Македонија
Шилегов: Ќе бараме притвор за сторителот поради демолирањето на зелениот покрив на ГТЦ
По објавените снимки од страна на градоначалникот Шилегов на неговиот фејсбук-профил од демолирањето на зелениот покрив на ГТЦ, Шилегов даде изјава за медиумите во која потенцираше дека по завршувањето на процената на штетата Градот Скопје ќе достави пријава до МВР и ќе се бара притвор за сторителот.
„За наша среќа, безбедносните камери го снимија инцидентот, идентификуван е сторителот, Град Скопје и ГТЦ го пријавија случајот во МВР, извршен е увид и во тек е проценувањето на штетите. Оштетена е и инсталацијата, што претпоставува дека ќе стане збор за гонење за сторено кривично дело по службена должност. Доколку тоа се утврди, ќе побарам од јавното обвинителство да изрече мерка притвор за сторителот бидејќи не можеме како град да дозволиме да биде уништувано јавното добро, да биде уништувано она што го правиме со парите на граѓаните, а и нека биде конечно предизвик за Јавното обвинителство да почне да си ја работи работата онака како што треба. Моето мислење е дека досега не сме имале сериозен однос на оваа институција кон јавното добро. Нека заврши процената на вредноста на штетата, па во согласност со тоа ќе ја доставиме нашата пријава до МВР. Во координација сме со СВР Скопје и потоа ќе побараме од обвинителството да поднесе кривична пријава и да изрече мерка притвор бидејќи сторителот е познат и постои опасност да го повтори делото“, рече денеска Шилегов.
Зазеленувањето на покривот на ГТЦ е дел од проектот со кој Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) ќе го поддржи Градот Скопје во спроведувањето на Стратегијата за климатски промени – Отпорно Скопје. На зелениот покрив со површина од 1.800 квадратни метри ќе бидат засадени 29 висококвалитетни дрвја и повеќе од 30 други видови садници. Ќе бидат поставени неколку водени зони во форма на фонтани и базени, монтажна бина, партерно шаховско поле, кафе-бар, како и модерна урбана опрема од клупи, корпи за отпадоци и паркинзи за велосипеди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по влажни коловози. Слаб снег провејува на планинскиот премин Стража кој во мометот не се здржува на коловозот. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на Плетвар и Пресека, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Бутел, Ѓорче Петров и Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од ул. бр. 2 во с. Љубанци. (Општина Бутел)
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од улиците со бр. 1 и бр. 9 во с. Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локални врнежи од дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места претежно во западните и северните делови од снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а наместа во западните делови повремено засилен западен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има врнежи од дожд и снег.

