреби на граѓаните во сите населени места на општина Желино и пошироко.
Македонија
На Табановце се чека околу 10 до 15 минути за излез од државата

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен.
Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез е околу 10-15 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Општина Карпош: Го демантираме другарот на Мицкоски, Сотир Лукровски, дека има нерешени 11 000 предмети за легализација, а тој ќе ги решел за две и пол години

„Општина Карпош во целост го демантира другарот на Христијан Мицкоски, Сотир Лукровски, дека во општина Карпош има нерешени 11 000 предмети за легализација и замислете, тој ќе ги решел за две и пол години. Фактите говорат дека општина Карпош од 2011 до 2018 година има примено вкупно 12688 барања и од нив досега се решени 9385, а останати се уште 3303 барања“, велат од општина Карпош.
„Најголем дел од нив се со нерешени имотно-правни и оставински постапки и се чека на завршување на судска постапка, на друг дел е побарана дополнителна документација, и мал дел се во постапка за решавање.
За кандидатура на градоначалник основен услов за кандидатот е да биде добро информиран и да не кажува лаги. Ако кандидатот во кампања кажува лаги, какво ли ќе биде неговото функционирање како Градоначалник!?
Општина Карпош го замолува г-дин Христијан Мицкоски да го едуцира својот кандидат и го замолуваме да не ги вознемирува директорките на градинките и училиштата“, соопшти општина Карпош.